Свет
Трамп: Бајден помилува луѓе виновни за многу тешки злосторства
Американскиот претседател Доналд Трамп во својот говор го критикуваше потегот на сега веќе поранешниот претседател Џо Бајден непосредно пред да ја напушти Белата куќа за превентивно да помилува неколку политички фигури и членови на неговото семејство.
„Тој помилуваше луѓе кои беа многу, многу виновни за многу тешки злосторства“, рече републиканецот во својот втор говор по неговата инаугурација, осврнувајќи се конкретно на членовите на истражниот комитет на Конгресот кои ја осудија неговата улога во нападот на Капитол на 6 јануари 2021. Трамп додаде дека помилувањата на Бајден се срамни.
Непосредно пред да му ја предаде власта на Трамп, Бајден, во обид да спречи можна лична одмазда, превентивно помилува избрани функционери и државни службеници, како и пет членови на неговото семејство, настојувајќи да ги заштити од можна одмазда на Трамп.
Откако неговиот републикански наследник вети дека ќе им се „одмазди“ на своите политички противници, 82-годишниот демократ во заминување одлучи да ги заштити луѓето на црната листа на Трамп од „неоправдани и политички мотивирани правни дејствија“.
Меѓу нив се поранешниот претседател на Здружениот Генералштаб, генерал Марк Мили, поранешниот архитект на стратегијата за Ковид-19 на администрацијата на Бајден, Ентони Фаучи, и луѓе кои учествуваа во комисијата задолжена за истрага на нападот на Капитол на 6 јануари 2021 година, како и полициски службеници кои дадоа исказ пред истата комисија.
Бајден помилува и пет членови од неговото семејство, велејќи дека сака да ги спречи да бидат цел на „неосновани и политички мотивирани истраги“.
Меѓу помилуваните се и неговите двајца браќа Џејмс и Френсис. На листата се и Сара, сопругата на Џејмс Бајден, сестрата на Бајден, Валери и нејзиниот сопруг Џон.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
(Видео) Експлозија на руски танкер во Црното Море: постои ризик од потонување
Рускиот танкер „Каирос“, кој е под санкции, беше оштетен во експлозија во близина на Босфорскиот теснец во Црното Море во петокот. Бродот е поврзан со таканаречената „флота во сенка“ на Москва, која се користи за избегнување на западните санкции врз рускиот извоз на енергија, објави Ројтерс.
Турското Министерство за транспорт и инфраструктура соопшти дека „Каирос“ пријавил „надворешен удар“ додека бил на пат кон руското пристаниште Новоросијск, 28 наутички милји од турскиот брег. Експлозијата предизвикала пожар во машинската просторија на бродот, а турските спасувачки служби започнале операција за евакуација на 25 членови на екипажот.
An explosion and fire broke out in the engine room of the Gambian-flagged tanker Kairos while it was sailing in ballast about 52 miles north of the Bosphorus in the Black Sea, shipping agency Tribeca said. pic.twitter.com/Hvp8Ov4j5r
— Levent Kemal (@leventkemaI) November 28, 2025
Според агенцијата за бродски превоз „Трибека“, „Каирос“ можеби удрил во мина и е во опасност да потоне. Спасувачки влекачи и крајбрежната стража беа испратени на местото на настанот за да обезбедат помош.
Извор за Ројтерс изјави дека друг танкер, „Вират“, исто така претрпел експлозија во Црното Море. И двата брода се на списокот на санкционирани бродови поврзани со руската „флота во сенка“.
Европа
(Видео) Украинците уништија руски систем за воздушна одбрана вреден 60 милиони долари
Украинските сили за беспилотни системи објавија дека уништиле три вредни руски противвоздушни системи со вкупна проценета вредност од околу 60 милиони долари – Бук-М1, Бук-М2 и Тор-М2 – за време на тридневен напад со беспилотни летала.
Во соопштение на социјалните мрежи, тие велат дека операторите од батаљонот Асгард на 412-та бригада Немезис, заедно со 12-от Центар за специјални намени и специјалната единица „Кабул 9“ на Воената разузнавачка служба (ХУР), погодиле три важни цели: системите Бук-М1, Бук-М2 и Тор-М2.
Уништените системи се меѓу највредната руска опрема на бојното поле.
Европа
(Видео) „Ризикуваме да изгубиме сè“: драматичен говор на Зеленски по падот на вториот човек на Украина
Украинскиот претседател Володимир Зеленски се огласи на Фејсбук за прв пат по оставката на Андриј Јермак, шефот на кабинетот на украинскиот лидер.
Како што нагласи на самиот почеток, „Русија едвај чека Украина да прави грешки“.
– Ние нема да ги правиме. Нашата работа продолжува. Нашата борба продолжува. Немаме право да не успееме, немаме право да се повлечеме или да се свртиме едни против други. Ако го изгубиме единството, ризикуваме да изгубиме сè – себеси, Украина и нашата иднина. Мора да стоиме заедно. Мора да издржиме. Нема друг избор. Никогаш нема да има друга Украина. Ние ја браниме Украина. Слава на Украина! – рече Зеленски.
Зеленски денес објави дека неговиот шеф на кабинетот, Андриј Јермак, поднел оставка.
– Прво: Канцеларијата на претседателот на Украина ќе назначи ново лице на чело – шефот на кабинетот, Андриј Јермак, ја потпиша својата оставка – рече Зеленски во своето вечерно обраќање, пренесува Интерфакс Украина.
Тој му се заблагодари на Јермак за неговата досегашна работа и рече дека утре ќе одржи консултации за тоа кој би можел да биде новиот шеф на неговиот кабинет, пренесува УНИАН.

