Македонија
Речиси 170 жени годишно заболуваат од рак на грлото на матката во Македонија
Во Македонија се забележува дека бројот на нови случаи за 2022 година со рак на грлото на матка изнесува 173, а бројот на починати од ова заболување бил 66, спотед податоците што ги објави Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).
Во периодот од 10 години, односно од 2013 до 2022 просечната, инциденцијата за ова заболување била 9,2 на 100.000 жени или речиси 170 нови случаи секоја година, тоа го прави ракот на грлото на матката шесто најчесто малигно заболување кај жените.
Според податоците за морталитет, морталитетот изнесува 2,9 смртни случаја на 100.000 жени или во просек 52 починати жени во овој период од рак на грлото на матката.
„Со редовни прегледи и водење добра грижа за сопственото здравје сите овие смртни случаи може да бидат избегнати бидејќи добар скрининг и раното откривање на сите случаи води кон добри можности за ефикасен третман и избегнување многу смртни случаи“, велат од ИЈЗ.
Извештајојт доаѓа во јануари – месец посветен на подигнување на свеста за ракот на грлото на матката – еден од најчестите и најпревентабилни видови рак кај жените. Ракот на грлото на матката се развива бавно, што овозможува рано откривање преку редовни гинеколошки прегледи и скрининг-тестови, како што се ПАП-тестот и тестирањето на хуман папилома вирусот (HPV).
Што го предизвикува ракот на грлото на матката?
Главниот причинител е инфекцијата со ХПВ, вирус што се пренесува по сексуален пат. Иако повеќето ХПВ-инфекции не се опасни и спонтано исчезнуваат, некои типови на вирусот може да доведат до појава на преканцерозни промени или рак (тоа се ХПВ 16, 18, 31, 33, 35, 39, 45, 51, 52, 56, 58 и 59).
Покрај хуманиот папилома вирус (ХПВ) како најчест предизвикувач, други фактори што го зголемуваат ризикот за развој на ова заболување се:
– ран почеток со сексуални односи – поголема изложеност на ХПВ-вирусот во помлада возраст;
– повеќе сексуални партнери – зголемен ризик за ХШВ-инфекција;
– слаб имунолошки систем – намалената способност на организмот да се бори со инфекции го зголемува ризикот;
– пушење – хемикалиите во тутунот може да придонесат за развој на рак на клеточно ниво.
Како може да се спречи ракот на грлото на матката?
– вакцинација против ХПВ – ова е најефикасниот начин за превенција. Вакцината се препорачува за девојчиња и момчиња уште од рана возраст;
– редовни скрининг-прегледи – жените треба редовно да прават ПАП-тест и ХПВ-тест во согласност со препораките на лекарот;
– безбедни сексуални практики – употребата на заштита го намалува ризикот од ХПВ-инфекција;
– симптоми на рак на грлото на матката.
Во раните фази овој рак често нема симптоми. Но, напреднатите фази може да предизвикаат:
– абнормално вагинално крвавење помеѓу циклус, по менопауза или по сексуален однос;
– болка за време на сексуален однос;
– болка во грбот, нозете или карлицата;
– необичен вагинален исцедок со интензивна непријатна миризба;
– губење телесна тежина и апетит, проследени со слабост и малаксаност;
– отоци на нозете;
– раното откривање и навременото лекување значително ги зголемуваат шансите за излекување.
Како се спроведуваат скрининг-тестовите?
– ПАП-тест (Папаниколау тест): овој тест е брз и безболен. Земениот примерок од клетките на грлото на матката се анализира за да се откријат промени што може да водат кон рак;
– ХПВ-тест: го открива присуството на високоризични типови на хуман папилома вирусот, кои се поврзуваат со рак;
– редовното извршување на овие тестови, според националните и светските препораки, е клучно за рано откривање на преканцерозните промени.
Важноста од ХПВ-вакцинацијата
Вакцината против ХПВ е препорачана за:
– девојчиња и момчиња од 9 до 14 години, пред почетокот со сексуалната активност;
– лица до 26 години, кои не се вакцинирани во детството;
– ХПВ-вакцината е безбедна и ефикасна и драматично го намалува ризикот од развој на рак на грлото на матката и други ХПВ-поврзани заболувања.
Третман и грижа за заболените
Третманот за рак на грлото на матката зависи од стадиумот на болеста:
– рани фази: хируршка интервенција или минимално инвазивни процедури;
– подоцнежни фази: комбинација од радиотерапија и хемотерапија;
– поддршката за жените што поминуваат низ ова искуство е исто толку важна како и медицинскиот третман. Групите за поддршка, психолошката помош и социјалната поддршка играат клучна улога во подобрувањето на квалитетот на животот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ реагира: Ако СДСМ не ја краделе државата, минималната плата денес ќе беше и повисока
Предлог-законот на СДСМ за минимална плата од 600 евра е доказ дека доколку не ја краделе државата додека биле на власт, работниците денес ќе имале и повисока минимална плата, соопштуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата наведуваат дека СДСМ денес поднеле предлог-закон со кој се предвидува минимална плата од 600 евра и дека во истиот навеле дека за таа мерка се потребни околу 7,5 милијарди денари, односно околу 110 милиони евра, но не објасниле од каде би се обезбедиле тие средства.
Според ВМРО-ДПМНЕ, добрата страна на предлог-законот е што, како што велат, покажува дека СДС имале можност во минатото да ја зголемат минималната плата и до 600 евра, но тоа не го направиле.
Во реакцијата се наведува и дека доколку не била дозволена злоупотреба на околу 170 милиони евра државни пари за набавка на, како што велат, канцероген мазут со кој бил загадуван воздухот, работниците денес можеле да имаат и повисока минимална плата, можеби и од 700 евра.
Од ВМРО-ДПМНЕ дополнуваат дека СДСМ и ДУИ, според нив, наместо да работат во интерес на граѓаните, гледале како да ја ограбат државата и да си ги наполнат сопствените џебови.
Македонија
Променливо облачно со повремен дожд: снег на планините и заладување во недела
Утре времето ќе биде променливо облачно, со слаб повремен локален дожд, а на планините и на повисоките места со слаб снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од променлив правец. Минималните температури ќе се движат од 0 до 6 степени, а максималните од 7 до 11 степени.
Во Скопје ќе преовладува променливо облачно време со повремен слаб дожд. Минималната температура ќе се спушти до 5 степени, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Во наредните денови продолжува периодот на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег. Пообилни врнежи се очекуваат во недела, кога дождот ќе преминува во снег и во дел од пониските места.
Македонија
Јаневска: Македонија доби 8,2 милиони евра од ЕУ за спроведување на ЕРАЗМУС програмата во 2026 година
За спроведување на ЕРАЗМУС + програмата на Европската комисија наменета за образование, обука, млади и спорт, Македонија годинава доби најголем буџет откако во истата учествува како програмска земја. Со речиси 8,2 милиони евра ќе се финансираат заеднички проекти на македонските образовни установи, институции и граѓански организации со партнери од земјите во ЕУ, како и кратки истражувачки и студиски посети.
Можностите за вмрежување, приоритетните области, постапката за изработка и роковите за аплицирање со проекти денес беа претставени на конференција на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во присуство на ректори на јавните и приватните високообразовни установи во државава, претставници на училишта, граѓански здруженија и други потенцијални корисници на средства во рамки на ЕРАЗМУС програмата, се обратија претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, министерката за образование и наука Весна Јаневска и директорката на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Ана Михајлов.
На конференцијата беше посочено дека во фокусот на програмата се младите, односно јакнење на нивното знаење и вештини во границите на ЕУ, со кои потоа ќе придонесат за развој на сопствената држава.
Министерката Јаневска смета дека и оваа година ќе има ефикасна искористеност на можностите, затоа што државата има зајакната законска основа во која задолжителни компоненти се мобилноста, европската димензија и меѓународната соработка, зајакнати се и капацитетите на Националната агенција каде има ново раководство и добра внатрешна структура, а воедно и МОН како национален авторитет ги засилува механизмите за контрола на целиот процес за спроведување на програмата ЕРАЗМУС.
Таа ги повика заинтересираните кандидати да ги разгледаат можностите и со свои проекти да аплицираат на повиците за распределба на средства, што Националната агенција ќе ги објави на 19 февруари, односно на 5 март.
Македонија е дел од ЕРАЗМУС програмата уште од нејзиното воведување од страна на Европската комисија во 2014 година, кога буџетот изнесуваше 3,5 милиони евра.

