Македонија
Медведев: На светот не му треба златното доба на Америка, туку развојот на човештвото

Како одговор на изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп за „златната ера“ на САД, заменик-претседателот на рускиот совет за безбедност Дмитриј Медведев денеска оцени дека современиот свет не го интересира „златното доба на Америка“, туку развојот на целото човештво.
Коментирајќи ја денешната видео-конференција меѓу рускиот претседател Владимир Путин и кинескиот лидер Си Џинпинг во позадина на инаугурацијата на Трамп, Медведев истакна дека тоа е најдобар доказ за мултиполарноста на современиот свет и стратешкото партнерство меѓу Русија и Кина, пренесува РИА Новости.
„И уште еднаш на сите им стана очигледно дека современиот свет не е заинтересиран за златното доба на Америка, како што театрално рече вчера Доналд Трамп, туку за развојот и просперитетот на целото човештво“, напиша Медведев на својот канал на Телеграм.
Американскиот претседател во заминување Џозеф Бајден во суштина го започна конфликтот меѓу колективниот Запад и Русија, кој за малку ќе се претвори во нуклеарен конфликт со учество на НАТО, изјави претходно Медведев на својот канал Телеграм.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Нема недопирливи и заштитени поединци

Според владејачката ВМРО-ДПМНЕ, времето „како до сега“ заврши, и почитувањето на законите и процедурите е правило кое секој треба да го почитува. Во партиското соопштение се наведува дека нема недопирливи и заштитени поединци под политичка закрила, ниту предмети во фиока и заташкувања на случаи.
Како пример, се посочува случајот со бившиот началник од Демир Хисар, кој беше експресно разрешен поради недолично однесување при извршување на работните активности, а против него е покрената и дисциплинска постапка.
Во соопштението се нагласува дека ваков пристап на неселективност и санкционирање на самоволието и кршењето на законот немало во времето на Заев, Спасовски и Ахмети, кога се апсеа само политички неистомисленици, додека криминалците и локалните шерифи од нивните редови биле заштитени.
Се наведува дека тогашните служби покажувале сила единствено кон политичари од спротивниот табор, користејќи апсења во раните утрински часови, влегувања по домови без судска дозвола и политички терор.
ВМРО-ДПМНЕ заклучува дека сега, согласно закон и процедура, секој кој ќе се огреши ќе одговара без разлика на позицијата што ја извршува.
Македонија
Штедачите на „Еуростандард банка“: Пет години нема ниту едно обвинение, ниту еден обвинет, ниту едно рочиште

Пет години по затворањето на „Еуростандард банка“, оштетените штедачи повторно јавно реагираат дека истрагата на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал стагнира – без обвиненија, без обвинети и без рочишта. „Само молк, само време што истекува, само надеж што бледнее,“ велат од Здружението.
„Не го забораваме јавното признание на Трифун Костовски за сторен криминал – незаконското префрлање на 3 милиони евра депозити во Комерцијална банка. Не ги забораваме фирмите поврзани со директори, роднини и бизнис-кругови, кои добиле кредити без реални гаранции. Не ги забораваме погледите на нашите најмили кога сфатија дека нивната макотрпна заштеда исчезнала преку ноќ поради недомаќинско работење на поедини криминогени умови. Не забораваме дека според извештајот за стечајот, 149 фирми не вратиле ниту една рата, а 58 од нив добиле кредити вредни 16,8 милиони евра, обезбедени само со обични меници“, велат штедачите.
Истакнуваат дека голем дел од оштетените се пензионери, работници и мали бизниси. Тие обвинуваат за „внимателно испланиран криминал“ во кој се вклучени лица од бизнис и семејни кругови на поранешни директори.
„Ќе постоиме додека последниот денар не биде вратен и додека последниот одговорен не биде изведен пред лицето на правдата. Во целиот овој план единственото нешто што не го планирале е дека ние – оштетените – ќе се обединиме и нема да замолчиме,“ порачаа од Здружението, прашувајќи дали побрзо ќе се изгради пругата Скопје–Солун отколку што ќе се поднесе обвинение за криминал тежок над 50 милиони евра.
Македонија
Без струја две улици во Илинден и Волково

ЕВН Македонија АД известуваат дека на денес без електрична енергија ќе останат:
· од 08.30 до 12.30 часот, корисниците на улица бр. 27 во нас. Илинден. (Општина Илинден)
· од 09.00 до 11.00 часот, корисниците на улица бр. 33 во нас. Волково. (Општина Ѓорче Петров)