Македонија
СДСМ: Мицкоски немал ниту официјална покана за инаугурацијата на Трамп, ниту бил дел од неа

Патувањето на премиерот Мицкоски во САД требаше да биде дипломатска мисија од висок ранг, но се претвори во евтина ПР фарса на сметкa на граѓаните која не им носи ништо ниту на нив ниту на државата, велат од СДСМ преку соопштение.
„Владата три дена го продаваше ова патување како „историски успех“ но вистината е сосема поинаква: премиерот немал ниту официјална покана за инаугурацијата на претседателот Трамп ниту бил дел од неа. Наместо тоа, тој присуствувал на партиски митинг организиран од Републиканската партија, од каде инаугурацијата ја следел на монитор.
Наместо сериозни средби со светски лидери или високи дипломати, добивме фотографии од хотелски лобија, ракувања „на нога“ со новинари и неколку бизнисмени од кои повеќето само пред два месеци беа тука кај нас. Ова патување не донесе ниту еден конкретен бенефит за државата, а јавноста со право прашува: колку чини овој спектакл и што добија граѓаните за возврат?
Истовремено, бугарските медиуми открија дека зад целата организација стои ПР агенција која овозможува странски политичари да присуствуваат на вакви настани за „да си направат слики“. Тоа значи дека ова не е ниту дипломатски успех, ниту признание, туку обична промоција на Мицкоски платена со пари од народот.
Според првичните проценки, ова патување ја чини државата стотици илјади евра – средства кои можеше да се искористат за реални потреби на граѓаните. На пример, со овие пари можеше да се реконструираат неколку училишта, да се купат 10 нови амбулантни возила за итната помош или да се дадат како поддршка за ранливи групи кои мака мачат со трошоците за живот.
Додека Владата троши на лажен престиж, граѓаните секојдневно се борат со сиромаштијата, со цените кои растат благодарение на Мицкоски и неговиот поданички однос кон трговците, немаат терапија во болниците. Можеби Мицкоски требаше да си го купи новиот авион кој го најавува па со него да оди да се слика во хотели.
Најголемиот срам доаѓа со обидот на Владата ова патување да го продаде како „голем дипломатски успех“. Во домашните медиуми, премиерот се претставува како „единствениот политичар од Балканот“ кој добил покана за инаугурацијата на Трамп. Но, вистината е далеку од тоа – тој беше дел од толпата на митинг и не беше поканет на официјалниот настан. Дипломатијата подразбира средби, резултати и визија за државата. Мицкоски ни понуди само слики за Фејсбук.
Граѓаните заслужуваат транспарентност. Заслужуваат да знаат колку чинеше ова патување и кој го организираше. Заслужуваат да знаат зошто Владата троши пари на вакви спектакли, додека народот едвај врзува крај со крај.
Македонија заслужува лидер кој ќе ја претставува со достоинство, а не турист кој ги користи парите на граѓаните за лажна слава.
Ова не е дипломатија, ова е фарса – и ние сите ја плаќаме цената!“, се вели во соопштението на СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
32-годишен скопјанец осомничен за разбојништво во Бучимци: маскиран и со ловечки нож ограбил соселанец

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против едно лице осомничено за кривично дело – Разбојништво од член 237 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Осомничениот 32-годишен скопјанец, на 18 август, маскиран со маица со која си го покрил лицето и капа, преку незаклучена влезна врата влегол во домот на негов соселанец во селото Бучимци. Во рацете држел ловечки нож и кога во една од собите го затекнал сопственикот, му се заканил дека ќе го убие ако не му даде пари.
Оштетениот, исплашен за својот живот, извадил 4.000 денари од комодата, но го замолил разбојникот да му дозволи да задржи барем 1.000 денари, бидејќи му се неопходни.
Осомничениот се согласил и го напуштил местото со 3.000 денари кои противправно ги одзел од сопственикот.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот, бидејќи постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство, можност за влијание врз сведокот/оштетен со заплашување и уценување, како и можност да го повтори делото.
Македонија
Зголемена фреквенција на возила на граничните премини Табановце и Богородица

Поради пожар во националниот Парк Јасен, регионалниот пат Р1106 Македонски Брод – Скопје затворен е за секаков вид на возила, извести АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќајот на патиштата надвор од градските средини е зголемен. Поради летните одмори, се бележи зголемена фреквенција на возила, на ГП „Табановце“ времето на чекање за влез е околу 20 минути, за излез е околу 40 минути.
На ГП „Богородица“ времето на чекање за излез знесува околу 20 минути, додека на останатите гранични премини од македонска страна нема подолги задржувања при влез или излез од државата.
Македонија
Вицепремиерот Николоски во Будимпешта на прослава на Националниот ден на Унгарија

Вицепремиерот Александар Николоски на покана на премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, присуствува на Националниот ден кој се слави во чест на Свети Стефан основачот на унгарската држава и христијанството во Унгарија.
Покрај учеството на прославата на националниот ден, предвидени се повеќе средби со високи претставници на владата на Унгарија, неколку министри и потенцијални инвестиции. На средбите е предвидено да се разговара за динамиката на проектите во Македонија како и за идната засилена економска соработка помеѓу двете држави.
Посетата на вицепремиерот е уште една потврда за одличното пријателство и соработката помеѓу Македонија и Унгарија, се додава во соопштението на Министерството за транспорт.