Македонија
СДС не најде дека е потребно да поздрави ниедна важна средба на премиерот Мицкоски во САД, велат од ВМРО-ДПМНЕ
„СДС антидржавна партија, продолжува да тоне во нивната безидејност и криминал. Поради нивната злоба не можат да го видат, а уште помалку да го поздрават различниот и позитивен пристап на премиерот Мицкоски во водењето и претставувањето на државата“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Премиерот Мицкоски беше единствениот лидер од Балканот во посета на САД и кој учествуваше на инагурацијата на претседателот Доналд Трамп, и тоа го искористи за да оствари бројни средби со влијателни политички претставници и успешни бизнисмени.
Меѓу средбите кои ги оствари премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, беа тие со претседателот на Републиканската партија на САД, Мајкл Батли како и со Ден Бонџино, еден од најблиските соработници на претседателот Трамп.
Мицкоски оствари средби и со други влијателни личности како Ричард Гренел, Џеси Спиро, Девин Нунез, Такер Карлсон, Марко Галина, како и со македонската дијаспора и со нивни влијателни претставници како Крис Павловски, Џон Битов, Ендру Пејков и многу други.
Борбата за подобар живот, повисок стандард, поквалитетно образование, поконкурентна економија, како и борбата против корупцијата и криминалот, подобрувањето на инфраструктурата, подобрувањето на здравството беа дел од темите во фокусот на средбите во САД.
Сите средбите кои што ги оствари Мицкоски, беа во функција на искористување на потенцијалот во економската соработка со цел инвестиции во Македонија, кои ќе создадат подобри услови за живот и посигурна иднина за сите.
На средбите во САД премиерот Мицкоски, исто така, зборуваше и лобираше за поддршка во борбата за заштита на македонските национални интереси и враќање на достоинството на македонскиот народ, во однос стратешкиот интерес за побрзо полноправно членство во Европската Унија.
Ова е добар чекор за достоинствено претставување и позиционирање на Македонија во меѓународната политичка заедница. Со ова се покажува дека за разлика од времето на владеење на СДС антидржавна, кога на секое нивно излегување од државата ги распродаваше националните интереси, сега има некој кој секоја можност ја користи за нивна заштита и промовирање.
И наместо да го поздрават овој пристап и важните средби во Америка, СДС антидржавна избра да тоне во безидејноста и сопствениот криминал“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Јаневска на Саем за образование и кариера: одлична идеја за промоција на македонското високо образование
Министерката за образование и наука, Весна Јаневска присуствуваше на отворањето на Саемот за образование и кариера 2026, што трета година по ред го организира студентската иницијатива Студентарија во соработка со Скопје Сити Мол. Во своето обраќање преку присутните посочи дека станува збор за одлична идеја за промоција на македонското високо образование и за поврзување на високообразовните установи со компаниите и бизнис секторот, а со крајна цел – олеснување на младите во изборот на областа каде ќе се надградуваат и работат.
„Гледам млади луѓе во голем број – средношколци кои треба да одлучат на крстопатот во кој правец ќе се движат, студенти кои ќе продолжат да се надградуваат, а некои се во потрага по можности за вработување и кариера во сопствената земја. Од друга страна, има и компании кои им ги нудат тие можности на младите и јас во оваа прилика ги повикувам и сите останати да ги отворат вратите, да ги подобруваат материјалните и нематеријалните услови за работа, бидејќи само така ќе ги задржиме во нашите граници и ќе им овозможиме да успеат лично и да придонесат за нејзиниот развој“, рече Јаневска.
Министерката посочи дека верува во подобра иднина за македонското високо образование, а тоа е цел за која Владата интензивно се заложува во досегашниот тек на мандатот.
„Ќе ја постигнеме оваа цел преку континуиран раст на буџетот и преку усвојување и спроведување на ново законско решение, кое е во фаза на подготовка во заедништво со универзитетите и пошироката јавност. Истиот ќе воспостави ред, нови студиски програми, модернизација на постојните, поголема меѓународна соработка, подобар студентски стандард и раздвижување на научната дејност“, додаде Јаневска.
Изрази очекувања дека саемот ќе прерасне во традиција и ќе биде успешен затоа што, како што рече, се работи за иницијатива на млади луѓе од Македонија кои ја сакаат државата, и се посветуваат за подобрување на состојбите во својата татковина и на задржување на новите генерации во овие граници.
Македонија
Ѓорѓиевски-Варнс: борбата против корупцијата, демократските процеси и зајакнувањето на учеството на граѓаните во локалната самоуправа во фокусот
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски денеска оствари средба со вршителката на должноста шеф на мисијата во Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Македонија, Никол Варнс.
На средбата беше изразена подготвеност за продлабочување на досегашната соработка, со посебен акцент на борбата против корупцијата, унапредувањето на демократските процеси и зајакнувањето на учеството на граѓаните во локалната самоуправа.
Градоначалникот ги презентираше и тековните проекти на Град Скопје во областа на сообраќајната инфраструктура, јавната хигиена и зелените површини.
Соговорниците разговараа и за продлабочување на соработката меѓу збратимените градови преку образовни и културни размени, како и за реализација на идни заеднички проекти насочени кон подобрување на квалитетот на живот на граѓаните.
Македонија
Герасимовски: Стихови и музика во Центар, објавен е јавен повик за реализирање на Светскиот ден на поезијата
Општина Центар објави Јавен повик за реализација на проектот „Светски ден на поезијата“, со цел достојно одбележување на 21 Март, денот кога ширум светот се слави поетскиот збор.
Настанот има за цел да ја афирмира македонската поезија, да ја истакне нејзината вредност и да го потврди безвременскиот карактер на делата на македонските поети.
Во рамките на проектот се предидени содржини што ќе го спојат поетскиот израз со соодветна музичка поддршка, создавајќи автентично уметничко доживување за публиката.
„ Општина Центар особено внимание посветува на проектите од областа на културата , афирмацијата на македонскиот јазик и творешвото. 21 Март, Светскиот ден на поезијата, но и на пролетта, ќе го прославиме со стихови и музика, како што доликува. Ги повикувам сите креативци, љубители на поетскиот збор да се пријават и да ни се приклучат во организирање на овој убав настан“, рече градоначалникот Горан Герасимовски.
Рокот за поднесување на пријавите е 5 дена од денот на објавување на Јавниот повик на веб-страницата на Општина Центар.

