Македонија
Спорната пратка за Хрватска содржи свеж кељ а не зелка, и во истата нема пестициди, велат од Државниот инспекторат за земјоделство
Државниот инспекторат за земјоделство излезе со соопштение по добивањето на известувањето од системот за брзо известување на ЕУ (RASAFF – Window) од Република Хрватска во врска со пратка на свеж кељ (Brassica oleracea var sabauda), која била идентификувана како небезбедна од страна на хрватската царинска служба при увозот. Првично од Државниот Инспекторат за Земјоделство потенцираа дека во медиумите се појавија соопштенија кои не се точни бидејќи посочуваат на пратки на зелка, а во конкретниов случај станува збор за свеж кељ. Според Хрватскиот извештај, се утврдило присуство на забранета активна материја imidacloprid во производот, којашто од 1.12.2020 во рамки на Регулативата на ЕУ 2020/1643 е забранета за употреба. Извозот е остварен на 9.1.2025 година а пратката која што била заджана на граничниот премин е со вкупно количество од 2700кг.
По добивањето на оваа информација, Државниот инспекторат за земјоделство направи 20 вонредни контроли од страна на внатрешни фитосанитарни инспектори кај регионалниот откупувач и извозник, при што е констатирано дека земјоделскиот производ свеж кељ е откупен од земјоделско стопанство во с.Јосифово, Валандово. Инспекцискиот надзор беше спроведен кај 20 земјоделски стопанства меѓу кои и производителот од кој потекнува свежиот кељ, и се земени мостри за да се утврди дали има присуството на забранената активна материја. По добиениете резултати Државната Фитосанитарната Лабораторија беше констатирано дека нема присуство на ниту една забранета активна материја во земените примероци. Во рамки на акцијата беа изречени решенија за водење на евиденција и глоба во износ од 700 евра, по истиот основ.
Во изминатите денови беа извршени дополнителни проверки и анализи, а директорот на Државниот инспекторат за земјоделство, Васе Анакиев, во рамки на изјавата за медиуми апелираше дека водењето на листа за евиденција на третирање на растенија и растителни производи е задолжително.
„Државниот инспекторат за земјоделство во континуитет ги следи сите аспекти на безбедноста на земјоделските производи што се извозуваат или увезуваат во нашата држава. Нашата основна задача е да обезбедиме гаранција дека производите кои ги испорачуваме на странските пазари, како и оние што ги увезуваме, не содржат забранети или опасни активни материи кои можат да претставуваат ризик за здравјето на луѓето. Во случајот со кељот извезен во Хрватска, по извршените контроли и анализи, можеме да потврдиме дека нема присуство на опасни материи. Но, и понатаму ќе продолжиме со интензивни надзори за да осигуриме безбедност на сите земјоделски производи во нашата држава“,посочи Анакиев.
Иако во Македонија пазарот на пестициди кои содржат imidacloprid е веќе регулиран, и понатаму се изведуваат редовни и вонредни инспекциски надзори. На овој начин, се осигурува дека земјоделците ги следат законските регулативи и дека не се користат забранети хемикалии кои можат да доведат до затруени производи.
За дополнителни информации, граѓаните се упатуваат да ги следат сите нови извештаи и да се консултираат со надлежните органи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Петнаесетгодишник претепан пред обложувачница во Скопје
Осумнаесетгодишник ноќеска претепал петнаесетгодишник пред обложувачница во Скопје, а настанот го пријавиле лекарите од Клинички центар.
„Утрово во 06:31 часот во Полициската станица Кисела Вода од Ургентен центар при комплекс клиники ’Мајка Тереза’ во
Скопје е пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди е донесен 15-годишник од Скопје, кој претходно, според пријавеното околу 00:30 часот во обложувачница во Скопје бил физички нападнат од Л.В.(18)“, извести МВР.
Полицијата презема мерки за расчистување на случајот.
Македонија
Двегодишно дете со тешки телесни повреди од Битола пренесено во Скопје, го нападнале кучиња скитници додека си играло
Лекарите од Клиничката болница во Битола вчера во полиција приавиле дека примиле двегодишно дете со тешки телесни повреди по напад од кучиња скитници.
„Доктор од Клиничка болница Битола пријави дека кај нив со тешки телесни повреди е донесено двегодишно дете од Битола, кое, според пријавеното, додека си играло во близина на семејната куќа во Битола, било нападнато од кучиња скитници. Детето е пренесено во Комплекс клиники ’Мајка Тереза‘ во Скопје“, соопшти МВР.
СВР Битола презема мерки за расчистување на настанот.
Македонија
Измамена 76-годишна битолчанка: се претставил како лекар и ѝ зел 7.000 евра за да ја спаси внуката повредена во сообраќајка
Во полицијата во Битола, 76-годишна жена вчера пријавила дека била измамена за 7.000 евра.
„76-годишна жена од Битола пријави дека била измамена од страна на непознато машко лице, кое и се јавило на телефон и ѝ се претставило како лекар, по што и кажало дека нејзината внука е тешко повредена во сообраќајна несреќа и треба да даде пари за да ѝ го спаси животот. Пријавителката заедно со сопругот однеле 7000 евра и ги дале на едно лице кое, според договорот, ги чекало кај саатот во Битола. Подоцна, пријавителката сфатила дека била измамена односно дека нејзината внука не учествувала во сообраќајна несреќа“, соопшти МВР.
Полицијата презема мерки за расчистување на случајот.

