Македонија
Влажните коловози и маглата го отежнуваат сообраќајот

Сообраќајот на државните патишта во Македонија се одвива во зимски услови, со наместа влажни коловози и намалена видливост поради магла. Според информациите од АМСМ, маглата го намалува видното поле на одредени делници, особено на патните правци Штип – Неготино, Неготино – Демир Капија – Удово, Велес – Скопје, како и Скопје – Куманово и Куманово – Скопје, каде видливоста е ограничена на 50-100 метри. На делниците Куманово – Страцин, Делчево – Македонска Каменица и Велес – Штип, видливоста е до 100 метри, додека на патниот правец Скопје – Тетово се намалува на само 20-50 метри.
Интензитетот на сообраќај надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува на возачите внимателност, прилагодена брзина на движење и почитување на сообраќајната сигнализација. Особено се препорачува претпазливост на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде постои ризик од одрони. Критични делници за одрони се Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Возачите потсетуваме дека од 15 ноември 2024 година започна обврската за задолжително поседување зимска опрема во возилата, без оглед на временските услови. Оваа обврска останува на сила до 15 март 2025 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Земјотрес рано утринава ги разбуди граѓаните на Валандово и на околината

Утрово во 5:54 часот, земјотрес со јачина од 3,3 степени според Рихтеровата скала го стресе регионот околу Валандово, информира Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје.
Телеметриската сеизмолошка мрежа на Македонија го регистрирала потресот на неколку сеизмолошки станици ширум државата, при што е утврдено дека епицентарот се наоѓа во епицентралното подрачје Валандово, оддалечено околу 120 километри југоисточно од главниот град.
Според првичните информации од Сеизмолошката опсерваторија, земјотресот бил почувствуван во Валандово и околните населени места со интензитет од IV степени според Европската макросеизмичка скала (EMS).
Засега нема информации за причинета материјална штета или повредени лица, но локалното население на социјалните мрежи известува дека потресот бил „краток, но силен“, и ги разбудил во раните утрински часови.
Сеизмолозите продолжуваат да ја следат ситуацијата и ги повикуваат граѓаните на смиреност, посочувајќи дека ваквите потреси се честа појава во сеизмички активниот регион на југоисточна Македонија.
Македонија
Колони на границите, на „Богородица“ се чека до 40 минути, на „Табановце“ до 30 минути

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено и по суви коловози, но фреквенцијата на возила, особено кон граничните премини, денеска е значително зголемена, информира Автомотосојузот на Македонија (АМСМ).
Најголема гужва има на Граничниот премин Табановце, каде времето на чекање за влез и излез од државата е од 15 до 30 минути. На Богородица ситуацијата е уште поинтензивна – за излез од државата се чека до 40 минути, додека на ГП Дојран времето на задржување е 20 до 30 минути.
„Состојбата на патиштата е стабилна и коловозите се суви, но фреквенцијата е зголемена. Апелираме до сите учесници во сообраќајот да возат внимателно, со прилагодена брзина и да ја почитуваат сигнализацијата, особено на делниците каде што има опасност од одрони“, велат од АМСМ.
Посебна претпазливост се препорачува на патните правци низ котлините, речните долини и клисурите – Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево – каде што постои ризик од појава на одрони.
На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Македонија
Денес сончево со ветер, од утре повторно температурата во постепен пораст

Управата за хидрометеорологија (УХМР) за денес прогнозира претежно сончево време со умерен до засилен ветер од северен правец, кој наместа ќе достигнува брзина од 60км/ч.
Минималната температура ќе биде во интервал од 11 до 20, а максималната ќе достигне од 27 до 36 степени.
Во Скопје, сончево со умерен до засилен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 19, а максималната ќе достигне до 35 степени.
Од понеделник следува период на стабилно и потопло време со постепен пораст на дневнaтa температура.