Спорт
Почина кошаркарската легенда Дражен Далипагиќ
На 74-годишна возраст почина Дражен „Праја“ Далипагиќ, еден од најголемите европски кошаркари на сите времиња.
Оваа информација на официјалната страна ја објави и Партизан, клубот во кој Далипагиќ мина најголем дел од кариерата.
Роден во Мостар на 27 ноември 1951 година, член на Куќата на славните и победник на најголемите натпреварувања на клупско и репрезентативно ниво, во Партизан пристигна во 1971 година, каде што стана најдобар стрелец во клупската историја. По Праја, низ Партизан поминаа низа големи играчи и легенди на светската кошарка, но никој никогаш не се доближи до неговите 8.278 поени.
Праја го носеше дресот на Партизан од 1971 до 1980 година, како и во сезоната 1981/82. Со црно-белите освои две титули (1976 и 1979), Купот на СФРЈ и два европски купа Радивоје Кораќ во 1978 и 1979 година, а со југословенската репрезентација освои сè.
Беше олимписки, светски и европски шампион. Тој беше избран меѓу 50-те луѓе кои најмногу придонеле во Евролигата и меѓу 50-те најдобри играчи на ФИБА.
Дражен Далипагиќ играше во синиот дрес на Европските првенства во 1973, 1975, 1977, 1979, 1981, 1983 година, на Светските првенства во 1974, 1978, 1982, 1986 година и на Олимписките игри во 1984, 1997 година. Тој одигра вкупно 243 натпревари од 1973 до 1986 година.
Тој го освои златото во 1978 година, среброто во 1974 година и бронзата во 1982 година и 1986 година на ЕП, и сребро во 1981. и бронза во 1979 г.
На индивидуален план Далипагиќ е добитник на бројни награди и признанија. Прогласен е за најдобар кошаркар на Европското првенство во 1977 година и за најдобар кошаркар на Европа во 1977, 1978 и 1980 година.
Покрај за Партизан, Дражен Далипагиќ настапуваше и за Реал Мадрид, Удине, Венеција, Верона и Црвена звезда каде ја заврши кариерата во 1991 година.
По кариерата, Далипагиќ работеше како кошаркарски тренер во Србија, Италија и Македонија, а беше и спортски функционер во националниот тим и КК Партизан.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Чешка го слави 19-годишниот Методеј Јилек
Со спектакуларно лизгање, Методеј Јилек и го донесе вториот златен медал за Чешка на Зимските олимписки игри во Милано.
Во трката на 10.000 метри во брзо лизгање, тој ја запре штоперицата на 12:33,42 и го постигна најубедливиот триумф во досегашниот тек од натпреварите во оваа дисциплина.
За чешкиот тинејџер, кој има само 19 години, ова е втор медал во Милано. Тој веќе го освои среброто на 5.000 метри.
Во сенка на сензационалниот Чех остана Полјакот Владимир Семируниј, кој стигна до среброто со заостанување од 5,65 секунди, додека бронзата му припадна на ветеранот, 40-годишниот Холанѓанец, Јорит Бергсм.
Foto/ EPA
Спорт
Игор Тудор ќе го води Тотенхем
Хрватскиот тренер Игор Тудор се согласи да ја преземе клупата на Тотенхем како привремено решение до крајот на сезоната. Тудор доаѓа откако Томас Франк беше отпуштен претходно оваа недела по лошата серија резултати што го остави клубот на 16-то место во Премиер лигата, само пет бода над зоната за испаѓање.
Извори велат дека одборот на Спарс сакал да назначи привремен менаџер пред играчите да се вратат на тренинзите во понеделник.
Последниот ангажман на Тудор беше во Јувентус, каде што помина седум месеци. Тој го презеде тимот во март минатата година како привремен тренер и забележа само еден пораз во девет натпревари до крајот на сезоната, обезбедувајќи му мест на клубот во Лигата на шампионите. Тој успех му донесе долгорочен договор.
Откако беше елиминиран во осминафиналето на Светското клупско првенство од Реал Мадрид, Јувентус ја отвори сезоната во Серија А со три победи, но следеше серија од осум натпревари без победа во сите натпреварувања. Тој беше отпуштен во октомври 2025 година по поразот од Лацио, оставајќи го клубот на осмото место на табелата.
Сепак, ситуацијата за следната сезона сè уште не е целосно дефинирана. Италијанскиот новинар Фабрцио Романо наведува дека Роберто Де Зерби и Маурисио Покетино се главните кандидати за трајно решение на клупата на Тотенхем по завршувањето на актуелната сезона.
Тудор го презема тимот во деликатен момент, со задача да го стабилизира тимот и да го извлече максимумот од сезоната, додека раководството ќе донесе конечна одлука за долгорочниот проект на лето.
Foto/ depositphotos
Спорт
Брентфорд го продолжи договорот со Игор Тијаго
Бразилскиот фудбалер Игор Тиаго го продолжи договорот со Брентфорд, објави англискиот клуб.
Со новиот договор, Тиаго би можел да остане во редовите на Премиер лигата до летото 2031 година, со можност за продолжување на соработката за уште една сезона.
Веста за продолжувањето доаѓа откако Премиер лигата го прогласи за најдобар играч во јануари. Тиаго постигна пет гола на пет натпревари во јануари, со што ја освои наградата за најдобар играч на месецот во Премиер лигата по втор пат оваа сезона.
Во тој период, Брентфорд забележа две победи, едно реми и два порази, и моментално е на седмото место на табелата во Премиер лигата со 40 бода.
Тиаго (24) пристигна во Брентфорд во 2024 година од Клуб Бриж, а пред тоа играше за Лудогорец и Крузеиро.
Бразилскиот фудбалер одигра 26 натпревари за англискиот клуб во сите натпреварувања оваа сезона и постигна 18 голови.
Foto/ depositphotos

