Македонија
Сиљановска-Давкова: Американското катче е еден од симболите на македонско-американското пријателство и партнерство

Американското катче е можност, пред сè, младите луѓе да бидат во контакт со американската култура, но и американските вредности, да го изучуваат англискиот јазик, да го знаат значењето на волонтерството, медиумската писменост, па и безбедноста, изјави претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во своето обраќањет на 20-годишнината од отворањето на првото Американско катче во Скопје.
Настанот го отвори американската амбасадорка во земјава Анџела Агелер, посочувајќи ја важната улога на американското катче во развојот на граѓанското општество и промовирањето на демократските вредности во државата.
Во своето обраќање, претседателката Сиљановска-Давкова рече дека американското катче е еден од симболите или центри на македонско-американското пријателство и партнерство, значаен показател за заемно разбирање и почитување, соработка која во фокусот ги има младите лидери во сите области како идни двигатели на општествените односи и промени.
Таа истакна дека отворањето на првото Американско катче се случи пред 20 години во Скопје, посочувајќи дека „оваа мала, но важна точка потоа како една културолошка зараза ќе се прошири и во други градови низ Републиката на најдобар начин оправдувајќи ја идејата за еден ваков истурен ракавец на Американската амбасада во земјава“.
„Ќе цитирам еден стих од големиот Волт Витман чијашто поетска величина е позната глобално: ‘Соединетите Американски Држави, вели тој, самите по себе во суштина се најголемата песна’ (The United States themselves are essentially the greatest poem), така вели поетот и нагласува дека и поезијата и демократијата ја црпат својата моќ од нивната способност да создадат обединета целина од различни делови. Тие различни делови, различни култури и традиции можат да се сретнат и тука во Американското катче каде што, пред сè, младите луѓе разменуваат мислења, идеи, учат за другите, навлегуваат во суштината на мултикултурализмот или глобализмот. Ние сме благодарни што преку овој центар можеме да се запознаеме со повеќеслојноста на една голема култура каква што е американската“, посочи Сиљановска-Давкова.
Нашата земја, додаде таа, ја препознава таа важност и затоа уште од почеток активно се вклучи во поддршката на овој значаен проект.
„Не е случајно што успешно опстојува веќе 20 години и има простор и натаму да живее и да се развива. Би рекла мисијата е успешна, но не е завршена, оти кога ќе се навратиме на сè што се случувало во тие мали простории од каде што се пренесувала широката и благородна идеја за споделување на вредностите, нашите погледи се насочени кон иднината. Тие што доаѓаат тука имаат што да слушнат, но секако дека имаат и што да кажат. Таа интеракција е движечка сила и од неа ќе произлезат нови идеи коишто, уверена сум, ќе се вградат во темелите на Американското катче“, рече претседателката.
Истакна дека една нација не е голема само затоа што е голема или богата или моќна, туку во колкава мера успеала да ги ослободи луѓето и нивната креативност да ја вградат во општеството.
„Ние се стремиме кон тоа и оваа сила којашто ја истакна во еден говор претседателот Линдон Џонсон, ја препознавам и во активностите на Американското катче. На крајот ќе истакнам дека ако сакаме да издвоиме симболи или центри на македонско-американско пријателство и партнерство, секако, дека Американското катче е еден од нив, еден значаен показател за заемно разбирање и почитување, и потреба од соработка во која фокусот ги има младите лидери во сите области како идни двигатели на општествените односи и промени. Ви го честитам јубилејот и ви посакувам натамошна успешна работа. Успешната приказна нека продолжи да се развива!“, посочи Сиљановска Давкова.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски на средба со министерот за надворешни работи на Казахстан, Мурат Нуртлеу

Во рамки на работната посета на Република Казахстан, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, оствари средба со заменик-премиерот и министер за надворешни работи на Казахстан, Мурат Нуртлеу.
Во фокусот на разговорите беа можностите за интензивирање на севкупната билатерална соработка, размена на посети на високо ниво, како и одржување на третата рунда политички консултации во Скопје.
Двајцата министри се согласија дека постои значителен потенцијал за понатамошно продлабочување на односите, особено во економската сфера – преку зголемување на трговската размена и поттикнување на странски директни инвестиции. Беше истакнато и задоволството од досегашната соработка на мултилатерален план, при што беа разменети мислења за низа актуелни прашања од регионален и поширок контекст.
Средбата беше заокружена со потпишување на Програмата за соработка меѓу двете министерства за периодот 2025–2027 година, како конкретен чекор кон унапредување на билатералните односи.
Македонија
Во „Пониква“ не можеш ниту на одмор да одиш, а не пак да третираш сериозни медицински состојби: Филипче од Кочани со критики до власта

Претседателот на СДСМ Венко Филипче од Кочани, со критики до актуелната власт за како што рече, неспособноста да се справи со последиците од трагедиите, за немањето одговорност и за бруталниот однос кон граѓаните кои бараат правда и достоинство.
„Бевме внимателни, бевме емпатични кон луѓето. Комунициравме нејавно, со цел да не нѐ обвинат за политизација. Им се наоѓавме, прашувавме што и да треба, и сѐ што можевме, помогнавме“, рече Филипче.
Тој подвлече дека СДСМ покажала што значи одговорно политичко дејствување, без обиди за политичка корист од трагедијата:
„Не сакавме, буквално со ништо, по трагедијата да извлечеме каква било политичка корист.“
Од друга страна, посочи Филипче, власта не само што не испорачала правда, туку целосно потфрлила и во здравствениот систем.
„Што направи власта? Прво, не испорача правда. Понатаму, не испорачува здравствена услуга. Луѓето имаат реален проблем, а тие им го нудат центарот ‘Пониква’ за некаква рехабилитација. Во „Пониква“ не можеш ниту на одмор да одиш, а не пак да третираш толку сериозни медицински состојби,“ истакна Филипче.
Особено срамно, рече тој, е обвинувањето на родителите кои бараат правда.
„Ќе ги обвинуваат родителите дека биле инструмент на некоја политичка партија. Тие луѓе, коишто не спиеле со недели, шокирани од она што им се случи, ги нарекуваат со погрдни зборови, за кои ви гарантирам дека дури и не знам што значат.“
Филипче го осуди и односот на ВМРО-ДПМНЕ кој, како што рече, на денот кога родителите протестираат, организира партиски настан со пиротехника.
„Во таква ситуација, врв на безчувствителност е на денот кога родителите протестираат, да организираш настан на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ и да запалиш пиротехнички средства.
СДСМ останува на страната на граѓаните на Кочани, на страната на вистината и одговорноста. Ќе продолжиме да се бориме за правдата да излезе на виделина а граѓаните и родителите да добијат соодветен третман“.
Македонија
Изготвил лажни одобренија за градење, трошел повеќе од дозволеното за репрезентација и ненаменски трошел пари предвидени за гориво, кривична за градоначалникот на Росоман

Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство Кавадарци поднесе кривична пријава против С.Н во својство на Градоначалник на Општина Росоман.
Пријавениот С. Н во својство на Градоначалник на Општина Росоман, во текот на 2022 и 2023 година постапил спротивно на Закон за градење чл. 58 став 2 (Службен весник на РМ бр. 130/09, 124/10, 18/11, 36/11, 54/11, 13/12, 144/12, 25/13, 79/13, 138/13, 163/13, 27/14. 28/14, 42/14, 154/14, 194/14, 187/14, 44/15, 129/15, 217/15, 226/15, 30/16, 31/16, 39/16, 71/16, 132/16 и 35/18), а во врска со член 205 став 1 и чл. 209 од Закон за општа управна постапка (Службен весник на РМ бр. 38/05, 110/08, 124/15 и 65/18) на начин што изготвил 6 лажни јавни исправи, од кои 4 одобренија за градење и 2 одобренија за реконструкција на улици, истите во текот на 2022 и 2023 година ги употребил како вистински во правниот промет, а при тоа иако бил должен не ги водел во јавната евиденција, односно, во информацискиот систем „е-Одобрение за градење“, на кој начин за период од 2022 до 2024 година искористени се парични средства во износ од 14.023.318 денари обезбедени од страна на Центар за развој на Вардарски плански регион – Биро за регионален развој, парични средства во износ од 6.740.517 денари обезбедени од страна на општина Росоман и парични средства во износ од 15.134.066 денари обезбедени од страна на Министерство за транспорт, на кој начин спротивно на законските прописи за период од 2022 до 2024 година со изготвување на 6 лажни јавни исправи, одобренија за градење и реконструкции на штета на буџетот на општина Росоман, Центар за развој на Вардарски плански регион – Биро за регионален развој и Министерство за транспорт противзаконски искористени се парични средства во вкупен износ од 35.897.901 денари со што пријавениот го сторил кривичното дело фалсификување на исправа чл. 378 став 1 и 3, а во врска со член 45 од КЗ на РСМ.
Исто така, свесно и со намера да се стекне со противправна имотна корист пријавениот С. Н. во својство на градоначалник на општина Росоман од 08.11.2021 година, ги надминал предвидените износи во Буџетот на општина за трошоци за репрезентација донесени од страна на Совет на општина Росоман во текот на 2021 година за износ од 184.744 денари, за 2022 година за износ од 800.348 денари, за 2023 година за износ од 821.821 денари и за 2024 година за износ од 310.662 денари, ги надминал и ненаменски искористил дел од предвидените износи во Буџетот на општина за трошоци за горива и масла (моторни возила) донесени од страна на Совет на општина Росоман во текот на 2022 година за износ од 159.351 денари, за 2023 година за износ од 44.102 денари потпишувајќи и овозможувајќи од сметката на општина Росоман да се исплатат парични средства за нафтени деривати за возила кои не се во сопственост на општината, ги надминал и ненаменски искористил дел од предвидените износи во Буџетот на општина за трошоци за прехранбени производи и пијалаци донесени од страна на Совет на општина Росоман во текот на 2021 година за износ од 40.188 денари, за 2022 година за износ од 135.440 денари и за 2023 година за износ од 66.920 денари набавувајќи производи кои не се за потребите на општината, односно, купени биле повеќе видови на млечни и сувомеснати производи, поголеми количини на алкохолни пијалаци, и друг вид на производи кои по својата природа се наменети за домашна потрошувачка кошничка, неосновано склучил договори за вршење на определени работи од областа на управување со градежно земјиште во сопственост на РСМ со лица вработени во Општина Кавадарци за 2023 година на износ од 242.000 денари, на кој начин пријавениот злоупотребувајќи ја службената положба и овластување пријавениот причинил штета на буџетот на општина Росоман за 2021 година износ од 226.811 денари, за 2022 година износ од 1.081.059 денари, за 2023 година износ од 1.183.597 денари и за 2024 година износ од 384.862 денари, односно, за период од месец ноември 2021 година до месец септември 2024 година пријавениот причинил штета на буџетот на општина Росоман вкупен износ од 2.876.329 денари, со што пријавениот го сторил кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 став 1 и став 4 од КЗ на РСМ.