Македонија
Хаос на скопскиот аеродром, авиони се враќаат, маглата ги блокира летовите
Попладнево, поради густа магла, повторно се соочуваме со пореметувања на авиосообраќајот на Меѓународниот аеродром Скопје. Неколку летови се откажани, а дел од авионите беа пренасочени кон соседни аеродроми.
После 16 часот, не успеаја да слетаат авионите на „Сан експрес“ од Анталија, како и на „Визер“ од Меминген и Баден Баден. Летот од Меминген беше пренасочен кон Приштина, додека авионот од Баден Баден слета во Софија. Исто така, авионот на „Лот“ од Варшава не успеа да слета и се врати назад во Полска.
Досега се откажани и летовите за Малме и Истанбул.
Според податоците од аеродромските метеостаници, видливоста моментално е само 200 метри, што значително го отежнува слетувањето на авионите.
Од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) прогнозираат дека и утре ќе биде променливо облачно во Скопје, со утринска магла и претежно тивко време.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче: Политичката хајка против мене е разобличена, вистината победи
Разобличена е една огромна завера против мене поврзана со случајот за злоупотреба на биолошка терапија на Клиниката за Онкологија, вистината победи, порача претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, на денешната прес-конференција.
Филипче на прес-конференцијата ги презентираше извештаите поднесени до анкетната комисија за Клиниката за онкологија, формирана на барање на ВМРО ДПМНЕ која ја водеше Рашела Мизрахи.
„Мизрахи, од тогаш па до денес, тврди дека јас имам одговорност во тој случај. Мизрахи тврди дека такви извештаи немало и ова го повторува во јавноста со месеци, водејќи брутална негативна кампања против мене обивнувајќи ме, иако од самиот почеток тврдев дека одговорност кај мене не постои. Сите извештаи добро и уредно пополнети и заверени беа доставени.“, рече Филипче.
На прес-конфренцијата, Филипче порача дека ова е скандал преседан и ги повика ВМРО ДПМНЕ и Мизрахи да се извинат за тоа што ја донесоа јавноста во заблуда.
„ Очекувам итно да излезат и да се извинат на целата македонска јавност и до мене и Рашела Мизрахи и ВМРО-ДПМНЕ што ја донесоа јавноста во заблуда и го оцрнија моето име“, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче, додавајќи дека нема ништо позлобно од тоа да се прикрива вистината во еден таков грозоморен случај за политички поени и да се кријат докази од истражните органи.
Македонија
(Видео) Филипче: Вистината за Клиниката за онкологија излезе на виделина
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче на денешната прес-конференција разобличи скандал поврзан со случајот за биолошката терапија на Клиниката за Онкологија.
Филипче посочи дека вистината за Клиниката за онкологија која треба да ја знае јавноста е директно поврзана со анкетната комисија за Клинката за онкологија која ја побара ВМРО-ДПМНЕ, а ја водеше Рашела Мизрахи и сите тврдења дека не постојат извештаи за работењето се чиста лага.
„Мизрахи, од тогаш па до денес, тврди дека јас имам одговорност во тој случај. Да ја потсетам јавноста, обвинувањето беше дека како тогашен министер за здравство, сум требал да водам сметка за тоа што биле обврски на Министерството за здравство кон Клиниката за оноколигија и обратно, а се однесува на редовните шестмесечни извештаи за работата на клиниката и стручните комисии. Сите извештаи добро и уредно пополнети и заверени беа доставени. Дури и во најтешките ковид времиња, кога имаше рестрикции во движиња ниту еден онколошки пацинет и тоа пациентите го знаат, не беше оставен без терапија, сето тоа било редовно соработувано во министерството за здравство “ рече Филипче.
При тоа, тој ги покажа извештаите потенцирајќи дека е срамно тврдењето на Мизрахи дека немало никакви извештаи.
„Мизрахи тврди дека такви извештаи немало од клиниката кон министерството, дека немало стручна контрола од стручините комисии и сите овие изминати месеци.Има ли нешто позлобно од тоа да се прикрива вистината во еден таков грозоморен случај за политички поенни, па згора на се да се кријат докази од истражните органи?“, порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Македонија
(Видео) Петрушевски: Обвинителството да не молчи и да постапи во случајот со Онкологија
Јавното обвинителство не треба да молчи и треба да постапи во случајот со Онкологија. Не смее цела држава да биде заложник на мафијата на смртта, истакна пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски.
Според него, додека пациентите на Онкологија чекаат терапија, мафијата на смртта поддржана од Венко Филипче трие раце за профит.
„Со години мафијата на смртта предводена од веледрогеријата Д-р Пановски книжи енормни заработки и ги уценува Фондот за здравствено осигурување и Министерството за здравство.
Тоа е истата онаа веледрогерија сопственост на таткото на блиска соработничка на Венко Филипче.
Венко Филипче и СДС политички ја штитат оваа мафија која всушност самите низ годините ја создале“.
Го повика Јавното обвинителство да не чека и да се заинтересира за случувањата на Онкологија.