Македонија
Најголемото гејмерско доживување во Македонија “LEVEL UP EXPERIENCE” – Организирано од Анхоч!

Викендов во Дајмонд Мол во Скопје за првпат се одржа најголемото гејмерско доживување во Македонија „Level Up Experience“ организирано од технолошкиот гигант „Анхоч“ во соработка со онлајн медиумот „Комикс МК“. Гејмерите и фановите викендов успеаја да кренат уште еден левел!
Гејмерите ги засукаа своите ракави, ги загреаа своите мауси, тастатури, контролери и мобилни телефони, и дојдоа да ги покажат своите вештини и знаења во League of Legends, Street Fighter 6, Mario Kart 8, Brawl Stars и Pokemon Go.
Ова гејмерско доживување не може да помине без дополнителни спектакуларни доживувања како што е возбудливиот Косплеј натпревар предводен од Ива Стојческа („Avi Cosplay“) со тематика инспирирана од анимираната хит-серија на Нетфликс „Arcane“.
Атмосферата за посетителите на настанот беше збогатена со прекрасна музика за која што беше задолжен „DJ Bono“.
Посетителите ги разбудија спомените и се навратија во детството со безвременскиот Ретро корнер каде можеше да се играат легендарни игри како „Doom (1993), PES (2004) и Tekken 3 (1997)“.
За фановите кои сакаат да шизат на подиум имаше „Shake It off“ корнер напојуван од аудио брендот JBL каде посетителите ги покажаа своите танцувачки способности и си добија награди!
И нормално, најголемата атмосфера ја направи еден од најпознатите водители и шоумени во Македонија, Марко Новески кој беше главниот водител на настанот со неговата непречена смисла за хумор, исто така имаше чест да додели голем број на подароци како гејминг периферија, хардвер, маички и сè останато.
Наградите беа обезбедени од брендовите White Shark, Genesis, JBL, Samsung, Natec, FunkoGram и Barner.
Нормално за гејмерите никогаш да не бидат гладни и жедни, тука беа Витаминка со Стоби Флипс и Пивара Скопје со Монстер, Кола Кола и Роса!
Фокус беше даден и на новите и млади стримери и контент креатори.
На Level Up беа присутни двајцата стримери од „OrozzTV“, Никола Чингоски (Professor Chingo) и Николај Јанушевc (Clesny). Стримерите ја збогатија програмата со тоа што играа Returnal, Black Myth: Wukong, Marvel Rivals, Space Marines и Call of Duty.
Гејмерите сè почесто ги оставаат компјутерите и конзолите и се префрлаат кон уредите коишто ги имаат со себе цело време, а тоа се мобилните телефони. Па затоа на настанот имаше и турнир во мегапопуларната мобилна игра со слатките мали, но многу опасни борци „Brawl Stars“, организирано од „Brawl Stars Македонија“. Не треба да се потценува големината на некој херој, не се знае колку може да биде опасно.
Дополнително за фановите на мобилниот гејминг имаше „Pokemon Go“ натпревар организиран од најголемите промотори на Источно-Азиската култура во Македонија, „Пагода“. Вистинските ловци на покемони и борците, влегоа во арените и направија борби коишто ќе се паметат! Дополнително дечките организираа турнир во хитот на Нинтендо „Mario Kart 8 Deluxe“ каде се извозеа голем број на километри и голем број на трки. Сите возачи преживеаа иако на стазата имаше многу фрлени банани.
Тука беа и храбрите „тепачи“ кои ги измерија силите во Street Fighter 6 и приредија вешти комбинации на потези кои публиката ќе ги памети! Овој турнир беше организиран од македонската Discord заедница за тепачки игри, „RedFist Dojo“.
Најголемиот хит и најголемото доживување на настанот беше турнирот во мега-популарната видеоигра „League of Legends“ каде фановите уживаа во прекрасна игра и интензивни борби до самиот крај!
Во финалето се појавија тимовите на „Respawn Gaming“ и тимот на Македонската Е-Спорт организација „Void E-Sports“. До последен момент на жустра борба, многу шетања низ џунгла, многу тенкања, на крајот тимот на Respawn Gaming се избори и стана шампион во League of Legends на „Level Up“, а третото место го освои тимот на Asylum.
Овој викенд Скопје и Македонија добија уште едно гејмерско доживување коешто ќе се памети долго и коешто има за намера да стане традиција и да се случува сè почесто.
Гејмерите и фановите на гиковската култура се желни да има вакви настани во текот на целата година, а неуморните организатори Анхоч и посветените соработници Комикс МК се тука да ги направат тие желби реалност!
Level Up – Одиме на следниот Левел!
ПР
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Коалиции се градат со вредности, не со етнички поделби, му порача Мицкоски на Касами кој најави поддршка за ДУИ во Кичево

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, реагираше на изјавата на лидерот на Беса од „Влен“, Билал Касами, кој во интервју за албанската телевизија Сири најави дека во вториот круг од локалните избори во Кичево ќе го поддржат кандидатот на ДУИ, Фатмир Дехари, а не кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Јовановски.
Мицкоски во својата изјава порача дека политиката не смее да се гради врз етнички теми и шовинизам, туку врз вредности и заедништво.
„Сите оние што се надеваат дека со етноцентрични теми ќе добијат нешто во политиката, нека го видат и нека научат од примерот на падот на ДУИ, ќе разберат на што мислам. Тоа е добра лекција и за други политичари на македонската политичка сцена, кои мора да разберат дека за да бидеме коалициони партенри треба да се обединиме на овие избори и да поддржиме вредности, а не да се поделиме за етнички теми и прашања, низ призмата на шовинизам и слични етнички процедурални разлики“, изјави Мицкоски, во денешното обраќање на настанот по повод Денот на македонската револуционерна борба.
Тој истакна дека луѓето не треба да се третираат како контингенти гласови, туку како граѓани со свои судбини и убедувања.
„Ниту еден од нас нема гласови во џеб. Поддршката се гради со обединување околу вредности, а не низ призмата на етничка припадност. Во тој контекст, треба да се прифати дека поедини градоначалници станаа градоначалници поради волјата и поддршката на Македонците, која не треба да си дозволат да ја изневерат. Секој чекор има акција и реакција, а јас секогаш ќе се однесувам така како што е најдобро за граѓаните и државата“, додаде лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Претходно Касами рече дека по испаѓањето на кандидатот на „Влен“ во првиот круг во Кичево, природно е албанските гласови да одат кон ДУИ, претставувајќи го тоа како национално мобилизирање, а не коалициско.
Касами како кандидат на „Влен“ за градоначалник во Тетово, првиот круг го заврши со водство пред кандидатот на ДУИ, со поддршка од ВМРО-ДПМНЕ кои немаа свој претставник поради договор меѓу владините партнери. Касами сега повика и на обединување на албанските гласачи и во Брвеница и Долнени, каде во вториот изборен круг на 2 ноември ќе се соочат со ВМРО-ДПМНЕ, со што се обидува да ги придобие и подржувачите на Интегративците.
Покрај Тетово, претходно, во првиот изборен круг, ВМРО-ДПМНЕ ги поддржа и кандидатите на „Влен“ во Чаир, Сарај и Струга, каде дел од трките продолжуваат во втор круг. Мицкоски и вечерва од скопската населба Аеродром потсети дека таа поддршка била дел од заедничките стратешки цели и оти очекува почит за жртвата што, како што рече, ВМРО-ДПМНЕ ја дала за своите коалициски партнери.
„Понекогаш додека ги реализиравме овие стратешки цели крваревме како ВМРО-ДПМНЕ и поднесовме жртва. Не беше лесно, многу ми беше тешко кога ги гледам нашите сопартијци од Тетово, Гостивар, од Струга, Чаир, Дебар и за тоа плативме цена и за тоа има жртва. И ние не бараме ништо, не бараме за возврат ништо затоа што имаме цел, ние бараме почит за жртвата којашто сме ја дале за друг, не ја добивме и тоа нема да го заборавиме“, изјави Мицкоски.
Македонија
Мицкоски: На 2 ноември потребна е мобилизација и секој еден глас

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, се обрати од денешниот настан одржан во Аеродром, во рамки на вториот круг од локалните избори закажани за 2 ноември 2025 година, под слоганот „Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина!“.
Мицкоски во својот говор се заблагодари за поддршката во првиот круг каде 33 општини избраа градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата наспроти 3 од СДСМ и ги повика граѓаните да излезат масовно и да гласаат на 2 ноември со заокружување на бројот 9.
„Во вториот круг имаме 26 кандидати од кои најголемиот дел се во големо водство како Аеродром и во Скопје, а во неколку нашиот кандидат е второпласиран, но е во вториот круг. Ќе се бориме за секој еден глас и за секој општина. Излезете и гласајте по вашето лично убедување. Кога ќе го имате пенкалото во рака ако одлучувате според разум, душа и срце убеден сум дека ќе одлучите за бројот 9 и овде во Аеродром за Дејан и Орце за Град Скопје, убеден сум“ кажа Мицкоски.
Мицкоски кажа дека СДСМ не е на биолошки минимум туку пред исчезнување и на следните избори кога и да се, ќе бидат под 100 000 гласа и ги повика граѓаните да гласаат за број 9 на 2 ноември.
„Порака до симпатизерите и членовите на СДСМ, иако тоа го правев цело време во кампањата за првиот круг, кога велев дека и на нив не им е пријатно некогаш големиот СДС како сега се бори како се жилави едвај да го помине прагот од 100 илјади гласа, сега не зборуваме за биолошки минимум зборуваме таму за исчезнување, единствен начин да си помогнат себе и да и помогнат на СДС да излезат во втор круг и да го заокружат бројот 9 којшто прави промена. Следните избори СДСМ ќе бидат, под 100 илјади гласа. Тогаш ќе дојдеме до заклучок дека намалувањето на бројот на пратеници поради апстинирање или разочарување е државен и национален проблем. Ваква опозиција каква што е, не ќе може да направи резултат, тогаш состојбите ќе бидат поинакви, тогаш ќе имаме нова реалност. Затоа е важно да излезете и да гласате. Потребна ни е мобилизација на секој еден гласач“ кажа Мицкоски.
Мицкоски кажа дека во политиката мора да се има цел и стратегија, ВМРО-ДПМНЕ на патот кон остварување на своите цели не бараше ништо освен почит за својата жртва која ја дале за друг, но тоа не го доби и тоа ВМРО-ДПМНЕ нема да го заборави.
„Политиката не е црна кампања и не е со лаги да се доберат до власта. Политиката е да имаш цел, и план како да ја реализираш таа цел. Ние имаме план и многу стратешки цели како да ги реализираме, дел ги реализиравме, дел се реализираат, многу мал дел не успеавме да реализираме. Понекогаш додека ги реализиравме овие стратешки цели крваревме како ВМРО-ДПМНЕ и поднесовме жртва. Не беше лесно, многу ми беше тешко кога ги гледам нашите сопартијци од Тетово, Гостивар, од Струга, Чаир, Дебар и за тоа плативме цена и за тоа има жртва. И ние не бараме ништо, не бараме за возврат ништо затоа што имаме цел, ние бараме почит за жртвата којашто сме ја дале за друг, не ја добивме и тоа нема да го заборавиме. Сега да се фокусираме на 2 ноември масовно да излеземе, да тропнеме на секоја врата, да излеземе и да зокружиме број 9, за Дејан, за Орце и насекаде каде ВМРО-ДПМНЕ има свој кандидат“ нагласи Мицкоски.
Македонија
Димитриевски: Комплексот К4 ќе добие повеќе паркинг места, зелени површини и ќе се спречи градба на нови згради!

Кандидатот за градоначалник на Куманово од редовите на Движење ЗНАМ – За наша Македонија, Максим Димитриевски, најави целосна реконструкција и уредување на просторот кај комплексот згради К4, во близина на Економското училиште.
– По примерот на дворот на Економско училиште планираме реконструкција на целиов простор и сите зелени површини во овој комплекс на згради. Дополнително проширување на паркиралиште, места за паркирање, воведување на втора паркинг зона со одбележување на сите места за паркирање коишто ќе бидат бесплатни за сите резиденти жители коишто живеат на оваа локација, изјави Димитриевски.
Тој истакна дека шпекулациите за изградба на нови објекти на овој простор се неточни и дека нема да дозволи дополнително пренатрупување со станбени згради во централното градско подрачје.
– Сакам да ве информирам дека сите шпекулации поврзани со наводни градби на нови објекти и нови станбени згради на овој простор се веќе запрени и ќе бидат запрени. Токму јас, Максим Димитриевски, се борам против урбаниот градежен хаос којшто со децении трае во Куманово и никогаш во рамките на мојот мандат нема да дозволам пренатрупување на станбени згради, особено во централно градско подрачје, порача Димитриевски.
Тој додаде дека градот ќе отвора нови градежни зони каде инвеститорите ќе можат да вложуваат во изградба на станбено-деловни комплекси, со цел рамномерен и уреден урбан развој.
Од граѓаните, за таа цел, побара поддршка во вториот круг од изборите на 2ри ноември.
– Ве повикувам во недела да искочите масовно и да ми дадете поддршка на престојните избори, бидејќи токму јас сум тој којшто заедно со вас се грижи Куманово да продолжи да се развива и да се менува, како и во сите досегашни осумстотини проекти реализирани во градот,“ изјави тој.