Македонија
Изречени казни за согорување отпад на отворено и опомени за домаќинства за согорување дрвен отпад
Во согласност со извешатите за спроведени активности од страна на општините за периодот 20-24 јануари, во 11-те општини што доставиле извештаи до Министерството за животна средина и просторно планирање се спроведувале редовни и засилени инспекциски контроли. Инспекциските служби на Општина Гази Баба при редовната обиколка и контрола на загревањето на малите сервиси не затекнала согорување отпад, но на две физички лица затекнати како горат гуми и електрични кабли им се изречени казни. Исто така, на едно правно лице му е изречена казна за несоодветно депонирање отпад, а на три домаќинства што се загреваат согорувајќи дрвен отпад (иверки, отпадни штици и слично) по овој основ им се изречени опомени и им е наложено итно отстранување на отпадот од дворните места и користење огревно дрво за затоплување.
Општина Кисела Вода изрекла две казни на физички лица за горење отпад на отворено, а Општина Илинден во неколкуте рутински контроли на отворен простор на подрачјето на општината не утврдила неправилности.
Општина Охрид спровела инспекциски надзори во два автосервиса, од кој еден се загревал на дрва, а другиот на електрична енергија, а во двата отпадните масла се предавале на овластена фирма.
Во општина Битола извршени се вонредни инспекциски надзори во 4 инсталации со Б-интегрирани еколошки дозволи: МЛЕКАРА АД Битола, ЛАЦТАЛИС ДООЕЛ Битола, ИМВ ВЕЛКОВСКИ ДОО Битола и КВАСАРА АД Битола. Од страна на акредитиран субјект извршени се мерења на емисиите во воздухот, при што е констатирано дека кај МЛЕКАРА АД Битола и ЛАЦТАЛИС ДООЕЛ Битола, каде што како енергент се користи мазут, има надминување на дозволеното ниво на емисии NOx (азотни оксиди), а кај КВАСАРА АД БИТОЛА, каде што како енергент се користи дрво, има надминување на CO (јаглероден моноксид), за што им се изречени опомени. Контролни надзори ќе се извршат во јануари 2025 година.
Исто така, при вонредните надзори на четири пекарници констатирано е дека сите користат исклучиво огревно дрво.
Во општина Тетово, од пет засилени контроли на мали инсталации, констатирано е дека четири од нив користат дрво во произведствениот процес (главно пекарници), а само една електрична енергија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Почувствуван земјотрес во Битола, Охрид и околината: епицентарот во Албанија
Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани и одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вечерва во 23 часот и 10 минути регистрира земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Албанија, на околу 150 км југозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML3.7
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Битола, Охрид и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
За потребите на сеизмолошките истражувања, доколку сте го почувствувале земјотресот, пополнете го прашалникот за почувствуваност достапен на линкот: https://seismobsko.pmf.ukim.edu.mk/prasalnici или јавете се на 112.
Македонија
Земјотрес во Охрид
Земјотрес со епицентар во Грција е почувствуван во Охрид и околината, вечерва во 19 и 50 часот.
„Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани и одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вечерва во 19 часот и 50 минути регистрираа земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Грција, на околу 100 км југозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML3.7“, соопшти Сеизмолошката опсерваторија.
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Охрид и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
За потребите на сеизмолошките истражувања, доколку сте го почувствувале земјотресот, пополнете го прашалникот за почувствуваност достапен на линкот: https://seismobsko.pmf.ukim.edu.mk/prasalnici или јавете се на 112.
Македонија
Андоновски на состаноци во Стејт департментот: Соработката во областа на сајбер безбедноста и дигитализацијата во фокусот
Во рамки на работната посета во Вашингтон, денеска се реализираат работни средби во Стејт департментот на САД. Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, утринава оствари работна средба со Russ Headlee, Senior Bureau Official (SBO), прв човек на Бирото за Сајбербезбедност и дигитални политики на Стејт Департментот на САД.
„На средбата беше потврдена заедничката определба за унапредување на билатералната соработка меѓу Република Македонија и Соединетите Американски Држави во областа на дигиталната трансформација и сајбер безбедноста. Разговорите се фокусираа на продлабочување на соработката во клучни области: сајбер безбедноста и дигиталните политики; привлекување на инвестиции од САД во областа на дигитализацијата и сајбер безбедноста; доверливо поврзување на институциите и безбедна инфраструктура; отпорност и доверба“, соопштија од Министерството.
Дополнително, во рамки на дискусијата биле опфатени и прашања поврзани со јакнење на капацитетите помеѓу партнерските влади, размена на експертиза, како и јавно-приватна соработка во доменот на сајбер безбедноста, со цел развој на безбедни и доверливи дигитални јавни услуги и заштита на критичната дигитална инфраструктура.
„Дигиталната трансформација мора да оди рака под рака со сајбер безбедноста и довербата во технологијата. Соработката со Стејт департментот и со Бирото за сајбер безбедност и дигитална политика е значаен чекор за зајакнување на нашите капацитети и за побрза модернизација на јавните услуги“, истакна министерот Андоновски.
Во продолжение на работната агенда, заедно со македонската делегација предводена од претседателот на Собранието, Африм Гаши, министерот Андоновски оствари средба и со Daniel J. Lawton, заменик помошник секретар во Стејт департментот.
Според Министерството, оваа средба претставува значаен чекор кон зајакнување на соработката, градење институционални капацитети, размена на експертиза и меѓусебна поддршка помеѓу Македонија и САД.
Средбите завршија со договор за наредни чекори, вклучително и утврдување приоритетни области за соработка и редовна комуникација меѓу тимовите, со цел подготовка и реализација на конкретни активности и проекти во претстојниот период.

