Македонија
Каранфилова-Пановска: Унгарскиот кредит е најлош можен договор со највисоки камати и скриени трошоци
Пред речиси осум месеци, премиерот Христијан Мицкоски во четири очи договори кредит од Унгарија во висина од 1 милијарда евра. Целиот изминат период јавноста беше под постојана пропаганда за исплатливоста на ова задолжување и убедување од Мицкоски дека со овој кредит државата економски ќе процвета и директно ќе се постигне голем економски раст, вели Фани Каранфилова-Пановска, заменик-претседателка на СДСМ.
„Откога Владата, конечно, едвај успеа да најде начин како да го пласира кредитот до компаниите, денес сме тука да направиме детаљна и прецизна економска анализа на ова задолжување. Да ги презентираме клучните бројки и факти, кои потврдуваат дека овој кредит е најлошиот финансиски договор за задолжување што државата некогаш го постигнала, што јасно потврдува дека не станува збор за економски интерес на државата, туку политички и можеби бизнис-интерес на власта. Задолжувањето од унгарската Експорт-импорт банка, во износ од една милијарда евра (500 милиони евра за враќање на еврообврзницата од 2018, 250 милиони евра за општините и 250 милиони евра за стопанството), отвора сериозни прашања за финансиските и за институционалните импликации содржани во него. Внимателната анализа покажува дека овој договор, покрај финансиските трошоци, вклучува и институционални недостатоци, кои укажуваат на неподготвеност, и сериозни потфрлања во процесите на водење на јавната финансиска политика“, вели Каранфилова-Пановска.
Според неа, економските штети од овој договор се сериозни и далекосежни.
„1. Каматната стапка од 3,25% годишно изгледа конкурентна во споредба со просечните каматни стапки за државни заеми во регионот. Сепак, договорената дополнителна каматна стапка од 1,95% за 250 милиони евра што ќе се пласираат преку комерцијалните банки значи дека граѓаните и компаниите ќе треба да подмират ефективна камата од 5,2%. За споредба, домашните банки нудат кредити по каматни стапки под 5% односно просечна каматна стапка од 4,78% Ова значи дека кредитите од унгарските пари не се конкурентни на домашниот финансиски пазар, т.е. ќе го чинат стопанството поскапи пари, а со тоа намален потенцијал за економски раст.
2. Еден од најкритичните аспекти на ова задолжување е провизијата од 0,5% годишно за неповлечените средства. За износ од 500 милиони евра, ова значи годишен трошок од 2,5 милиони евра, или приближно 208.000 евра месечно. Со оглед на неподготвеноста на институциите за навремено ефектуирање на средствата, државата веќе ја исплаќа оваа провизија, без реална економска корист.
Имајќи предвид дека 500 милиони евра наменети за општините и стопанството легнаа на трезорската сметка во октомври минатата година, заклучно со јануари 2025, по основ на оваа провизија државата треба да има исплатено најмалку 600 илјади евра. Ова е трошок кој директно паѓа на товар на граѓаните и е уште еден пример за финансиско неодговорно управување со јавните средства. Заради неспособноста на Владата и лошата организација на пласманот на парите, граѓаните плаќаат камати за буквално ништо.
3. Дополнителниот финансиски товар за државата не се ограничува само на каматната стапка или провизиите за неповлечени средства, туку и на скриените трошоци за правни услуги, кои носат значителен ризик. Овие правни услуги, иако дел од договорот, се директно иницирани и организирани од унгарската банка, без соодветно вклучување или консултација со македонските институции. Преку овие услуги се гарантира „заштита“ и спроведување на правата на банката според договорот, со што трошоците се префрлаат врз државата. Недостатокот на транспарентност во однос на точниот износ и деталите за овие услуги создава повеќе прашања отколку одговори: Колкав е точниот износ на овие трошоци? Зошто државата прифати да ги финансира, кога тие не се директно поврзани со нејзините интереси? Зошто Владата упорно ги крие овие трошоци? Тие не само што го зголемуваат вкупниот финансиски товар, туку и укажуваат на потенцијален недостаток на институционален капацитет за преговори и анализа на вакви договори.
За кредитот од 1 милијарда евра, државата ќе плати безмалку 500 милиони евра камати во следните 15 години – сума која можеше да се насочи кон училиштата, болниците или патиштата. Прашањето кое се поставува е, дали владата очекува дека економскиот раст ќе ги оправда овие половина милијарда евра камата? Ова е невозможно и реално тешко дека ќе се случи затоа што средствата наменети за стопанството, наместо да бидат инвестирани во нови производствени капацитети, ќе завршат за мали и краткорочни проекти кои немаат никакво влијание врз економскиот раст.
Во делот на општините реализацијата е целосно фијаско. Првин требаше да се реализираат 250 милиони евра до крајот на 2024, а до тогаш не беше речиси ништо реализирано. Од 250 милиони евра, кои беа наменети за општините, досега се искористени само 78 милиони евра! Ова покажува дека мнозинството општини управувани од ВМРО-ДПМНЕ немаат капацитет за реализација на големи инфраструктурни проекти. Парите остануваат неискористени, а граѓаните плаќаат камати за нив“, посочува Каранфилова-Пановска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) ДИК со првични неофицијални резултати од повторените локални избори во четири општини
Државната изборна комисија (ДИК) вечерва ги објави првичните, неофицијални резултати од повторените избори во општините Врапчиште, Гостивар, Маврово Ростуше и Центар Жупа.
Врапчиште (излезност 32,37%)
– Исен Шабани (НАИ) – 5.355 гласа
– Зулхајрат Демири (Група избирачи) – 3.028 гласа
Гостивар (излезност 30,34%)
– Ваљбон Лимани (НАИ) – 14.519 гласа
– Невзат Бејта (ВЛЕН) – 7.174 гласа
Маврово Ростуше (излезност 28,51%)
– Онер Јакуповски (ВМРО-ДПМНЕ) – 1.906 гласа
– Анес Ахмети (СДСМ) – 938 гласа
Центар Жупа (излезност 13,26%)
– Аријан Ибраим (Демократска партија на Турците во Македонија) – 973 гласа
Портпаролката на ДИК, Радица Тодоровска Алексовска, рече во текот на утрешниот ден Комисијата ќе ги соопшти првичните официјални резултати, по приемот и обработката на записниците од сите избирачки места.
Македонија
(Видео) Мицкоски: Победата во Маврово-Ростуше е знак дека граѓаните наградуваат резултати, а кланот на Филипче доживува нов дебакл
„Денешниот изборен ден во четирите општини помина во демократска, мирна и достоинствена атмосфера. И покрај тешките временски услови и одредени технички предизвици, граѓаните слободно и одговорно го остварија своето право на глас. Тоа е јасна и недвосмислена потврда за демократскиот капацитет на државата и важна инвестиција во нејзината стабилност“, кажа на прес-конференција, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„Овие избори покажаа дека институциите функционираат и дека демократските процеси се зацврстуваат. Во време на сериозни регионални и глобални предизвици, ова е вредност што мора да се чува и надградува, без разлика на политичките разлики. Во општина Маврово-Ростуше, ВМРО-ДПМНЕ оствари убедлива и многу важна победа. Онер Јакупоски е новиот градоначалник! Победа повеќе од двојна со над 1000 гласови разлика. Честитки за Онер, за сите симпатизери и за сите граѓани на Маврово-Ростуше. Оваа победа не е само локален резултат. Таа е јасна политичка порака. Порака дека граѓаните препознаваат работа, присуство на терен и одговорност. Порака дека не се наградуваат празни зборови, туку резултати“, истакна Мицкоски.
Оваа победа, вели тој, е „резултат на концептот што доследно го градиме: скромност, многу работа и реални решенија за секојдневните проблеми на граѓаните“.
„Во другите општини, изборната трка се водеше меѓу кандидати на други политички партии. Но целокупната политичка слика е повеќе од јасна. Со денешниот ден се заокружува резултатот од локалните избори во Македонија. ВМРО-ДПМНЕ победи во вкупно 56 општини во државата. СДСМ во 6. Тоа не е случајност. Тоа е јасен политички суд на граѓаните. Ова претставува уште еден тежок дебакл за СДСМ и за актуелното раководство на таа политичка партија. По историскиот пораз на локалните избори во 2025 година, денешните избори се само потврда дека изиграната доверба има последици. Партијата која на национално ниво освои околу 140 илјади гласови не може сериозно да зборува во име на мнозинството, ниту да се претставува како силна и кредибилна опозиција“, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Според Мицкоски, „проблемот на СДСМ не е само во изборните бројки“.
„Проблемот е многу подлабок. Тоа е пораз на политика што со години произведуваше криминал, конфликти, национални предавства и деструкција. Политика што ја држеше државата во место и ја трошеше енергијата на граѓаните. Затоа мора јасно да се каже: не станува збор само за блокади. СДСМ мора конечно да се соочи со сопственото коруптивно минато и со криминалците во своите редови. Без тоа расчистување, без јасна дистанца од корупцијата и криминалот, нема ниту кредибилитет, ниту доверба, ниту иднина оваа политичка партија. Македонија нема потреба од политика на навреди и ниски удари. Граѓаните се презаситени од политиканти кои бараат заштита во политиката за сопствените гревови. Оваа држава има потреба од борба на идеи, визии и програми. Од одговорна политичка конкуренција, а не од тоа кој погрубо и поневоспитано ќе навреди. Од другата страна е концептот што победува. Концептот на ред, стабилност и одговорност. Концептот на проекти, мерки и резултати. Концептот на држава што стои исправено и работи за своите граѓани, а не за тесните клановски интереси. Кланот на Венко Филипче доживува нов дебакл и тоа е резултатот кога се води политика на соопштенија напишани во други држави, а не борба на концепти и интересите за своите граѓани“, вели Мицкоски.
Македонија
МВР: Повторените локални избори завршија без нарушувања на јавниот ред и мир
Локалните избори кои се одржаа во дел од општините на подрачје на СВР Тетово, односно ОВР Гостивар и СВР Охрид се одржаа во мирна, фер и демократска атмосфера, информираат од Министерството за внатрешни работи.
„МВР во текот на целиот ден презеде мерки и активности во рамки на своите надлежности со цел непречено и безбедно спроведување на изборниот процес. Не беа регистрирани инциденти или било какви нарушувања на јавниот ред и мир“, стои во известувањето од МВР.

