Македонија
Ригорозни контроли за цените во два големи синџир-маркета од денес, инспекторите ќе утврдуваат дали ги изигрувале законите
Во пресрет на најавениот бојкот на маркетите поради лажно намалените цени, премиерот Христијан Мицкоски извести дека од денес се почнати вонредни контроли во два големи синџир-маркета. Одговорајќи на новинарски прашања по симулацијата на хибриден напад во касарната „Гоце Делчев“, премиерот рече дека однесувањето на маркетите го сфаќа како напад врз стандардот на граѓаните.
„Утрово, пред да дојдам на овој настан, имав координација со министерот за економија и труд, заменикот, претседателот на Комисијата за заштита на конкуренцијата и со директорот на Државниот пазарен инспекторат, и ги договоривме чекорите што ќе се преземаат почнувајќи од денеска. Знаете дека за време на вчерашната прес-конференција беа потенцирани два синџир-маркета, кои можеби прават одредени, би рекол, изигрувања на законите и процедурите и денеска и следните денови тие ќе подлежат на ригорозна контрола. Според информациите со кои располагаме, имаме дваесетина илјади коминтенти од синџир-супермаркети и ќе треба длабоко да се навлезе во тоа да видиме дали постојат вакви индиции. Истовремено, и други трговски објекти ќе бидат подложни на ваков тип контроли бидејќи стандардот на граѓаните е наш приоритет и ние ќе сториме сѐ како Влада да го заштитиме стандардот на граѓаните. И тоа треба сите да го знаат и дека сме сериозни во ова. Овој напад го сфаќаме како напад врз стандардот на граѓаните, а ние како Влада имаме право и обврска да го штитиме интересот – јавниот и интересот на граѓаните“, рече премиерот Мицкоски.
Тој вчера ја поддржа иницијативата за бојкот на маркетите в петок со мотото „Попусто попусти кога цените се исти!“ и потсети дека од самиот почеток зборува за однесувањето на поединци во овој бизнис, кои се обидуваат на шпекулативен начин да генерираат високи профити.
Иницијативата за бојкот на маркетите в петок ја поддржа и СДСМ, од каде што сметаат дека граѓаните се организираат за бојкот оти Владата не ги поддржала, а ВМРО-ДПМНЕ, пак, го поддржа бојкотот со објаснување дека одредени маркети со зголемувањето на цените влијаат директно врз зголемувањето на сиромаштијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Скопје утрово пак е покриено со магла, денес променливо облачно време со сончеви периоди
Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 2, а максималната ќе достигне од 6 до 13 степени, соопшти Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно и тивко со појава на магла. Минималната температура ќе се спушти до -3, а максималната ќе достигне до 8 степени.
До вторник ќе се задржи стабилно и претежно тивко време. По одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Од вторник кон крајот на денот и во следните денови ќе има повремени локални врнежи од дожд. На планините и на повисоките места врнежите ќе бидат од снег, информира УХМР.
Македонија
Викендот со стабилно време, дожд се очекува од вторник
За време на викендот ќе се задржи стабилно и претежно тивко време, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во сабота и недела времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Ќе дува слаб ветер, претежно од југоисточен правец.
Минималните утрински температури ќе се движат од -3 до 2 степени, додека дневните максимални ќе достигнуваат од 6 до 13 степени.
Во текот на викендот во Скопје се очекува променливо облачно и тивко време, со појава на магла, особено во утринските часови. Минималната температура ќе се спушта до -3 степени, а максималната ќе достигнува околу 8 степени.
Според УХМР, стабилното време ќе се задржи до вторник, по што кон крајот на денот и во следните денови се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, а на планините и повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Нема толеранција за узурпација: Скопје почна голема акција за расчистување на јавниот простор
Град Скопје започна сеопфатна акција за расчистување на бесправно изградените и узурпирани објекти, со цел заштита на јавниот интерес и обезбедување слободно, безбедно и достоинствено користење на јавните површини.
Како што информира градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, акцијата се спроведува без никакви отстапки и со јасна порака дека јавниот простор им припаѓа на граѓаните и мора да биде достапен за сите под еднакви услови.
„Нема толеранција кога узурпацијата на јавниот простор е во прашање. Започнавме голема акција за расчистување на бесправно изградените објекти и нема да има никакви отстапки“, напиша Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи.
Тој посочува дека тротоарите, пешачките патеки и јавните простори не смеат да бидат заложници на лични интереси и дека повеќе нема компромис кога се во прашање узурпациите што го нарушуваат животот, движењето и безбедноста на граѓаните.
Според градоначалникот, акцијата ќе продолжи со силно темпо и ќе ја опфати целата територија на Скопје.
Воедно, тој ги повикува граѓаните активно да се вклучат и да пријават објекти што го окупираат заедничкиот простор, со цел да се изгради град во кој владеат ред, достоинство и еднаква пристапност за сите.

