Македонија
Јаневска: Гарантирам дека ниту еден наставник нема да остане без работа
Ниту Министерството ни министерката прави Концепција. Имаме институции. Министерството за образование и наука се обрати до Бирото за развој на образованието и тоа ја изготви Нацрт-Концепцијата за гимназиско образование. Јавната дебата за Нацрт-Концепцијата е во тек. Ги следам писмените реакции што стигнуваат, се среќавам со претставници на образовни институции, со ученици и со родители. Има многу позитивни реакции. Секако, ќе има собраниска јавна расправа за Концепцијата, на која јас, како министерка, ќе ја бранам. Сите аргументирани барања ќе бидат прифатени.
Ова го одговори министерката за образование и наука Весна Јаневска на поставените прашања поврзани со Нацрт-Концепцијата за гимназиско образование, на денешната собраниска седница.
Јаневска појасни дека на минатонеделната средба на Филозофскиот факултет во Скопје, со претставници на катедрите, била водена конструктивна дискусија и било договорено во рок од 10 дена да достават забелешки за Нацрт-Концепцијата.
„Забелешките што ги слушам не се однесуваат на самата Концепција, туку на наставниот план и програмата, односно на бројот на часови. Дел од наставниците се плашат дека ќе останеле без работа. Гарантирам дека ниту еден единствен наставник нема да остане без работа. Да, ќе бидат повеќе ангажирани, за да се искачат нашите деца на меѓународните тестирања неколку места нагоре. Наставниците по филозофија нема да останат без часови, филозофијата, согласно Нацрт-Концепцијата е задолжителен изборен предмет“, одговори Јаневска.
Реформата на гимназиското образование следи по 24 години, и затоа, рече Јаневска, не може сега да се бара ништо да не се менува во наставниот план и наставната програма.
„Неопходни се промени. Начинот на којшто треба да предаваат наставниците, методите кои треба да ги користат, треба да бидат многу различни. Учениците треба да работат интерактивно, треба да се реорганизира училница за децата да почнат поинаку да работат. Не може да седат еден зад друг, зад грб, за да можат да научат. Треба меѓусебна интеракција, со наставниците, треба да им обезбедиме електронски средства не само смарт табла, за да настане промена. Но, и наставникот треба да научи како да го спроведе часот. Оваа концепција тоа го бара. Учениците да бидат во центарот, а наставниците да се вистински нивни учители. Убедена сум дека нашите наставници имаат голем капацитет и дека тоа за нив нема да биде проблем“, рече Јаневска.
Министерката посочи дека за обука на наставниците се предвидени 2 милиони евра, но дека ако има потреба, ќе се обезбедат онолку средства колку што треба.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Единствена Македонија ќе ги поддржи кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ во вториот круг од локалните избори
Членот на Извршниот комитет на Единствена Македонија, Вилијам Михајловски, на денешната прес-конференција најави дека партијата ќе ги поддржи кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ во вториот круг од локалните избори, што ќе се одржат во недела, на 2 ноември.
„Со големо задоволство соопштувам дека Единствена Македонија одлучи во недела, во вториот круг, да ги поддржи кандидатите за градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ. А што може да се очекува од една национална и патриотска партија како што е Единствена Македонија, која секогаш е на првата линија во одбрана на македонските национални интереси“, изјави Михајловски.
Тој истакна дека оваа одлука доаѓа по, како што рече, целосна медиумска блокада и исклучување на нивната партија од државното финансирање во првиот круг, но и дека Единствена Македонија не може да стои на страна во моментите кога, според него, се решава иднината на државата. Потсети дека партијата настапила самостојно со 29 кандидатски листи, но резултатот во првиот круг не бил на нивото што го посакувале.
Во обраќањето, Михајловски се повика на потребата од национално помирување и обединување, нагласувајќи дека изборите не се борба за поединци и партии, туку за државата.
Македонија
Почна поставувањето семафори на крстосницата кај „Васко Карангелевски“ во Аеродром
Денес екипи на ЈП „Улици и патишта“ – Скопје започнаа со градежните активности од првата фаза за поставување на светлосна сигнализација на крстосницата од улиците „Васко Карангелевски“ и „Ангел Димовски“ во населбата Аеродром.
„Работните активности се изведуваат по налог на Град Скопје, односно согласно основен сообраќаен проект за воведување на светлосни сигнали на оваа крстосница донесен од Град Скопје и според долгоочекуваната согласност од Министерството за внатрешни работи“, велат од „Улици и патишта“.
Во оваа фаза се врши рачен и машински ископ на земјан материјал за поставување темели на семафорски столбови и ископи за спроведување на електричната инсталација. По завршувањето на градежните работи, ќе следува монтажа на семафорската опрема и сигнализација.
Со поставувањето на новата семафоризирана крстосница, ќе се подобри проточноста на сообраќајот и значително ќе се зголеми безбедноста на учесниците во сообраќајот во овој дел од градот.
Македонија
Три нови битолски училишта ќе добијат фотоволтаици до крајот на учебната година
Општина Битола до крајот на учебната година ќе постави фотоволтаични системи на уште три згради на основните училишта во градот. Со оваа мерка, локалната самоуправа продолжува со активностите за зголемување на енергетската ефикасност и користење на обновливи извори на енергија во образовните установи.
Во текот на овие денови се вршат теренски проверки на состојбата на покривите на училиштата, како и проценка на можностите за најсоодветна позиција за поставување на соларните панели.
По завршувањето на анализите и објавувањето на тендерските постапки ќе следува и реализацијата, односно поставувањето на новите фотоволтаични соларни централи за производство на електрична енергија во три нови битолски училишта.
Со воведувањето на фотоволтаиците се очекува училиштата да остварат значителни заштеди во трошоците за електрична енергија и да придонесат кон намалување на јаглеродните емисии во општината.
Во моментов, на 10 објекти на основни и средни училишта во Општина Битола се поставени сончеви панели. Кон крајот на 2023 година, на објектот на училиштето и градинката во населбата Долно Оризари беше поставена првата фотоволтаична електрична централа во училиштата, по што во 2024 година беа поставени уште девет — три на средни и шест на основни училишта.

