Македонија
ГРОМ изненаденa од поддршката на Мицкоски за бојкотот: „Што ако маркетите една недела ги бојкотираат грѓаните?“
Граѓанската опција за Македонија ГРОМ вели дека е изненадена од леснотијата со која премиерот Мицкоски се нафрлал врз маркетите притоа не бирајќи зборови ниту пак закани кои не приличат на претседател на Влада на една држава.
„Малку се овие работи па уште иницира и поддржува бојкотирање на трговците на мало, не водејќи сметка каква штета им прави. Ваква неодговорна политика кон свои претпријатија е невидена од 1945 година па наваму во Република Македонија. Ваков пример Христијан Мицкоски имаше на север, во Социјалистичка Република Србија кога Слободан Милошевиќ нареди бојкот на словенските производи. До каде стаса Србија со таквата арогантна политика и Слободан Милошевиќ не треба да коментираме.
Со ова владата на Република Македонија, особено економските ресори и нејзиниот претседател демонстрираат непознавање на економски политики не знаење како функционира пазарна економија. Секоја влада за стопанството треба да создава услови да му ја зголемува профитабилноста, да го зголемува стандардот на граѓаните и да се труди со своите политики да ги намалува трошоците за производство, за трговија, дистрибуција, но и трошоците за живот. Овде гледаме отсуство на било каква конзистентна економска политика.
Го прашуваме премиерот Мицкоски зошто не повика да се бојкотираат казината и обложувалниците?
Зошто не преземе нешто за неговите другари, за дистрибутерите на електрична енергија, нафтените компании, телекомуникациските фирми, а пред се банките?
Банките, извршителите, нотарите, овие се вистинските сектори каде било какво ограничување ќе значи намалени трошоци на живот, повисок стандард, пониски цени и поголем остаток за сите.
На крајот имаме едно прашање, до господинот Мицкоски што ќе правите ако комората на малопродажните маркети одлучат во знак на револт една недела да ги бојкотираат граѓаните?
Што тогаш ќе преземете?
Дали насилно ќе им ги обивате маркетите?
ГРОМ предупредува дека еден бојкот раѓа друг бојкот, нов. Во исто време владата треба да одговори зошто ги зголемува буџетските расходи и зошто не намали од својот профит, односно од даночните зафаќања: ДДВ-то , персоналниот данок , данокот на добивка, туку напротив, малку му се, парите од македонските граѓани па позајмува и од Унгарија за да има што повеќе да троши?“, велат од ГРОМ преку соопштение.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Денеска е Божик – денот на христовото раѓање
Православните христијани во светот, во Македонија и црквите кои се раководат по Јулијанскиот календар денеска го слават Рождеството Христово – Божик. Во сите храмови на Македонската православна црква изутрината се одржуваат божикни литургии.
Божик е денот на Христовото раѓање според христијанската традиција. Тоа е втор најголем празник во христијанството, по Велигден. Денеска воедно завршува 40-дневниот пост и овој ден се прославува со богата трпеза со мрсни јадења.
Со Божик е поврзана и поговорката: „Пред Божик зад Божик кај да си, дома да си” што има двојно значење: за време на големиот празник треба да се биде во кругот на семејството и тука да се слушне и да се прослави радосната вест за раѓањето на Спасителот, но не е на одмет да се потсети дека во најстудениот период од годината, сепак најпријатно и најбезбедно е во сопствениот дом.
На Божик се оди во црква и се врши причестување со земање нафора и вино, кои ги симболизираат Исусовото тело и крв. По овој чин луѓето смеат да се омрсат. Се подготвува богата софра, на која скоро задолжително било свинското месо. На денот на Христовото раѓање, по одењето во црква луѓето се веселеле, играле и пееле среде село. Божик, според црковниот календар, се празнува три дена.
Вториот ден е Соборот на Света Богородица, а третиот е Свети Стефан првомаченик.Во некои краеви на овие празници, луѓето што го носат името Божидар, Божо, Бошко и сл. слават именден на Божик, а Стефан, Стојан, Стојче слават на Св.Стефан.
Од Божик почнуваат 12-те таканаречени некрстени или нечисти, погани денови, кои траат сè до пред Водици, денот кога Исус бил крстен. Се верува дека во овие денови се движат зли духови, караконџули, вампири, вештерки и сл. кои ги загрозуваат безбедноста и сигурноста на луѓето. Затоа од Божик до Водици, луѓето со себе носеле најразлични амајлии – апотропејски средства со кои се заштитувале од злите духови, како што се лук, пелин, сол.
Македонија
Следува променливо облачно време со повремени врнежи од дожд и снег
Времето утре ќе биде променливо облачно со врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни (над 25 l/m²), особено попладне и во текот на ноќта. На планините врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува засилен ветер од јужен правец (над 60 km/h).
Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 12, а максималната ќе достигне од 10 до 17 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен дожд, особено кон крајот на денот и во текот на ноќта. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на циклонска активност во следните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег. Поради продор на постуден воздух и засилен северен ветер во четврток врнежите ќе преминуваат во снег на повисоките и во некои од пониските места.
На планините во западните делови ќе се формира нова снежна покривка, а помала покривка се очекува и во пониските места. Во петок ќе има преодно стабилизирање на времето, а во деновите од викендот, особено во сабота повторно ќе има локални врнежи од дожд и снег, кои наместа ќе бидат пообилни. Температурите ќе бидат во опаѓање.
Македонија
(Видео) Николоски: 40 километри од автопатот Охрид – Кичево се веќе во функција
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на својот фејсбук профил објави ноќно видео од автопатот Охрид-Кичево, каде истакнува дека 40 километри од автопатот се ставени во функција.
„Погледнете го ова прекрасно ноќно видео од делот од автопатот Охрид – Кичево. 40 километри се веќе во функција. Се надевам голем број македонски граѓани ќе возат по овој автопат на пат кон Балканскиот Ерусалим – Охрид за овој Божиќ. Честитки на сите вредни работници кои се посветија на неговата изградба! За многу години Божиќ и Бадник!“ порача вицепремиерот Николоски.

