Македонија
Гром го остави без струја дебарско-струшкиот регион
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2022/08/vreme_-prognoza_-grmljavina_-grom-munja_.jpg)
Дебарско-струшкиот регион синоќа три и пол часа остана без напојување со електрична енергија.
Причина е гром кој ја погодил главната трафостаница во Хидроелектраната “Шпиље” кај Дебар.
„Главната трафостаница во ХЕ “Шпиље” погодена беше од гром-електрично празнење, при силно невреме. Екипите веднаш излегоа на терен и со максимално залагање големиот дефект беше саниран. Дебарско-струшкиот регион остана без струја од 19:50 до 23:20 часот“, велат од ЦУК.
Во Дебарскиот регион без струја беа општините Дебар, Центар Жупа и подрачјето на Река, општина Маврово и Ростуше.
Подрачјето кусо беше зафатено од невреме проследено со обилен дожд, електрични празнење и грмежи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2022/08/makfax_logo_350px.jpg)
Македонија
Левицата: Шест години преспански договор – сè подалеку од ЕУ, сè поблиску до бугаризација
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2024/05/levica.jpg)
Со Преспанскиот договор, владејачките елити од двете страни на границата, поддржани од европските бирократи, директно го прекршија цивилизациското право на самоопределување на македонскиот народ! Наметнатото и нелегитимно име на државата не е прифатено од обичните граѓани на Република Македонија и не може да биде никаков гарант за просперитет или помирување помеѓу двата народа! Реалноста во која живее македонскиот народ, шест години по потпишувањето на срамниот т.н. Преспански договор, ги исфрли на виделина сите ноторни лаги на домашниот и странскиот политичкиот естаблишмент, изнесени за време на кампањата за промена на уставното име на Република Македонија, велат од Левица.
Според нив референдумското прашање за промена на уставното име на Република Македонија е формулирано со капциозно прашање, проследено со агресивна милионска пропаганда и при такви услови, опресорот едвај успеал да обезбеди 36% излезност на референдумот.
„Самиот начин на кој беше извршена промената на името, преку амнестии за тешки криминали, погазување на народната волја и ослободување на криминалци и затвореници, резултираше со прогласување на Македонија за хибриден режим, се вели во реакцијата на Левица.
– Шест години подоцна, Македонија не само што не е членка на ЕУ, туку се чини дека сме сè подалеку од ваков резултат! Уценувањата за кои се ветуваше дека нема да постојат, денес се основен дел на агресивната бугарска политика, каде ЕУ повторно поддржува насилничко поведение, овојпат преку т.н. француски предлог, кој дополнително го ревидира македонскиот идентитет. Сепак, и утре да се случат бараните уставни измени, резултатот ќе биде ист – Македонија ќе остане надвор од ЕУ, додека земјата ќе се користи како полигон за империјалистичките потреби на НАТО, кои се финансираат директно од џебот на граѓаните.
Помирување и солидарност помеѓу народите се гради единствено преку почитување на националното право на самоопределување на секој народ и соработка на работничката класа, а не преку уцени и национал-шовинистички политики, поддржани од империјалистички пакт којшто врши супресија на помалите народи. Раководителите на ЕУ е должно да го променат политичкиот курс што го водат кон Македонија. Во спротивно, како се зголемуваат неразумните барања на нашите соседи, така евроскептицизмот во државава дополнително ќе расте, додека идејата за обединета Европа станува сè поневозможна! Една држава не може да биде слободна, доколку своето внатрешно уредување го гради поради опресија вршена од други држави! Договорите донесени заради лукративните интереси на домашните и странските моќници, не се народни, туку ништовени. Македонија има право на интеграција во меѓународните организации еднакво како и сите останати држави, без притоа да толерира некакви историско-ревизионистички и национал-шовинистички барања од нашите соседи“, велат од партијата.
Македонија
21 јуни, петок пред Духовден, неработен ден за граѓаните од православна вероисповед
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2018/02/crkva.jpg)
Министерството за труд и социјална политика соопштува дека во согласност со Законот за празниците на РM („Службен весник на РМ“, бр. 21/98 и 18/07), 21 јуни 2024 година (петок), Духовден, петок пред Духовден, е неработен ден за граѓаните од православна вероисповед во Република Северна Македонија.
Министерството за труд и социјална политика на граѓаните од православна вероисповед им го честита празникот.
Скопје
Во текот на една недела санкционирани 207 непрописно паркирани возила на територијата на општина Центар
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2024/06/poc.jpg)
ЈП Паркинзи на Општина Центар и Општина Центар во соработка со Сообраќајната полиција-Скопје во текот на една недела санкционираа 207 непрописно паркирани возила кои го попречувале нормалното и безбедно одвивање на сообраќајот.
„Во периодот од 10.06. до 16.06.2024 година, со помош на специјалните возила „Пајак“ на ЈП ПОЦ отстранети се 111 непрописно паркирани возила, а со поставување на механичко средство „Блокатор“ санкционирани се 96 возила кои биле затекнати на резидентни паркиралишта, а не биле корисници-резиденти на секторот во којшто биле паркирани“, велат од ПОЦ.
„ЈП ПОЦ и Општина Центар секојдневно водат грижа за да го доведат во ред сообраќајниот хаос настанат од непрописно паркираните возила на територијата на Општина Центар. Потсетуваме на почитување на сообраќајните правила од страна на секој учесник во сообраќајот со цел одржување на ред и безбедност на улиците“, се додава во соопштението на ПОЦ.