Македонија
МФ: Со ветото на СДСМ се доведува во прашање исплатата на плати и пензии
Доколку се укине издавањето на државни записи, се укинуваат механизмите за нормално и непречено реализирање на Буџетот, со штo се доведува во прашање исплатата на платите, на пензиите, воопшто на сите редовни исплати кои се вршат од Буџетот, соопшти во неделата Министерството за финансии.
Реакцијата на министерството уследи откако во петокот вечерта СДСМ најави дека преку дополнителниот заменик министер ќе стави вето на планираното задолжување на домашниот пазар во вторник за околу 100 милиони евра.„Ветото на опозициската СДСМ на издавањето државни хартии од вредност значи дека пензиите нема да се исплатат на почетокот на месецот, како што секогаш се исплаќаат овие девет години, нема да се исплатат платите за полицијата, војската, здравствените и образовните работници, социјалната помош, ќе се запре изградбата на патишта, водоводи, капитални проекти, ќе се запре исплатата на субвенции“, се вели во соопштението.Притоа се истакнува дека издавањето на државните хартии од вредност е предвидено со Буџетот за 2015 година, изгласан од Собранието, а со попречувањето се крши и законот.„Секоја земја издава државни хартии од вредност. На тој начин месечно се пегла балансот, односно приходите и расходите. На пример, акцизите и данокот на добивка се наплаќаат на 15-ти во месецот, а ДДВ на 25-ти. Законски пензиите и платите се исплаќаат до 15-ти во месецот. Државните записи имаат функција да обезбедат ликвидни средства во овој меѓупериод за да горенаведените и воопшто сите државни исплати и активности се вршат непречено, согласно планираното и договореното. Така отсекогаш функционирал Буџетот и така функционира и кај сите земји“, се појаснува во соопштението.Во соопштението се истакнува дека на календарот за одржување аукции за продажба на државни хартии од вредност на Министерството за финансии, може да се забележи дека освен датумите на идните аукции, има и датуми на стари доспеани записи кои треба да се исплатат.„Во контекст на аукцијата следната недела која предвидува продажба на државни записи во вредност од 100 милиони евра, истиот месец доспеваат за исплата стари записи во вредност од 5,2 милијарди денари или 84,6 милиони евра. Значи тоа не е ново задолжување, туку рефинансирање на веќе запишани хартии од вредност“, се вели во соопштението.Притоа се потсетува дека државни хартии од вредност се издаваат од 2004 година.„Доколку на тоа се додадат 150-те милиони евра од еврообврзницата која беше издадена во 2005 година од страна на владата на сега опозициската СДСМ, тоа се вкупно 234,6 милиони евра кои треба да се вратат во декември. Од нив 210 милиони, заедно со еврообврзницата, треба да се исплатат заклучно 8 декември – ист период кога се исплаќаат платите и пензиите“, стои во соопштението на министерството за финансии. /крај/мф/ап/
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Премиерот најави стабилизирање на инфлацијата: „Очекувам да се движиме околу 3 проценти“
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи денеска на новинарско прашање за инфлацијата, изјави дека очекува стабилизирање на ценовните движења во 2024 година.
„Како што веќе кажав во неколку наврати, очекувам инфлацијата оваа година да се стабилизира под 3 проценти“, рече Мицкоски.
„Очекувам месечна негативна динамика, односно опаѓање споредено со лани. Во јануари минатата година имавме т.н. кошничка, па очекувам оваа година да се движиме некаде околу 3 отсто – можеби малку под или малку над – но со јасна негативна тенденција месец за месец.“
Тој додаде дека во следните денови се очекува објавување на параметрите од страна на надлежните институции, и нагласи дека Владата спроведува политики што се во интерес на стандардот на граѓаните:
„Водиме домаќински политики, работиме на консолидација на состојбите. Од хаотична ситуација, распаднати институции и уништен систем, дојдовме до точка каде можеме да кажеме дека сме стабилизирани. Сега е време да ја развиваме Македонија каква што ја посакуваат сите граѓани“, додаде премиерот.
Економија
Угостителите во Македонија за една година ги поскапеа цените за 3,4 проценти
Цените на угостителските услуги во јануари 2026 година се зголемени за 0,2 проценти во однос на претходниот месец.
Во споредба со истиот месец од минатата година, цените се повисоки за 3,4 проценти, сопшти Државниот завод за статистика.
На годишно ниво, односно во 2025 година во однос на 2024 година, цените на угостителските услуги се зголемени за 4,8 проценти.
Во јануари 2026 година, во однос на декември 2025 година, цените по групи се зголемени за: 0,3 проценти кај храна, 0,2 проценти кај алкохолни пијалаци. Кај групите Безалкохолни пијалаци и ноќевања не се забележани промени на цените.
Економија
Владата предложи покачување на платите за администрацијата до 40 отсто, со почетно зголемување од 8 проценти од април
Премиерот Христијан Мицкоски, изјави дека денешната средба со Синдикатот на УПОЗ била конструктивна и дека на маса е предлог за зголемување на платите на административните службеници за 40 проценти во наредниот период.
Во интервју за Дневникот на МРТ, Мицкоски рече дека Владата ги презентирала условите и правилата под кои е подготвена да го реализира процесот на покачување на платите и дека сега се очекува одговор од синдикатите дали го прифаќаат предлогот.
„Денеска имавме состанок со УПОЗ. Ние дадовме понуда, истата онаа понуда за која јас зборував во јавноста. Ги поставивме условите и правилата под кои сме подготвени да го движиме овој процес напред“, изјави Мицкоски.
Тој посочи дека претставниците на УПОЗ и КСС најавиле дека ќе се консултираат со своите раководства и дека во текот на утрешниот ден ќе ја соопштат нивната одлука. Доколку се постигне согласност, според најавите, договорот би бил финализиран во недела, а од понеделник би започнала изработка на примерок на индивидуален синдикален договор.
Мицкоски појасни дека исплатата на зголемените плати би започнала во април, за мартовската плата, со осумпроцентно зголемување на збирот од постојната плата и минималната плата. Истиот модел би се применувал и во 2027 и во 2028 година.
„Тоа значи дека за околу две години и два до три месеци, административните службеници ќе имаат најмалку 40 проценти повисоки плати во споредба со сегашното ниво“, истакна премиерот.

