Свет
(Видео) Се запознале преку нивниот тренер, заедно станаа шампиони и се заљубија: загинаа во авионската несреќа во Вашингтон
Евгенија Шишкова и Вадим Наумов, кои загинаа во авионска несреќа на Американ Ерлајнс во близина на националниот аеродром Реган Вашингтон, беа истакнати руски лизгачи во парови познати по нивните значајни успеси во текот на 1990-тите. Заедно тие ја освоија титулата светски шампион во 1994 година и беа двапати олимпијци, натпреварувајќи се на Зимските олимписки игри во 1992 и 1994 година.
Шишкова и Наумов се запознале во 1985 година преку нивниот тренер. Тој сакал да ги види заедно на мразот. Иако Наумов на почетокот се двоумеше, по неколку пробни тренинзи се согласија да соработуваат и во почетокот на 1987 година ја започнаа својата натпреварувачка кариера.
Првиот голем успех го постигнаа во 1991 година, кога освоија бронзен медал на Европското првенство и го освоија петтото место на Светското првенство. Следната година се квалификувале за Зимските олимписки игри во Албервил, каде што завршиле на петтото место.
Во сезоната 1992/93. го освоија првиот светски медал – бронзата, додека на Олимписките игри 1994 година во Лилехамер го освоија четвртото место. Сепак, врвот на кариерата го доживеаја на крајот од таа сезона, кога станаа светски шампиони.
Доминација на меѓународната сцена
Од 1991 до 1995 година Шишкова и Наумов освоија пет европски медали, а во 1995 година го освоија среброто на Светското првенство. Во февруари 1996 година, тие постигнаа уште еден важен успех, освојувајќи злато на престижното финале на серијата на шампиони, подоцна познато како Гран При Финале.
На Светското првенство во 1996 година тие беа трети по кратката програма, но во конечниот пласман завршија четврти поради неодобрувањето на дел од судиите. Тие не успеаја да се квалификуваат за Олимписките игри во 1998 година, по што решија да ги прекинат своите натпреварувачки кариери. Истата година ја освоија титулата светски професионални шампиони.
Тренерска кариера и семеен живот
По повлекувањето од натпреварувањето, тие се преселиле во Симсбери, Конектикат, каде што почнале да работат како тренери во Меѓународниот центар за лизгање. Од февруари 2017 година, тие се дел од стручниот штаб за лизгачки клуб на Бостон.
За време на неговата 22-годишна тренерска кариера, Наумов тренираше многу истакнати лизгачи, вклучувајќи го и јуниорскиот шампион на САД од 2020 година, Максим Наумов, како и бројни други национални и меѓународни медалисти.
Евгенија Шишкова и Вадим Наумов се венчале во Санкт Петербург во август 1995 година, а во 1998 година се преселиле во САД. Нивниот син Максим Наумов, роден во август 2001 година, ја продолжи семејната традиција и се натпреварува во машка индивидуална категорија за САД.
За потсетување, според пишувањата на медиумите, Евгенија Шишков и Вадим Наумов биле меѓу патниците на авионот на Американ ерлајнс кој се урна во близина на националниот аеродром Вашингтон Реган.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Макрон: Франција ќе се спротивстави на наметнувањето увоз од јужноамериканските земји
Францускиот претседател Емануел Макрон денес го предупреди Брисел против финализирање на договорот за слободна трговија со јужноамериканските земји поради противењето од француската влада и земјоделците.
„Доколку европските власти имаат намера да го наметнат, Франција ќе се спротивстави многу силно“, рече Макрон на состанокот на кабинетот во Париз, според портпаролката на владата Мод Брежон.
Владата јасно стави до знаење во текот на викендот дека не сака земјите од ЕУ наскоро да гласаат за договорот со земјите од Меркосур, кој го сочинуваат Бразил, Аргентина, Уругвај и Парагвај. Протестите на земјоделците против договорот од Меркосур и справувањето на владата со епидемијата на добиток се шират во Франција.
Со околу 19 милиони животни, Франција е најголемиот производител на говедско месо во Европа.
„Доколку договорот со Меркосур се потпише на крајот од неделата, тоа природно би довело до многу посилни протести“, изјави Арно Русо, претседател на чадор организацијата на француските земјоделски здруженија (FNSEA), за телевизијата Франс Интер.
Европската унија и Меркосур постигнаа политички договор пред една година за договор за слободна трговија, кој е во процес на преговори веќе 25 години.
Евентуалното отворање на пазарот на ЕУ за производите на Меркосур наиде на отпор во Европа, првенствено во земјоделскиот сектор, а во октомври Европската комисија предложи заштитни мерки за европските земјоделци кои треба да ги решат нивните загрижености и противење на трговскиот договор.
фото/депозитфотос
Свет
Путин ги нарече европските лидери свињи: „Нема цивилизација во Европа, само распаѓање“
Претседателот на Русија, Владимир Путин, денеска изјави дека Русија ќе ги постигне своите цели во Украина со дипломатски или воени средства и дека ќе се стреми да ја прошири безбедносната тампон-зона во таа земја.
„Прво, целите на специјалната воена операција несомнено ќе бидат постигнати. Ние би претпочитале да го решиме ова, како и основните причини за конфликтот, преку дипломатија“, рече Путин.
„Доколку спротивставената страна и нејзините странски спонзори одбијат да учествуваат во важни дискусии, Русија ќе постигне ослободување на својата историска територија со воени средства. Задачата за создавање и проширување на безбедносната тампон-зона исто така ќе биде доследно разгледувана“, рече тој.
Од украинските региони што ги смета за своја територија, Русија моментално ги контролира Крим, околу 90% од регионот Донбас и 75% од Херсон и Запорожје. Покрај тоа, Русија држи дел од територијата во соседните региони Харков, Суми, Днепропетровск и Николаев.
Путин рече дека Европејците се индоктринираат со страв од војна со Русија и ги обвини европските лидери за поттикнување хистерија.
„Постојано повторував: ова е лага, глупост, чиста глупост за некоја имагинарна руска закана за европските земји. Но, ова секако се прави намерно“, рече тој.
Путин нагласи дека Русија не се стреми да влезе во војна со Европа, но е подготвена за војна ако Европа го сака тоа.
Путин тврдеше дека претходната американска администрација „намерно ја насочила ситуацијата кон вооружен конфликт“, додавајќи дека Вашингтон верувал дека Русија може да биде ослабена или дури и уништена за краток временски период.
Потоа тој остро ги критикуваше европските лидери, обвинувајќи ги дека се приклучиле на администрацијата на Џо Бајден.
„Европските масли свињи (оригинално little pigs) веднаш се приклучија на бизнисот на претходната американска администрација, надевајќи се дека ќе профитираат од колапсот на нашата земја, ќе вратат нешто што е изгубено во претходните историски периоди и ќе се одмаздат“, рече Путин.
„Во Европа нема цивилизација, има само деградација“, рече Путин.
Фото/депозитфотос
Свет
Хакери упаднаа во системот на француското министерство, пристапија до тајни бази на податоци
Француското Министерство за внатрешни работи беше цел на голем сајбер напад што траеше неколку дена, за време на кој беа компромитирани е-пошта сметките на вработените и беше пристапено до чувствителни полициски досиеја. Информацијата денес ја потврди министерот за внатрешни работи Лоран Нуњез, објави „Euronews“.
Во интервју за „Franceinfo“, министерот Нуњез рече: „Пред неколку дена бевме цел на злонамерен упад“. Тој нагласи дека е во тек судска истрага „со цел многу брзо да се пронајде сторителот“.
Според него, напаѓачите успеале да пристапат до „одредени професионални е-поштенски сандачиња“ и на тој начин да добијат пристапни кодови. Ова им овозможило да консултираат голем број важни полициски бази на податоци, вклучувајќи го Системот за обработка на кривични евиденции (TAJ) и Регистарот на барани лица (FPR).
Обемот на штетата е сè уште непознат
Иако нападот е потврден, точниот обем на штетата е сè уште нејасен. „Сè уште не го знаеме обемот на компромитирањето. До денес, можеби неколку десетици датотеки се отстранети од системот“, рече Нуњез.
Тој додаде дека „апсолутно не може да каже дали тоа ќе ги компромитира истрагите или не“, но инсистираше дека инцидентот „не ги загрозува животите на нашите сограѓани“. Министерството, кое вработува речиси 300.000 луѓе, не добило никакви барања за откуп.
Нуњез одоговорноста ја препиша на „небрежноста“ од страна на поединци во министерството, и покрај редовните предупредувања за безбедносните процедури.
Доволно е неколку поединци да не ги почитуваат овие правила“, рече тој.
Фото: депозитфотос

