Економија
Димитриеска-Кочоска: Немаме ништо против минимална плата 450 евра, ако се договорат работодавците и работниците, ќе ги поддржиме

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска ќе поддржи минимална плата 500 евра доколку има таков договор меѓу работодавците и синдикатите. Вели дека зголемувањето ќе влијае на малкумина вработени што земаат плата од државата.
„За минималната плата ќе разговараат работодавците и работниците. Ние ќе го следиме процесот и она што ќе го договорат меѓусебе, ние тоа ќе го прифатиме. Зошто? Затоа што во изминатиот период врз база на направените анализи констатиравме дека минималната плата како компонента што влијае на платите во државните органи опфаќа многу мал број државни службеници, приближно 14.000 мислам дека беа. Сите други не се поврзани, така им се дефинирани според систематизациите, не се поврзани со минималната плата, така што како држава ние немаме ништо против, што ќе се договорат меѓусебе двете страни, ние тоа ќе го поддржиме“, рече министерката Димитриеска-Кочоска.
Барањето на некои комори државата да плаќа дел од придонесите за да може минималната плата да се заокружи на 500 евра, Димитриеска-Кочоска децидно вели дека тоа е обврска што ќе мора да си ја плаќаат кон државата оти не е предмет на договор. Освен тоа, според министерката, во земјата се плаќаат придонеси што се многу пониски од оние во соседството, па затоа смета дека нема потреба од измени во тој дел.
Сојузот на стопанските комори уште на првомајскиот протест лани пред изборите побара од новата Влада во првите 100 дена минималната плата да ја крене на 450 евра, но за ова барање сѐ уште се водат преговори.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
„Прима“ слави јубилеј – 30 години постоење

Колкав број фирми можат да се пофалат со 30-годишен јубилеј, кој дополнително е обележан со постојан раст и развој? Кога на тој податок ќе го додадеме и оној дека станува збор за регионален „играч“ кој постојано го зголемува бројот на земји низ кои се шири, тогаш е јасно дека станува збор за сериозна фирма. Се разбира зборуваме за Прима која е водач во производството на мебел во Хрватска и со проширена мрежа на свои продажни салони во Македонија.
Во нејзиното 30-годишно постоење, Прима од мала производствена единица, со добра визија, идеја, волја и работа, прерасна во име кое во себе ги има инкорпорирано квалитетот, современиот начин на живеење, дизајнот и потребите на потрошувачите. А сето тоа значи квалитетно изработен мебел во сега веќе неколкуте фабрики лоцирани во Хрватска користејќи само внимателно одбрани материјали. Но Прима не би била тоа што е, доколку мебелот не е и внимателно издизајниран од дизајнери кои секогаш будно ги следат новите трендови во светот на дизајн на ентериер и кој во своите визии ги внесуваат најдобрите решенија.
Но во својот развој, Прима е пионер во проширувањето на дејноста во салоните каде што последниве години нуди неколку нови услуги кои им излегуваат пресрет на
потрошувачите и нивните потреби, како: дизајн на ентериер, дизајн на кујни по мерка, 3Д-планирање кои нивните дизајнери и архитекти ги решаваат заедно со клиентите нудејќи на тој начин индивидуален пристап и најсоодветни решенија.
Прима секогаш имала желба да им се приближи најмногу на своите потрошувачи со тоа што го најдува соодветниот простор за своите салони во сите поголеми градови, а во скоро време и својот web-shop кој овозможува преглед и нарачки од својот дом.
Тука се и услугите: мерење, 3Д-планирање, превоз и монтажа на нарачаниот мебел и најважното: удобноста и уживањето во кое секој оној што ги користи мебелот на Прима може со 100 % сигурност да го потврди.
Овој 30-годишен јубилеј постоење, Прима ќе го прослави нудејќи топ попусти на 30 артикли од својот богат асортиман.
Погледнете повеќе на следниот линк : https://www.prima-mebel.mk/30-artikli-po-top-ceni или посетете ги салоните на Прима.
(ПР)
Економија
Николоски во Лондон се сретна со Тим Рид: економската соработка меѓу двете земји во делот на реализацијата на капиталните инвестиции тема на разговорот

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, вчеравечер во Лондон оствари работна средба со Тим Рид, извршен директор на Извозно кредитната агенција на Обединетото Кралство.
Како што информира Министерството за транспорт, на средбата се разговарало за економската соработка меѓу двете земји во делот на реализација на капиталните инвестиции.
Притоа вицепремиерот Николоски ги истакна плановите на Владата за развој и модернизација на инфраструктурата со посебен акцент на патната и железничката мрежа.
Тој потенцираше дека проектите што ги опфаќа инвестицискиот план на Владата на Република Македонија, покрај развој на домашната економија имаат и регионално значење, а придобивките од нив се повеќекратни за земјите од Западен Балкан.
На средбата беа разменети информации околу потенцијалната соработка меѓу двете земји и поддршката што може да ја обезбеди оваа Агенција во рамки на нејзините државни политики.
Исто така беше истакнато дека Обединетото Кралство е стратешки партнер на Македонија во развојот на земјата и во тој конткест политиките ќе се насочат кон подршка на економскиот и општествениот развој.
Работните средби на вицепремиерот Николоски продолжуваат и денеска во Лондон каде е планирано да се реализираат одвоени средби со Стивен Даути, министер задолжен за Европа, како и со Дејм Карен Пирс, специјален претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан, соопшти Министерството за транспорт.
Економија
Божиновска: Технолошкиот развој бара партнери, Македонија и Чешка ги продлабочуваат енергетските и технолошките врски

Технолошкиот развој е клучот за иднината, а меѓународните партнерства се силата што го движи напредокот. Денешниот Енергетско-технолошки форум, организиран од Амбасадата на Чешка во Скопје, беше јасна потврда за тоа, велат од Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини.
На форумот присуствуваа вицепремиерот Изет Меџити, министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска и амбасадорот на Чешка, Јарослав Лудва. Настанот претставуваше значајна платформа за размена на идеи, искуства и иницирање нови соработки меѓу Чешка и Македонија во областа на енергетиката, технологијата и економскиот развој. Во фокусот беа теми како што се зелената транзиција, обновливите извори на енергија, дигитализацијата и технолошките иновации.
„Дадовме силна поддршка за нови партнерства меѓу институциите, бизнис-секторот и експертите од двете земји. Чешка денес има модерни електрани, експерти што може да ни помогнат – Од енергија до дигитализација – имаме многу што да споделиме, но уште повеќе што да изградиме заедно“, истакна Божиновска.
Во рамки на форумот се одржаа и презентации на чешки компании специјализирани во областа на рударството, енергетиката и машинската индустрија. Посебен акцент беше ставен на технолошките решенија за обновливи извори, дигитална контрола на индустриски системи и модерна опрема за производство на енергија и обработка на суровини.
Форумот беше организиран со поддршка на Министерството за надворешни работи и Министерството за индустрија и трговија на Чешка, како и здружението Czech Extraction and Mining Technology.
„Само преку координација на идеи, ресурси и визии можеме успешно да се справиме со енергетските предизвици и да напредуваме на технолошки план“, беше заедничкиот заклучок на учесниците.