Економија
(Видео) Мицкоски: Инспекторите влегоа во сите поголеми супермаркети, се прави детална анализа

Ден по бојкотот на маркети поради високите цени, премиерот Мицкоски изјави дека инспекторите се на терен во сите поголеми супермаркети, се прави детална анализа, при што според првичните сознанија она за што биле загрижени во однос на цените е всушност реалност.
„Излегоа на терен сите институции, повеќе информации би имал од понеделник, но можам да кажам дека се наоѓаме буквално во сите поголеми супермаркети и се прави детална анализа, повеќе информации ќе можам да споделам со јавноста од понеделник. Но, можам да кажам дека делот од она што бевме загрижени, односно нашите стравувања стануваат вистина и реалност, така што делуваме и ќе продолжиме да делуваме. Како Влада имаме обврска да го штитиме стандардот на граѓаните“, вели Мицкоски.
Тој рече дека ќе се води сметка и за пазарната економија, односно да не дојде до нарушување на нејзините принципи и додаде дека сите засегнати треба заедно да работат со цел од целата ситација да излезат како победници.
Вчерашниот бојкот ги остави речиси празни најголемиот дел од маркетите, а намалено беше и пазарењето во помалите продавници и на пазарите.
За износот на намалениот промет се очекуваат информации од УЈП.
Минималната синдикална кошничка што ја изработува ССМ покажа дека минималните трошоци на едно четиричлено семејство во јануари се зголемени за 391 денар во однос на декември.
Премиерот Мицкоски, на последните пратенички прашања во Собранието, најави дека в понеделник на седница на Економско-социјалниот совет ќе презентира, како што рече, „вистински цени“ од производи од потрошувачката кошница, бидејќи според него се манипулирало при пресметката од страна на поранешни функционери од СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Народната банка и Агенцијата за катастар на недвижности потпишаа Меморандум за соработка

Народната банка и Агенцијата за катастар на недвижности денеска потпишаа Меморандум за соработка, со кој се воспоставува рамка за унапредена размена на податоците и информации од заемен интерес, во функција на подобрување на аналитичките и институционалните активности на двете институции.
Меморандумот, кој го потпишаа гувернерот на Народната банка, д-р Трајко Славески, и директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Иван Живковски, претставува основа за систематска и безбедна размена на информации, пред сѐ од Регистарот на цени и закупнини што го води Катастарот како дел од Геодетско-катастарскиот информациски систем.
Преку оваа соработка, Народната банка ќе ги збогати анализите на ризиците од пазарот на недвижности како важен сегмент во рамки на нејзините активности за придонесување кон постигнување и одржување на финансиската стабилност.
Овој документ е одраз на заемната определба на Народната банка и Агенцијата за катастар на недвижности за интензивирање на меѓуинституционалната соработка, базирана на принципите на професионалност, транспарентност и ефикасност, во насока на унапредување на квалитетот на податоците и политиките од јавен интерес.
Економија
Министерството за финансии и Групацијата на небанкарски финансиски друштва при Стопанската комора почнуваат со редовна комуникација за состојбите на пазарот

На 7 октомври Министерството за финансии и претседателството на Групацијата на небанкарски финансиски друштва при Стопанската комора на Македонија одржаа работен состанок, којшто го водеше државниот секретар во Министерството, Андриана Матлиоска. На состанокот беа дискутирани актуелните состојби на финансискиот пазар во делот на финансиските друштва.
Врз основа на направените анализи е констатирано успорување на растот на кредитната активност на финансиските друштва по донесувањето на последните измени на Законот за финансиски друштва во јули 2023 година и Правилникот за кредитен ризик од април 2024 година. Така, податоците покажуваат дека во првото полугодие на 2025 година, во вкупното кредитирање во земјата, финансиските друштва учествуваат со 2,3%. Воедно, засилениот надзор од Министерството за финансии над работењето на финансиските друштва влијаеше во насока на консолидација на секторот и намалување на бројот на финансиските друштва од 35 на 26 финансиски друштва.
На состанокот беше поздравено формирањето на Одделението за следење и надзор над работата на небанкарските институции во рамки на Секторот финансиски систем во Министерствот за финансии, преку кое се зајакнува вонтеренскиот и теренскиот надзор на финансиските друштва и имплементацијата на законската рамка и подзаконските акти донесени од Министерството за финансии во својство на регулатор.
Како што беше истакнато на состанокот примарна цел на Министерството за финансии и на Групацијата на небанкарски финансиски друштва е заштита на потрошувачите. Во таа насока од страна на државниот секретар Матлиоска беше истакнато дека Министерството за финансии како регулатор во оваа област, постојано работи на зајакнување на регулативата со цел обезбедување висока заштита на правата на потрошувачите кои користат финансиски услуги од финансиските друштва. При тоа таа додаде дека преку постојани подобрувања на регулативата, финансиските друштва се обврзани да воспостават систем за
управување со кредитен ризик, што значи дека се обврзани одговорно да ја проценуваат кредитната способност на клиентот пред да одобрат кредит.
Во тој контекст претседателството на Групацијата информираше и за спроведување на Етичкиот кодекс кој беше донесен во јуни 2025 година, а кој
На состанокот беше истакната заедничката заложба за поголема транспарентност на податоците и информациите за работата на финансиските друштва во јавноста. Во контекст на ова, а согласно последните измени, покрај регуларните извештаи и обврски за известување кои и досега ги имаа финансиските друштва, истите сега имаат обврска задолжително транспарентно и јавно да го објават својот тарифник со надоместоците на својата веб-страница и на видно место во своите работни простории. Тоа на потрошувачите ќе им овозможи целосен увид во сите трошоци пред склучување на договорот.
Заеднички беше констатирано дека сите преземени досегашни мерки ја потврдуваат посветеноста за финансиската стабилност на пазарот и заштитата на потрошувачите.
(ПР)
Економија
Цените на нафтата се искачија над 66 долари

Цените на нафтата денес се искачија над 66 долари на меѓународните пазари, при што водечките производители објавија само умерено зголемување на понудата кон крајот на годината и индикации за стабилна побарувачка за гориво во САД.
На лондонскиот пазар, цената на барел попладне беше за 1,04 долари повисока од вчерашното затворање, на 66,49 долари. На американскиот пазар, барелот се тргуваше по цена повисока за 1,13 долари, на 62,86 долари.
Инвеститорите беа изненадени од објавата на почетокот на неделата од водечките производители дека имаат намера само умерено да ја зголемат понудата кон крајот на годината.
Групата од осум членки на Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) и нејзините сојузници објавија во неделата дека ќе испумпаат само дополнителни 137.000 барели дневно на пазарот во ноември.
Тие веќе ја зголемија понудата за 411.000 барели дневно во септември.
„Осумката“ забележа дека изгледите за глобалната економија се „стабилни“ и дека пазарните индикатори се „моментално здрави“, судејќи според „ниското ниво на залихи“.
Пазарите очекуваа октомври да означи само краткорочен одмор во забрзаната нормализација на залихите.