Македонија
Шекеринска: Немам никаква поврзаност, ниту сум интервенирала за возачот кој ја усмрти Фросина
Заменик-генералниот секретар на НАТО, Радмила Шекеринска, денеска на својот Фејсбук профил објави реакција откако неколку дена кружат објавите во кои се тврди дека интервенирала за пуштање на возачот Васил Јованов, осомничен за убиството на 22-годишната Фросина Кулакова, додека Обвинителството го истражувало за дрога.
Таа упати длабоко сочувство до семејството и блиските на Фросина.
„Најдиректно сакам да ги демантирам сите такви наводи – тие се целосна, безобразна и исконструирана лага за која не постои никаква основа.
Одговорно тврдам дека со ниту едно од споменатите лица немам никаков контакт, познанство ниту пријателство: ниту со сторителот ниту со неговиот родител, а уште помалку со судијката што одлучувала за неговите предмети. Со ниту едно! Дополнително, сите што ме познаваат го знаат мојот став за овие прашања. Како и сите вие, и јас се плашам кога мои блиски ја поминуваат „Партизанска“ (особено кај „Силбо“). Како многумина од вас, и јас сум реагирала на беснеењето на возачите што мислат дека правилата не важат за нив и дека нашите улици се писта за нивните комплекси и покажување „сила“. И никогаш, ама буквално никогаш не сум се јавила на никој за да побарам ургенција за каква било сообраќајна грешка. Никогаш! Некои пријатели ми замериле поради тоа (што не сум „им завршила работа”), но сум стоела зад мојот став, бидејќи искрено верувам дека неказнивоста води кон повторување на делата, а тоа значи само чекор до трагедија“, стои меѓу другото во објавата на ФБ профилот на Шекеринска.
22-годишната Фросина Кулакова пред четири дена беше прегазена од дваесет годишниот Васил Јованов, кој возел пијан, без возачка дозвола и минал на црвено светло, додека таа минувала на пешачки премин на Партизанска.
На 20-годишниот скопјанец осомничен за смртта на Фросина му беше определена мерка притвор од 30 дена, а за него и претходно имало кривични пријави за друга сообраќајна незгода и за недозволена употреба на дрога.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре сончево со мала до умерена облачност, викендот постудено со локални слаби врнежи од дожд и снег
Времето утре, ќе биде сончево со мала до умерена облачност. По одделни котлини во утринските часови ќе има услови за појава на магла. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -6 до 1, а максималната ќе достигне од 6 до 13 степени.
Во Скопје, ќе биде сончево и тивко со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до -4, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Во деновите од викендот ќе преовладува променливо облачно и постудено време со локални слаби врнежи од дожд и снег во пониските и снег на повисоките места и на планините.
Дневната температура ќе има тенденција на опаѓање. Потоа до средината на следната седмица времето ќе биде стабилно и суво.
Македонија
Утре без вода дел од општина Центар
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека утре ( петок ) поради изведувзње на водоводен уличен дефект Ф200мм. на улица Димитар Чуповски 27 (позади гимназијата Јосип Брос Тито), со прекинато водоснабдување ќе бидат дел од корисниците на улицата Димитрие Чуповски и Мито Хаџивасилев Јасмин.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување на работните активности.(општина Центар)
Македонија
Претреси на повеќе локации поради сомнежи за даночна измама од поголеми размери
Од попладнево, под раководство на јавен обвинител од Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), истражители од истото обвинителство, со асистенција на полициски службеници од МВР, вршат претреси на повеќе локации низ државата.
Како што наведува ОЈО ГОКК, се обезбедуваат лица осомничени за злосторничко здружување, перење пари, даночна измама и даночно затајување од поголеми размери. Oд она што досега е познато, вклучени се и вработени во Управата за јавни приходи.
Повеќе информации се најавени во текот на денот.

