Македонија
(Видео) Георигиева-Трпевски: СДСМ бара оставка од Таравари за хаoсот во здравството
Здравствен систем е пред колапс и во тотален хаос: нема лекови на Онкологија, дечиња умираат на Клиниката за детски болести, има недостиг на кадар, повторно има листи на чекања, нема добри здравствени услуги, кажа денеска на прес-конференција, д-р Душанка Георигиева-Трпевски, членка на Извршниот одбор на СДСМ.
„Само минатата година, за шест месеци, регистрирани се 19 починати доенчиња и едно петгодишно девојче. Ова не се бројки – ова се изгубени животи! Деца умираат поради недостаток на здравствена грижа, поради неодговорноста на надлежните. Нема лекови на Клиниката за Онкологија, луѓе умираат поради неспособност на власта. Ова не е само здравствен проблем – туку хуманитарен, затоа што е директна закана по човечките животи. Животи кои зависат од лековите што државата мора да ги обезбеди, а денес ги нема! Сега дознаваме и дека лицата со хемофилија се во страв – тендерот за нивните лекови не е распишан навреме, и големи се шансите да остануваат без основната терапија која им значи живот!
Листи на чекања за преглед има повторно, пациенти се жалат дека ова станува голем проблем. И работата на Клиниката Козле е доведена во прашање. Се врши мобинг врз лекарите од директорка која по секоја цена ја штитат Таравари и ДПМНЕ, на директна штета на здравјето на децата“ вели Георигиева-Трпевски.
Таа истакна дека на чело на многу клиники се поставени директори без потребното искуство, што дополнително го влошува функционирањето на здравствениот систем.
„Има директори кои земаат пари за дежурства, а никогаш не се појавиле на клиника! Оваа катастрофална состојба во здравството не е случајна. Таа е резултат на неспособност и неодговорност на министерот Таравари и Министерството за здравство. Таравари веќе осум месеци раководи со здравствениот сектор, а неговата партија управува со овој ресор веќе две години. Политичкиот континуитет е факт, како што е факт и целосниот колапс на здравствениот систем. Ова не може и не смее да продолжи! Катастрофата во здравството ја плаќаат луѓето со своето здравје и живот. СДСМ бара итна оставка од министерот Арбен Таравари за хаосот во здравството! Бараме одговорност!“, заклучи Георигиева-Трпевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Викендот со стабилно време, дожд се очекува од вторник
За време на викендот ќе се задржи стабилно и претежно тивко време, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во сабота и недела времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Ќе дува слаб ветер, претежно од југоисточен правец.
Минималните утрински температури ќе се движат од -3 до 2 степени, додека дневните максимални ќе достигнуваат од 6 до 13 степени.
Во текот на викендот во Скопје се очекува променливо облачно и тивко време, со појава на магла, особено во утринските часови. Минималната температура ќе се спушта до -3 степени, а максималната ќе достигнува околу 8 степени.
Според УХМР, стабилното време ќе се задржи до вторник, по што кон крајот на денот и во следните денови се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, а на планините и повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Нема толеранција за узурпација: Скопје почна голема акција за расчистување на јавниот простор
Град Скопје започна сеопфатна акција за расчистување на бесправно изградените и узурпирани објекти, со цел заштита на јавниот интерес и обезбедување слободно, безбедно и достоинствено користење на јавните површини.
Како што информира градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, акцијата се спроведува без никакви отстапки и со јасна порака дека јавниот простор им припаѓа на граѓаните и мора да биде достапен за сите под еднакви услови.
„Нема толеранција кога узурпацијата на јавниот простор е во прашање. Започнавме голема акција за расчистување на бесправно изградените објекти и нема да има никакви отстапки“, напиша Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи.
Тој посочува дека тротоарите, пешачките патеки и јавните простори не смеат да бидат заложници на лични интереси и дека повеќе нема компромис кога се во прашање узурпациите што го нарушуваат животот, движењето и безбедноста на граѓаните.
Според градоначалникот, акцијата ќе продолжи со силно темпо и ќе ја опфати целата територија на Скопје.
Воедно, тој ги повикува граѓаните активно да се вклучат и да пријават објекти што го окупираат заедничкиот простор, со цел да се изгради град во кој владеат ред, достоинство и еднаква пристапност за сите.
Македонија
Мицкоски најави две нови странски инвестиции од 80 милиони евра
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, дали има најава за нови инвестиции во државата, информираше дека веќе има потврда за две нови странски инвестиции во вкупна вредност од околу 80-тина милиони евра.
„Па да, ние генерално, преговараме со многу компании коишто доаѓаат надвор од земјава, коишто ќе инвестираат во Македонија. Можам да потврдам дека веќе имаме потврда од две такви. Една турска, една германска, коишто вкупно ќе инвестираат околу 80-тина милиони евра. Извозот којшто двете заедно ќе го прават од Македонија ќе биде над 200 милиони евра и вкупно двете компании би требало да вработат некаде околу 1.000 вработени. Двете не се во автомобилската индустрија, туку во индустрија со висока технологија, што посебно нè прави горди“, изјави Мицкоски.
Премиерот очекува бројот на странски инвестиции во државата значајно се зголемат до крајот на годината.
„До крајот на годината очекувам уште најмалку три потврди, со што ќе го заокружиме овој циклус, а во следната година ќе продолжиме и на овој план да работиме, да ги поддржуваме домашните компании е наш приоритет, но, се разбира, и компании коишто доаѓаат од надвор, а коишто пројавуваат интерес да инвестираат тука, се добредојдени. Фокусот ни е малку да направиме диверзификација на тоа портфолио, да не биде само автомобилската индустрија, туку и ваков тип на инвестиции во висока технологија“, објасни премиерот.

