Економија
Ристески: Го смиривме галопирачкиот од на цените предизвикан од претходната влада

Порано една друга политичка гарнитура и една друга политичка власт во Македонија воведувала мерки со замрзнување на цени. Замрзнувањето на цени кога имало инфлација рекордна во историјата на Македонија, една од најголемите инфлации во Балканот и во Европа, 19-20% инфлација, 10-12% и така натаму воведувале замрзнување на цени, и тоа се било добро се до моментот кога ги замрзнувале цените, вели заменик министерот за економија и труд, Марјан Ристески на денешната трибина чија главна тема беа цените на производите односно како тие се одразуваат на стандардот на граѓаните и кои се можните решенија за оваа проблематика.
Во овој контекст Ристески појаснува дека после таквото замрзнување на цените доаѓа до еден галопирачки од, еден ценовен шок за граѓаните бидејќи трговците и производителите во тој случај сакаат да надоместат се што изгубиле во периодот кога цените биле замрзнати. Притоа ниту трговците, ниту производителите не биле санкционирани, напротив тие биле ад хок оставени на слободниот пазар поради што понатаму доаѓа до несразмерно растење на цените.
„Со започнувањето на владеењето на оваа власт, на чело со ВМРО-ДПМНЕ, ние имавме еден голем предизвик да тој галопирачки од, бран кој следуваше од претходната власт постепено да го смириме и да дадеме еден добар импулс на едно благо да речам, секако покачување на цени и една нормална инфлација која на крајот од годината изнесуваше 3,5% што е една од најниските инфлации во последниот период“, констатира Ристески.
Според него меѓутоа и тоа не е доволно и затоа постојната Влада има нови мерки и одлуки кои се сосема поразлични од претходните, се со цел да се заштити стандардот на граѓаните. Во таа насока најпрво со „Есенската кошничка“ беше воведено ограничување на бруто профитната маржа, а со цел да не се прави штета на македонската економијата која понатаму индиректно влијае и на стандардот на граѓаните и на инфлацијата. Истовремено, со „Училишната кошничка“ пак, се ограничи оперативно профитната маржа што резултираше со одлични ефекти и стабилизирање на цените.
„Во тој период гледаваме дека од месец септември кон месец октомври имавме и намалување на инфлацијата на рекордни, најниски 2,2% што значи сме успеале во намерата. Сепак ние сме пазарна економија и бидејќи голем дел од економските експерти велат дека не е секогаш добро мешањето на владата со одлуки и мерки во цените на пазарот, ние се одлучивме да одиме еден чекор понатаму и со „Новогодишната кошничка“ да дадеме шанса на бизнис секторот да ја оправда својата општествена одговорност и степен на општествена одговорност кон граѓаните и оваа општествено одговорна мерка, акција која не беше од Владата, туку потекна од самиот бизнис сектор“, прецизен е Ристески.
Тој напомнува дека на ваквата мерка и претходеле опсежни разговори со стопанските комори, сите синдикати во Македонија, организацијата на потрошувачи и другите невладини организации и оттаму произлегло решението сите заедно, во интерес на граѓаните да се направи една мерка наречена „Новогодишна кошничка“ која потекнува од самиот бизнис сектор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
За четири дена доставени повеќе од 2.500 пријави за самовработување

Во салата на киното „Манаки“ во Битола денеска беа презентирани мерките од оперативниот план за вработување за 2025 година.
Пред голем број граѓани претставниците од Министерството за економија и труд, Агенцијата за поддршка на претприемаштвото и Агенцијата за вработување ги презентираа мерките од оперативниот план, со акцент на трите подмерки од мерката за самовработување (претприемаштво), каде што јавните повици се објавени и сите заинтересирани може да се пријават до 20 јуни.
„Со мерките за самовработување на сите невработени лица им даваме финансиска поддршка за отворање сопствен бизнис, која се движи од 7.000 до 10.000 евра, а со здружување две лица од 14.000 до 20.000 евра. Имаме исклучително голем интерес за овој јавен повик и за само четири дена се пријавени повеќе од 2.500 лица. Ги повикувам сите лица што се заинтересирани да се пријават во кој било од 30-те центри за вработување при Агенцијата за вработување во државата“, рече заменик-министерот за економија, Марјан Ристески.
Во рамките на јавните повици од мерката 1, „Поддршка за самовработување (претприемаштво)“, во тек се три јавни повици, со кои им се дава можност на повеќе од 1.700 лица да отворат сопствен бизнис и со нив се предвидени:
– финансиска поддршка во форма на грант до 7.000 евра за основање и почнување бизнис за лица постари од 29 години;
– финансиска поддршка во форма на грант до 10.000 евра за основање и почнување бизнис за млади лица до 29 години;
– финансиска поддршка за здружување две лица во ДОО, каде што таа изнесува од 14.000 до 20.000 евра во зависност од целните групи.
Економија
Укинувањето на царините за стоките од САД не е само трговска одлука, туку и дипломатски чекор, вели Стојанова

Со новите измени и дополнувања на Законот за царинските тарифи, Собранието ќе даде зелено светло на планот на Владата да се намалат царинските давачки на голем број суровини и репроматеријали што се користат во домашната индустрија и во енергетиката, изјави Дафина Стојаноска, пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ.
„Списокот со 70-ина производи, кој е составен на транспарентен и инклузивен начин, во соработка со Стопанската комора, вклучува намалување до 50 % на царинските стапки што важат во ЕУ, како и укинување на царините за увоз од САД. Овие измени ќе значат пониски трошоци за домашното производство, а со тоа зголемена конкурентност на странските пазари, нови инвестиции и повеќе вработувања“, рече таа.
Укинувањето на царините за стоките по потекло од Соединетите Американски Држави, пак, додаде Стојаноска, не е само трговска одлука, туку и дипломатски чекор, со кој испраќаме сигнал за зголемена подготвеност за соработка со нашите стратешки партнери и поддршка за слободната трговија.
„Со оваа законска измена македонските компании ќе станат поконкурентни, ќе се намалат цените за производство и ќе се зголеми извозот, со што директно ќе влијае на растот на економијата. Ова е само еден чекор од поширокиот план за економски раст. Клучна измена со која се посветуваме на економијата во пракса, а не само на хартија“, рече Стојаноска.
Економија
Цените на нафтата го забележаа најголемиот скок во последните неколку години поради стравот од војна

Глобалните цени на нафтата пораснаа за повеќе од 4 проценти забележувајќи го најголемиот дневен процентен пораст од март 2022 година поради стравувањата дека потенцијалното проширување на конфликтот на Блискиот Исток би можело да предизвика големи прекини во снабдувањето со енергија.
Цената на „Брент“, меѓународниот референтен стандард, се зголеми за 4,3 проценти, на 72,40 долара за барел, а американската референтна нафта West Texas Intermediate (WTI) скокна за 5 проценти, на 71,40 долар за барел.
Според „Ројтерс“, ова се најголемите еднодневни скокови за двете референтни цени на нафтата од март 2022 година кога почна војната во Украина.
„Остриот пораст на цените на ‘Брент’ ги одразува не само тековните ризици за снабдување туку и растечкото чувство дека потенцијалната ескалација на конфликтот би можела да трае за разлика од претходните краткотрајни епизоди меѓу Израел и Иран“, рече Ахмад Асири, истражувачки стратег во „Пеперстоун“.
Нервозата на пазарите дополнително се потврдува со движењата на американските берзи, пренесува „Танјуг“.