Македонија
Објавен прирачник за поттикнување меѓугенерациско разбирање преку планинарење во природа

Граѓанската организација Еко Логик го објави својот нов Прирачник за поттикнување меѓугенерациско разбирање преку планинарење во природа. Овој прирачник е уникатен и е наменет за сите кои сакаат да ги поврзат генерациите преку заеднички активности на отворено, учејќи и истражувајќи ја природата.
Покрај Прирачникот ќе следат и 8 интерактивни игри за различни возрасти, преку кои учесниците можат да учат за природата, дендрологијата, биодиверзитетот и многу повеќе. Овие игри се дизајнирани да бидат едукативни, забавни и лесно прилагодливи за различни групи, од деца до стари.
За кого е наменет прирачникот?
– Планинарски друштва
– Извиднички одреди
– Спортски клубови
– Семејства и групи од сите возрасти
Прирачникот е бесплатен и достапен за сите заинтересирани. Можете да го преземете на следниот ЛИНК.
Природaта е најдобриот учител, а овој прирачник може да биде сечиј водич за да се искористат неговите лекции за создавање трајни врски и спомени меѓу генерациите.
Проектот е финансиран од ЕУ, преку програмата Еразмус+
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Временска најава: утре пороен дожд и грмежи

Утре ќе се задржи многу топло време. Во попладневните и вечерните часови наместа ќе има појава на нестабилност со пороен дожд и грмежи, локално во форма на невреме со интензивен пороен дожд, силен ветер, грмежи и појава на град, информира УХРМ.
Во Скопје, утре во попладневните часови во делови од котлината ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер, краткотрајно во форма на невреме.
УХРМ препорачува во случај на појава на електрични празнења се препорачува поголема внимателност, да не се престојува на отворен простор и под осамени дрвја.
Во деновите од викендот ќе дува умерен до засилен северен ветер, кој ќе предизвика опаѓање на дневните температури за 5-7 степени во споредба со денешните.
Од понеделник дневните температури повторно ќе бидат во постепен пораст.
Македонија
МНР: Конзулатот во Солун е во комуникација со семејството на починатото момче за транспорт на телото

Конзулатот е во редовна комуникација со семејството на починатото лице, со цел завршување на сите неопходни административни процедури за транспорт на телото во Република Северна Македонија, соопшти Министерството за надворешни работи и трговија, по веста за смртта на 19-годишното момче на плажа во Ханиоти.
„Ве информираме дека до македонскиот Конзулат во Солун е доставена информација дека на плажа во близина на Халкидики животот го загубил 19-годишен македонски државјанин. Конзулатот е во редовна комуникација со семејството на починатото лице, со цел завршување на сите неопходни административни процедури за транспорт на телото во Република Северна Македонија“, соопшти МВР.
Македонија
ДУИ за Предлог-законот за правична застапеност: Институционална измама

Демократската унија за интеграција загрижена поради усвојувањето на Предлог-законот за правична и соодветна застапеност од страна на Владата, закон кој, според оваа партија, суштински не нуди решение, туку манипулира, продлабочувајќи ги нееднаквостите во застапеноста и избегнувајќи ги уставните обврски.
„Јавното дистанцирање на албанскиот член на работната група, проф. д-р Мерсим Максути, е најјасен аларм дека овој предлог-закон е неуспешен во својата основа. Во своето издвоено мислење, Максути го оцени предлог-законот како скандалозен, неприменлив и противуставен, осудувајќи го отсуството на квоти за помалку застапените заедници, слабите механизми за имплементација и потпирањето на политичка волја, наместо на законски обврски“, се истакнува во соопштението.
Законот, како што оценуваат од ДУИ, не гарантира никакви квоти за застапеност на етничките заедници, релативизирајќи го колективното право на застапеност преку нејасни и исклучувачки критериуми како „професионалност“ и „компетентност“, исто како пред 2001 година.
„Предложеното Координативно тело е фарса, немоќно, без јасно дефинирано политичко водство и без реални овластувања да бара одговорност од институциите што го прекршуваат законот.
Законот е изготвен врз интересите и идеите на Каракамишева, а не врз реалните потреби на дискриминираните граѓани. Тој е усвоен само за да се испрати до Венецијанската комисија, заобиколувајќи ја внатрешната јавна дебата. Недостигот на санкции и правна одговорност го прави овој закон пропаганден документ, без обврзувачка сила и без реално влијание врз подобрување на застапеноста.
Референцата на одлуката на Уставниот суд е злоупотребена за да се оправда избегнувањето на квотите. Уставот на РСМ, преку Aмaндманот VI, јасно го гарантира правото на правична и соодветна застапеност како колективно право кое не може да се релативизира со слаб закон“.
ДУИ смета дека јавното отфрлање на овој закон од страна на Максути е јасен показател дека ова не е закон на сите граѓани на РСМ, туку централизирана алатка дизајнирана за да ја заштити дискриминаторната статус-кво состојба.
„Ние остануваме верни на Охридскиот договор, на Уставот на државата и на темелното право на секој граѓанин за правична и соодветна застапеност во јавните институции. За нас, застапеноста не е политичка опција, туку уставна и морална обврска.