Спорт
Сестрата на исчезнатиот хрватски фудбалер: Шпанската полиција ниту еднаш не не’ исконтактира
Во шпанскиот град Аликанте, ноќта од петокот кон саботата исчезна младиот Хрват, Јаков Јелкиќ, кој живее во Зермат, Швајцарија.
Како што јавуваат хрватските и странските медиуми, 24-годишниот Јаков последен пат бил виден во ноќниот клуб „Упикум“, по што му исчезнала секаква трага.
Веста за неговото исчезнување стигнала во Хрватска преку неговата сестра Јања Јелкиќ.
„Шпанската полиција ниту еднаш не не’ исконтактира. Сите информации што ги имаме ни ги даде швајцарската полиција или ги дознавме од други“, изјави Јања за „Слободна Далмација“.
Таа вели дека меѓу соиграчите и пријателите на Јаков од клубот имало и млад човек вработен во швајцарската полиција, кој побарал од колегите да се јават кај семејството Јелкиќ и да ги известат родителите за исчезнувањето.
„Шпанците не беа загрижени кога неговите соиграчи го пријавија исчезнувањето“, изјави Јања за „Слободна Далмација“, додавајќи дека првично тоа го сметале за несериозна ситуација, верувајќи дека можеби отишол со девојка или продолжил да се забавува.
Целиот викенд добивала информација дека полицијата на терен нема пристап до сите потребни видео надзор, што многу ги загрижило бидејќи нивниот Јаков бил исчезнат повеќе од педесет часа.
Таткото на Јаков и неговата девојка Габриела, со која е во врска во последните седум години, се упатуваат кон Аликанте.
„На мајката и е најтешко, само гледа во еден момент и го повторува неговото име. Таткото и Габриела отпатуваа, а ние се обидуваме да дејствуваме како тим за да го најдеме што е можно поскоро. Не знаеме колку ќе потрае, но важно ни е дел од семејството да биде во Шпанија, а дел е во Швајцарија за да собереме што повеќе информации“, додаде таа.
Јаков беше во Шпанија на фудбалски турнир со својот швајцарски клуб. Инаку, тој игра за локален помал лигаш во Зермат, Швајцарија. Во петокот вечерта, по натпреварот, тој отишол во ноќниот клуб Упикум во Аликанте.
Јаков последен пат разговарал со родителите во петокот попладне и потврдил дека безбедно пристигнал во Шпанија.
„Стигнавме, се е во ред, хотелот е одличен“, им рекол тој. Истиот ден од банкомат подигнал 150 евра.
Во петокот вечерта Јаков и неговите соиграчи излегле во ноќен клуб во Аликанте. Вечерта ја изгубил јакната и се вратил внатре да ја бара. После тоа исчезна, пишува швајцарски „Блик“.
Последен пат соиграчите го виделе околу 2:30 часот кога го напуштил клубот. Околу еден час подоцна, надзорните камери го снимија во близина на хотелот. Потоа и ја испратил последната порака на својата девојка: „Добро сум“.
Неговата сестра Јања Јелкиќ изрази загриженост за снимката од безбедносните камери: „На видеото се гледа како брат ми се врти во погрешна насока. Можеби сакал да помогне некому“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
(Видео) Болоња преку Интер до финалето на Суперкупот
Актуелниот освојувач на Купот на Италија, Болоња, ќе се бори за трофејот во Суперкупот. Болоња во Ријад го победи Интер по изведувањето пенали со 3.2. Во регуларниот дел натпреварот заврши 1:1.
Интер беше подобар во текот на целиот натпревар, но тоа не успеа да го претвори во победа. Турам му донесе предност на Интер во втората минута. Болоња изедначи од пенал во 35-та минута, преку Орослини.
Во пенал серијата, во херој се претвори голманот на Болоња, Раваља. Тој ги одбрани ударите на Бастони и Бони, а Барела шутираше над голот.
Финалниот натпревар се игра в понеделник од 20 часот. Противник на Болоња ќе и биде актуелниот првак Наполи.
Спорт
Алекс Фергусон: Можно е Манчестер Јунајтед уште 10 години да не биде шампион
Легендарниот менаџер на Манчестер Јунајтед, Сер Алекс Фергусон, даде загрижувачка прогноза за иднината на клубот, предупредувајќи дека може да помине уште една деценија пред повторно да го кренат трофејот од Премиер лигата.
Јунајтед ја освои последната титула во лигата во 2013 година, точно во последната сезона на шкотскиот стручњак на клупата.
Фергусон денес има 83 години и освои 13 титули во англиското првенство и две Лиги на шампиони со Јунајтед. Тој го водеше клубот 27 години, од 1986 до 2013 година.
Според Фергусон, клучната причина за долгогодишниот пост лежи во лошиот избор на играчи. Тој истакна дека подобрувањето на процесот на регрутирање и доведување засилувања е неопходен предуслов за враќање на клубот на патеките на старата слава.
Тој посочи три нови играчи, за кои смета дека се засилувања
„Аморим е добра личност, не му е лесно. Кога јас пристигнав, Ливерпул беше одличен. Тие беа европски шампиони, но потоа им требаа 30 години за повторно да ја освојат титулата во англиската лига. Таква е ситуацијата со Јунајтед. Може да потрае уште десет години пред да ја освоиме титулата во лигата.
Мора да се погрижиме да доведеме подобри играчи. Голманот Ламенс беше доведен за да направи разлика. Тој е млад, агилен, висок и знае како да игра со рацете и нозете. Тука се и Мбеумо и Куња, за кои мислам дека исто така ќе бидат од голема помош“, им рече Фергусон на новинарите во Бахреин.
Foto/ depositphotos
Спорт
Гвардиола: Сити мора да се подготви за моето заминување
Тренерот на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола, изјави дека клубот „мора да се подготви“ за да го испланира неговото заминување и да пронајде наследник. Иако Шпанецот има договор до крајот на сезоната 2026/27, гласни се шпекулациите дека ќе замине по заврпувањето на сезоната. Би-Би-Си пишува дека клупските челници веќе го започнале процесот на барање потенцијални кандидати за негова замена.
За време на неговата кариера во Сити, која ја започна во 2016 година, Гвардиола се етаблираше како една од најважните фигури во историјата на клубот, освојувајќи шест титули во Премиер лигата и Лигата на шампионите. Кога беше прашан дали ќе го заврши договорот, 54-годишникот одговори криптички.
„Во последните три или четири години во одреден период, ми го поставуваат ова прашање. Порано или подоцна, на 75 или 76 години, ќе го напуштам Манчестер Сити. Го разбирам прашањето, но сè уште имам 18 месеци, и воодушевен сум“, рече Гвардиола.
Кога директно го прашаа дали ќе биде во Сити следната сезона, тој додаде: „Одговорив на тоа прашање и претходно. Тука сум. Што ќе се случи, којзнае, но и да имав договор од 10 години или шест месеци, фудбалот многу се менува.“
Тој, исто така, ги отфрли обвинувањата за разговори за предвремено заминување. „Нема дискусија – крај на темата. Нема да бидам тука засекогаш и претходно реков дека нема да бидам тука засекогаш. Што ќе се случи, ќе се случи и клубот мора да биде подготвен за сè“, заклучи тој.
Во услови на неизвесност, менаџерот на Челзи, Енцо Мареска, кој претходно беше помошник на Гвардиола во Сити, се споменува како еден од потенцијалните наследници. Италијанецот, сепак, категорично ги негираше ваквите гласини.
„Воопшто не ме засега бидејќи знам дека се 100% шпекулации. А во моментов нема време за такви работи“, рече Мареска, чиј договор со Челзи е до 2029 година.
„Мојот фокус, многу пати сум рекол, е само на овој клуб и многу сум горд што сум тука. Пред една недела бев поврзан со Јувентус. Затоа не обрнувам внимание бидејќи знам дека не е вистина.“
Би-Би-Си дознава дека чувството за потенцијална промена го натера Сити да ја интензивира потрагата по наследник на Гвардиола. Се верува дека се идентификувани најмалку двајца кандидати, иако нивните имиња засега остануваат тајна.
Спортскиот директор Уго Вијана има клучна улога во составувањето на списокот, а конечна одлука за иднината на Гвардиола не се очекува пред крајот на сезоната. Сити, кој моментално е два бода зад лидерот Арсенал, е домаќин на Вест Хем во сабота.
Foto/ depositphotos

