Македонија
Муртезани со Ројтен и Тонин: Земјата останува активен партнер во процесот на пристапување, се очекува праведен пристап од страна на ЕУ
Министерот за европски прашања на Република Северна Македонија, Орхан Муртезани, на првиот ден од работната посета на Брисел, оствари средби со европратениците Тајс Ројтен (С&Д) и Матеј Тонин (ЕПП), известители во сенка за Северна Македонија, информираат од неговиот кабинет.
На средбите беше потврдена силната поддршка од Европскиот парламент за европската перспектива на Северна Македонија. Европратениците ја истакнаа важноста на реформите и динамиката на пристапниот процес, како и потребата од градење стабилни односи со сите земји-членки на Унијата. Беше нагласено дека продолжувањето на интегративниот пат зависи од заедничките напори и конструктивен пристап во решавањето на предизвиците на европскиот пат.
Муртезани изрази благодарност за континуираната поддршка и ја потенцираше посветеноста на Северна Македонија кон европската агенда. Тој истакна дека земјата останува активен партнер во процесот на пристапување и очекува предвидлив и праведен пристап од страна на Европската Унија.
Посетата на Муртезани во Брисел продолжува со низа состаноци со претставници на институциите на Европската Унија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Муртезани на средба со Мати Масикас „Продлабочена соработка со ЕУ во процесот на интеграција“
Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, денеска оствари средба и со Мати Масикас, извршен директор за Европа во Европската служба за надворешни работи (EEAS).
На средбата беше истакната важноста на стратешките односи меѓу Северна Македонија и Европската Унија, како и континуираната поддршка на ЕУ за реформскиот процес и интеграцијата на земјата. Двете страни разговараа за актуелните предизвици во регионот и пошироко, зајакнувањето на институционалната соработка и спроведувањето на европската агенда.
Министерот Муртезани ја истакна посветеноста на Северна Македонија кон реформите и стабилноста во регионот, потенцирајќи дека земјата останува конструктивен партнер во процесот на пристапување. Извршниот директор Масикас ја потврди поддршката на EEAS за Северна Македонија и ја нагласи важноста на продлабочената соработка во клучните области поврзани со европската интеграција.
Македонија
Претседателката Сиљановска-Давкова положи цвеќе по повод 153-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, денеска, во дворот на црквата „Свети Спас“ во Скопје, положи свежо цвеќе на вечното почивалиште на великанот на македонското револуционерно дело и државност, Гоце Делчев, по повод 153-годишнината од неговото раѓање.
Во рамките на државниот настан свежо цвеќе на гробот на Гоце Делчев положија и делегација на Владата, предводена од премиерот Христијан Мицкоски, делегација на Собранието, претставници на политички партии и граѓански здруженија и претставници на дипломатскиот кор.
По повод 153-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев панихида служеше поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, г. г. Стефан.
Македонија
(Видео) Филипче: Полицаец пред секое училиште и заострување на казните во сообраќајот, СДСМ подготвува законски измени
СДСМ ќе предложи законски решенија за поголема безбедност пред училиштата и во сообраќајот, најави претседателот на оваа партија, Венко Филипче.
„Сметам дека е добро што ќе има јавна расправа во Собранието. Ние како партија во текот на изминатите денови припремавме предлог законски измени и решенија и ќе ги презентираме на таа јавна расправа. Два конкретни предлози имаме како партија прво да има присутен полицаец пред и во секое училиште за време на одвивањето на наставата и тој полицаец би се грижел за безбедноста на влезот во училиштето и на пешачките премини и секако за безбедноста на училиштето гледајќи што се случува со некои инциденти во регионот“.
Вториот предлог како што рече ќе се однесува на заострување на казните во сообраќајот.
„Заострување за казните за најтешките прекршоци во сообраќајот коишто дури ќе вклучуваат и одземање на возилото и тоа е по примерот на некои европски земји“, нагласи Филипче.