Македонија
Во тек е исплатата на правата од социјална и детска заштита

Министерството за социјална политика, демографија и млади информира дека денеска започна исплатата на правата од социјална, детска и цивилна заштита за месец Јануари 2025 година.
Со цел да се избегне метеж пред и во банките при исплата на правата, за корисниците кои не користат картички, исплатата ќе се спроведе во 2 групи во сите отворени филијали и експозитури на банките, согласно со утврдениот распоред по азбучен ред, според првата буква од презимето и тоа:
05.02.2025 – А, Б, В, Г, Д, Ѓ, Е, Ж, З, Ѕ, И, Ј, К, Л, Љ
06.02.2025– М, Н, Њ, О, П, Р С, Т, Ќ, У, Ф, Х, Ц, Ч, Џ, Ш.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Директор на „Комуналец“ во Кичево отворил дива депонија, МВР поднесе кривични пријави

Против директор на „Комуналец“ во Кичево и четворица вработени, поднесена е кривична пријава за несовесно работење во службата и загрозување на животната средина и природата со отпадни материи.
Од МВР велат дека директорот на Јавното комунално претпријатие „Комуналец“ во Кичево, З.Ј.во периодот од 2020 година до денеска постапувал спротивно на прописите за заштита на животната средина и природата.
„Формирал дива депонија на повеќе илјади квадратни метри во населена зона во Кичево, за која давал задолженија на вработените секојдневно да складираат, оставаат или расфрлаат отпадни материи. З.Ј. постапил спротивно и на одредбите од Законот за управување соа отпад и Законот за заштита на животната средина затоа што депонија ја формирал на државно земјиште во населениот дел на Кичево без одлука на Советот на општина Кичево, без градежна дозвола и без да поседува Интегрирана еколошка дозвола и Елаборат за заштита на животната средина“, велат од МВР.
Ваквата состојба, како што се додава, била констатирана со Записник за извршен инспекциски надзор на Државен инспекторат за животна средина. На 04.06.2025 во дивата депонија, полициски службеници ги затекнале Б.Б., С.А., Д.Ј. и Ф.Т., сите вработени како возачи ЈКП „Комуналец“, како истураат комунален отпад од специјални возила за собирање отпад.
Фото: илустрација
Македонија
Седум години од потпишувањето на Договорот од Преспа

На денешен датум, 17 јуни, во 2018 година, Скопје и Атина го потпишаа договорот од Преспа со кој се затвори долгогодишниот спор меѓу двете земји. Потпишувањето беше организирано во малото село Нивици (Псарадес) на брегот на Преспанското езеро.
Договорот го потпишаа тогашните министри за надворешни работи на Македонија и Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас во присуство на тогашните премиери Зоран Заев и Алексис Ципрас, посредникот во преговорите Метју Нимиц, поранешниот еврокомесар за проширување Јоханес Хан, поранешната висока претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини и други високи меѓународни претставници, како и претставници на двете земји.
Осум месеци по потпишувањето договорот беше ратификуван во македонското Собрание и во грчкиот Парламент. На 12 февруари 2019 година Договорот и официјално стапи во сила и Република Македонија се преименуваше во Република Северна Македонија, државјанството стана македонско/државјанин на Република Северна Македонија, а јазикот македонски.
Договорот наиде на негодувања од двете страни на границата, а во земјава беше спроведен и неуспешен референдум проследен со прашањето „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција?“. На референдумот гласаа само 36,91 отсто од гласачите, од кои 91,47 проценти беа „за“, а 5,64 отсто „против“. Голем број граѓани во тој период се изјаснија дека ќе го бојкотираат референдумот. Во периодот на референдумот, беше забележана огромна меѓународна кампања, при што голем број лидери на држави и челници во ЕУ, го повикаа македонскиот народ да се согласи на промена на името и ветуваа почеток на преговорте со Унијата, што до денес не се случи.
Договорот де факто овозможи Грција да не стави вето на приемот на Македонија во НАТО и се обврза дека нема да стави вето ни за приемот на Македонија во ЕУ. Вето за почеток на преговорите со ЕУ подоцна стави Бугарија.
Македонија
Најмасовната еколошка акција „Генералка викенд“ годинава со рекордни 55.627 волонтери и над 645.000 килограми собран отпад

Рекордно учество од 55.627 волонтери и повеќе од 645 илјади килограми собран отпад на територија на сите општини во земјава – ова се резултатите од годинешнава, петта јубилејна еколошка акција „Генералка Викенд“ која се одржа од 9 до 11 мај. Во тридневната акција беа вклучени повеќе од 600 владини и невладини организации и институции, со логистичка и партнерска поддршка од голем број компании, обединети во заедничка цел за почиста и поздрава Македонија.
Главен стратешки партнер на „Генералка Викенд“, четврта година по ред е Пивара Скопје, а поддршка има и од официјалните партнери: Пакомак, Нула Отпад, Шпаркасе банка, ЕВН Македонија, Макстил, Бучим Боров Дол, Саубермахер и Костал. Акцијата, која е во организација на Мен енд маунтен беше поддржана и од ЗЕЛС и Црвениот крст на Р.С. Македонија.
Според резултатите ова е најмасовната и најуспешната еко-акција во земјава.
„Ја поздравувам иницијативата „Генералка викенд“ како најмасовна волонтерска акција. Ние како Влада и како Министерство за животна средина и просторно планирање ги поддржуваме сите акции во кои се покажува силна иницијатива, јака волја, инклузивност и желба да бидеме дел од промените со кои ќе се овозможи подобра иднина за нас и за следните генерации. На нашиот пат кон Европа, треба да се однесуваме европски. Министерството за животна средина и просторно планирање активно работи на воспоставување на системот на интегрирано и одржливо управување со отпадот“, изјави Министерот за животна средина Изет Меџити.
Во рамки на акцијата беше организирана и едукативната иницијатива „Генералка Викенд -ЕКО ЧАС“, реализирана во партнерство со Министерството за образование и наука и УНИЦЕФ. Во неа беа вклучени повеќе од 36.000 ученици и 1.900 наставници, кои низ различни активности во своето опкружување придонесоа за почиста животна средина, а резултатите од нивниот труд беа презентирани во училиштата.
Почнувајќи од 2021 година, па досега, во еко акцијата „Генералка Викенд“ учествувале над 100.000 волонтери, а собран е повеќе од 1,5 милиони килограми отпад“.
“Континуитетот и растот на „Генералка Викенд“ низ годиниве се доказ дека ваквите еко-иницијативи може да имаат сериозно позитивно влијание во општеството. Резултатите постигнати во изминативе пет години покажуваат дека кога ќе се здружат граѓаните, институциите и бизнис секторот промената е неизбежна. Вредноста на оваа акција не е само во бројките туку во градењето свест – бидејќи ова не е прашање само на чиста околина туку и на создавање култура на одговорност и грижа. Оваа акција во целост ги поддржува заложбите на Пивара Скопје за одржлив развој“, вели Снежана Савиќ – Димовска, Директорка на секторот за корпоративни политики и одржливост на Пивара Скопје.
Врз основа на меморандумот во траење од 10 години, кој Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство и Национални шуми го потпишаа со „Мен енд Маунтен“ во 2022 година, договорено е секоја година по завршувањето на „Генералка Викенд“ во ноември да се реализира вториот дел од волонтерската акција наречена „Сончева Гора“ што е акција за пошумување. Според договорот, на секои 10 килограми собран отпад државата посветува по едно дрво од годишните планови за пошумување. Како резултат на „Генералка Викенд“ 2025 година, согласно договорот со Министерството за земјоделство и Национални шуми на есен ќе биде засадена следната СОНЧЕВА ГОРА посветена на сите учесници во оваа храбра и инспиративна иницијатива.
„Нашето земјоделство е директно зависно од квалитетот на природните ресурси, а секоја активност што го заштитува животниот простор влијае и на подобрувањето на квалитетот на производите што ги добиваме од природата. Ние сме посветени на продолжување на поддршката за вакви иницијативи кои имаат долгорочен ефект на општеството и животната средина“ – изјави Борче Серафимовски, Државен Секретар во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Во рамките на овие акции за пошумување, само во изминативе четири години беа засадени над 125.000 садници на различни голи локации: околу езерото Младост во Велес, селото Ќојлија во општина Петровец, во близина на мегалитската опсерваторија Кокино и во општина Старо Нагоричане.
По повод петгодишниот јубилеј на „Генералка Викенд“ од 17 јуни започнува патувачка изложба – „5 години Генералка Викенд“, која ќе биде поставена во сите ЕУ Хаус центри во земјата. Патувачката изложба ќе започне во Тетово, а потоа ќе патува во Струга, Битола, Струмица, Велес, Крива Паланка, и ќе заврши во Скопје, во ноември годинава.
„ГЕНЕРАЛКА ВИКЕНД е доказ дека со посветеност и преданост можеме заедно да создадеме чуда. И покрај сите проблеми во нашата земја, луѓето покажуваат дека имаат моќ за обнова. Благодарност до волонтерите и луѓето во општините“, се заблагодарија Гордана Софија и Ханес Јекл од Мен енд Маунтен.
„Генералка Викенд“ е најголемата и најмоќна граѓанска еко акција во земјава, која ги поврзува институциите, граѓаните, младите, компаниите и медиумите во заедничка мисија – живот во чиста, здрава и зелена Македонија.