Македонија
Кривичниот суд за случајот со Фросина: Јавноста да не подлегнува на провокации и шпекулации, како и стигматизирање и линч на еден судија
Судиите и подружницата на Здружението на судиите на РСМ при Основниот кривичен суд Скопје изразува длабоко жалење за загубениот млад живот при сообраќајната несреќа што ја потресе јавноста, се наведува во пишаниот допис до медиумите.
„Како судии ги подржуваме граѓаните во нивните барања за системските промени, што впрочем е и заложба на премиерот, а се однесува за зголемување на безбедноста во сообраќајот, што во извесна мера значи и промена на одредбите во Кривичниот законик за овој тип кривични дела, кои очигледно често се повторуваат, а кои одредби неретко и ги ограничуваат судиите во нивното постапување.
Поттикнати од бурните реакции во јавноста по повод донесената неправосилна пресуда за сосема друг случај, како судии цениме дека е потребно да се обратиме до јавноста со цел заштита на угледот на судиската функција, но и демантирање на сите шпекулации и лажни вести. Најпрвин во однос на кривичната пресуда за предметот К. бр. 1439/24 против В. Ј., ја информираме јавноста дека таа се однесува на кривичното дело за наркотици и таа сѐ уште не е правосилна, односно е во фаза на одлучување во Апелациониот суд Скопје. Судијката Даниела Алексовска-Стојановска при одлучувањето за санкцијата се водела исклучиво во согласност со законските одредби, слободното судиско убедување и воспоставената судска пракса, како и наводите на јавниот обвинител, кој во завршните зборови навел: обвинетиот е многу млад и досега не бил во судир со законот, па во овој комплексен предмет најмногу поради возраста на обвинетиот и фактот што потекнува од современо функционално семејство, на судот му останува задачата да определи најдобра санкција со која ќе му се влијае на обвинетиот да сфати дека презел противправни дејства.
Неточни се шпекулациите дека обвинетиот бил претходно осудуван и се воделе други кривични постапки против него, што е евидентно и од наводите на јавниот обвинител и казнената евиденција, а кои се тие фамозни 10 пријави по кои постапувал истиот судија за истиот обвинет се прашуваме и ние, зошто такви пријави не се процесирани до судот.
Изречената кривична санкција била во согласност со законските одредби од КЗ, но и како што е предложено од обвинителот во завршните зборови – најдобра санкција, со која ќе му се влијае на обвинетиот да сфати дека презел противправни дејства.
Прашање е дали, доколку била изречена и казна затвор, мерката притвор ќе можела да опстои пред повисоките судски инстанции имајќи ја предвид досегашната судска пракса, препораките од Судот за човекови права во Стразбур и постојаните критики на меѓународната заедница дека мерката притвор не смее да се користи како казна. Дотолку повеќе што и при укинувањето на мерката притвор јавниот обвинител не вложил жалба на притворот, туку вложил само кривичната санкција.
Иако не е суштина на проблемот, истакнуваме дека судот преку медиумите првпат дозна дека ова лице и претходно било сторител на сообраќајна незгода, но наместо таа да се процесира во судот, завршила во Јавното обвинителство, каде што, во согласност со обвинителот, платил глоба од 18.000 денари.
Надлежните органи може да утврдат дали и во овој случај имало умисла кај лицето.
Како судии ги повикуваме надлежните судски институции да ги искористат механизмите за проверка на првостепната пресуда и да утврдат дали постојат евентуални пропусти во постапката и дали воопшто имало услови за изземање на судикјата во контекст на сите шпекулации за нејзина поврзаност со семејството на обвинетиот.
Нејасна е конекцијата на овој предмет со кривичното дело што било сторено 7 месеци по донесувањето првостепена пресуда или, пак, со кој било друг предмет што се водел кај истиот судија.
Неказнивоста во нашето општество не е генерирана само од судската власт, туку е проблем на сите три власти, а тоа може да се утврди доколку се имаат предвид сите закони за амнестија, помилувања и измени на Кривичниот законик со кои целосно или делумно се ослободени голем број осуденици лица.
Судиите постапуваат исклучиво врз основа на Уставот, законите и меѓународно ратификуваните договори раководејќи се по начелата за независност, непристрасност и правичност, но и начелото на јавност и праксата од јавно достапните правосилни пресуди.
Ја повикуваме јавноста да не подлегнува на провокации, лажни вести и шпекулации, како и стигматизирање и линч на еден судија заради постигнување други цели.
Сѐ додека разумно не се согледаат причините за ваквите пропусти, можноста за нивно повторување се зголемува. Затоа во име, не само на последната жртва, туку во име на сите претходни жртви во сообраќајот изразуваме сочувство и бараме со рационален и објективен пристап да се утврдат причините за овие немили настани со цел да изградиме побезбедно општество за граѓаните во чие име ги носиме пресудите“, се нагласува во соопштението од судиите и подружницата на Здружението на судиите при Основниот кривичен суд Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Бислимоски го информирал Собранието за оставката, РКЕ му се заблагодарува за долгогодишната соработка
Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски, го известил Собранието дека поднесува оставка од функцијата, соопшти Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ).
Согласно Законот за енергетика и Статутот на Комисијата, тој ќе ја извршува функцијата сè додека не биде донесена одлука за престанок на мандатот.
Од РКЕ информираат дека институцијата ќе продолжи да ги извршува своите надлежности согласно законските обврски. Од Комисијата, вработените и членовите му се заблагодаруваат на Бислимоски за долгогодишната соработка.
Марко Бислимоски го извршуваше својот втор петгодишен мандат како претседател на РКЕ. Првиот мандат му беше од јуни 2018 до јуни 2023 година, а во јули 2023 година повторно беше избран на функцијата.
Македонија
Скопскиот и Полошкиот регион со најмногу одобренија за градење во последниот период – доминира високоградбата
Бројот на одобренијата за градење во декември 2025 година е намален за 17.4 отсто во однос на истиот период од претходната година, соошти Државниот завод за статистика.
Во декември 2025 година се издадени 237 одобренија за градење, што е за 17.4 проценти помалку во однос на истиот месец од претходната година.
Според издадените одобренија за градење, предвидената вредност на објектите изнесува 3 988 378 илјади денари, што е за 19.5 % помалку во однос на истиот месец од претходната година.
Од вкупниот број издадени одобренија за градење, 140 (59.1 %) се наменети за објекти од високоградба, 42 (17.7 %) за објекти од нискоградба и 55 (23.2 %) за објекти за реконструкција.
Од вкупно 237 објекти, на 132 (55.7 %) како инвеститори се јавуваат физички лица, а на 105 (44.3 %) објекти инвеститори се деловни субјекти.
Во извештајниот период е предвидена изградба на 411 станови со вкупна корисна површина од 38 300 м2.
Во Скопскиот и Полошкиот Регион се издадени најмногу одобренија за градење, 51.
Македонија
Декември со околу 60.000 туристи: најмногу пристигнале од Турција, Бугарија и Србија
Според податоците на Државниот завод за статистика, во декември минатата година, во Македонија престојувале 59.521 туристи, кои оствариле вкупно 112.001 ноќевање.
Од вкупниот број туристи, 63,3 се странски, а 36,7 проценти домашни. Кај ноќевањата, странските туристи учествувале со 57,6, а домашните со 42,4 отсто.
Во периодот јануари – декември 2025 година, вкупниот број на туристи е зголемен за 6,0% во однос на истиот период лани. Детално по сегменти: Домашни туристи: намалување за 2,2%, Странски туристи: зголемување за 10,3%.
Кај вкупниот број на ноќевања е забележан раст од 0,8%, при што: Ноќевањата на домашни туристи се намалени за 4,1%. Ноќевањата на странски туристи се зголемени за 6,4%
Најмногу туристи пристигнале од Турција: 7.303, Бугарија: 5.214, Србија: 4.736 и Грција: 3.438.
Премиерот Христијан Мицкоски денес, одговарајќи на новинарски прашања, изјави дека очекува Македонија да ја достигне бројката од пет милиони туристички преноќувања до 2028 или 2029 година, доколку сè се одвива според планот.
Тој рече дека минатата 2025 година, според бројките коишто ги објави Државниот завод за статистика имаме зголемен број на туристи, а она коешто посебно охрабрува е што е зголемен бројот на странски туристи над 10 отсто. Мицкоски рече дека се ближиме на бројката од три и пол милиона преноќувања, што исто така претставува многу значаен податок.

