Македонија
СДС и Кузеска се фабрика за лажни вести, велат од ВМРО-ДПМНЕ
СДС секојдневно се повеќе тоне во сопственото политичко мочуриште. СДС е фабрика за лажни вести, а освен што лаже и манипулира, злоупотребува и податоци со доверлива содржина, истакнуваат од ВМРО-ДПМНЕ откако на прес-конференција од страна на Богданка Кузеска од СДСМ беше посочено дека континуирано се назначуваат роднини на функционерите на ВМРО-ДПМНЕ, се вработуваат под државна капа, на грбот на граѓаните.
„СДС и Кузеска манипулираат со јавноста. Работните места во Агенцијата за национална безбедност се класифицирана информација, а информациите кои Кузеска ги сподели се лажни. Кузеска пред да почне да лаже и обвинува треба да знае дека Љупчо Андоновски како советник на Претседателот на Владата има повеќе од 35 години работно искуство на највисоките позиции кои се однесуваат на безбедноста на државата“, велат од партијата на власт.
За разлика од СДС и Кузеска кои ја уништија и уназадија државата, како што појаснуваат од ВМРО-ДПМНЕ, Андоновски бил вклучен во најзначајните моменти за градењето на независна и самостојна Македонија, од 1991вата, 2001вата, но и етаблирањето на македонските безбедносни институции.
„Андоновски е квалификуван, има кредибилитет и е докажан во својата област. Неговиот бекграунд доволно говори за неговите достигнувања.
Андоновски е Магистер на науки е од областа на безбедноста, со специјалност на меѓународната соработка во спречувањето на транснационалниот тероризам, признат и респектиран од сите стратешки партнери на Македонија“, истакнуваат во информацијата од партијата на Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Град Скопје го отвори процесот за буџетот 2026: Граѓаните, организациите и бизнис заедницата поканети да дадат предлози
Град Скопје годинава го започна процесот на креирање на буџетот за 2026 година со, како што наведува, целосна транспарентност, отчетност и широка вклученост на јавноста. Од градската администрација истакнуваат дека имаат јасна определба да ја вратат довербата во институциите, па буџетот ќе се изработува преку отворен и партнерски пристап во кој секој граѓанин, организација или заедница може да даде свој придонес.
„Буџетот не е само финансиски документ, туку стратегија изградена врз реалните потреби и визијата за развој на градот“, наведуваат од Градот.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски во изјава порачува дека процесот за првпат се отвора кон граѓаните, невладиниот сектор и бизнис заедницата, со цел активно да се вклучат во планирањето.
„Транспарентноста и отчетноста отсекогаш биле моја водилка. Оваа година го отвораме планирањето на буџетот за 2026 заедно со вас. Вашите потреби и идеи ќе бидат основата врз која ќе го градиме овој важен документ“, изјави Ѓорѓиевски.
Тој додаде дека веќе биле собрани голем број конструктивни предлози од граѓаните, но процесот останува отворен и сите се повикани да учествуваат.
Во новиот буџет ќе бидат опфатени приоритетни капитални проекти во инфраструктурата, културата, спортот и животната средина, со цел да се подобри квалитетот на живеење во Скопје.
Сите идеи и предлози граѓаните можат да ги испратат на: [email protected]. Во пораката Ѓорѓиевски додава: „Скопје ќе биде повторно горд град“.
Македонија
Mузичари од БиХ настапувале во локал во Кичево без работна дозвола, поднесена прекршочна пријава
При засилена акциска контрола спроведена на 29 и 30 ноември од полицијата во Кичево и Регионалниот центар за гранични работи Запад, во координација со Пазарниот и Трудовиот инспекторат, во угостителски објекти во Кичево биле затекнати музичари од Босна и Херцеговина кои работеле без соодветна дозвола, соопшти МВР.
Во угостителски објект на магистралниот пат Кичево–Охрид биле затекнати пејачката Џ.Р. (23) и членовите на бендот К.Џ. (27), Е.П. (25), Ф.Ј. (28) и И.К. (24), сите од Босна и Херцеговина. Тие настапувале без претходно обезбедена работна дозвола, соопшти МВР.
Против нив е поднесена прекршочна пријава до Основниот суд Кичево.
Македонија
Герасимовски со УНИЦЕФ: Заедно во превенција на вандализам и воведување општокорисна работа за малолетници
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, одржа работен состанок со тимот на УНИЦЕФ предводен од Лесли Милер, претставничка на организацијата во државата.
На состанокот се дискутираше на тема општокорисна работа и превенција на вандализмот кај малолетните лица.
Беа разгледани насоки за склучување меморандум за меѓународна соработка и отпочнување пилот-проект во општинските училишта, со вклучување на учениците, наставниците и родителите, со цел да се изнајдат решенија и спроведат координирани активности за превенција на девијантни појави кај малолетниците.
Експертите на УНИЦЕФ споделија искуства од регионот и светот, нагласувајќи дека проблемите поврзани со децата можат да се надминат само преку обуки, едукација и активно учество на целата заедница.
Се разговараше и за потребата од дополнителна регулација во областа на правата на децата и малолетничката деликвенција, преку подзаконска рамка и унифицирање на постапувањето на сите надлежни институции на државно ниво.
Општина Центар прва ја покрена иницијативата, која потоа ја поддржа и ЗЕЛС, за меѓуинституционална соработка и воведување општокорисна работа како воспитна мерка за малолетни сторители на вандализам.
„Вандализмот е сериозен проблем што бара итна и координирана реакција. Малолетните сторители мора да се соочат со одговорност, заедно со нивните родители“, порача градоначалникот Герасимовски.
Иницијативата предвидува измени на Законот за прекршочна постапка, Законот за пробација и Законот за правда за децата, со цел општокорисната работа да стане системска мерка која ќе придонесе за превенција и ресоцијализација.
Дополнително, побарани се измени во Законот за семејство и Законот за извршување санкции, со кои би се вовела и одговорност на родителите преку заедничко учество во општокорисната работа.

