Македонија
Прекинато водоснабдување на дел од улицата Максим Горки
Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЈП Водовод и канализација – Скопје, информира дека денеска поради дефект на улична цевка од ф 200мм на ул. Максим Горки бр 13, без вода ќе останат корисниците на дел од ул. Максим Горки.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување на интервенцијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски очекува откако ќе им се изгласа интерпелација, членовите на Судски совет да бидат доблесни и сами да се повлечат
Граѓаните не се задоволни од начинот на којшто функционира судско-обвинителскиот систем кај нас. Тоа е едно мочуриште кое изобилува со многу контроверзии и скандали, оцени премиерот, Христијан Мицкоски.
Тој рече дека не може да се направи целосно распуштање или за кратко време да бидат детектирани аномалиите, но може да биде избран Судски совет кој, како што рече, објективно без партиски стеги и интереси ќе може да го разбистри ова политичко мочуриште и да биде своевиден монитор на тоа како судиите се однесуваат и какви одлуки носат.
„Цениме дека треба да удриме во чело, не треба да импровизираме и да правиме импланти. Ударот подразбира дека сето она што е во ингеренции на парламентот, односно таму каде што се бираат членовите на Судскиот совет, таму и да се изгласа интерпелација. Точно е дека и покрај интерпелацијата, тие може да останат и натаму да бидат во Судскиот совет. Но во услови кога оној што те изгласал ти гласа недоверба и ти продолжуваш да водиш инает, тоа не е добро, и тогаш имаме други механизми и алатки. Но јас се надевам дека доколку парламентарците изгласаат недоверба или интерпелација на членовите на Судскиот совет, тие ќе бидат доблесни и ќе се повлечат“, рече премиерот.
Мицкоски претходно во објава на социјалните мрежи извести дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесат иницијатива за разрешување на членовите на Судскиот совет.
Скопје
Герасимовски: Обезбедуваме брза реакција и грижа за повозрасните центарци со проектот „Итно копче“
Градоначалникот на Општина Центар со претставници на Црвениот Крст на Град Скопје, потпиша договор за реализација на проектот „Итно копче“. Со овој проект, локалната самоуправа воведува нова услуга за повозрасните жители над 65 години, со која им се обезбедува помош во итни ситуации во домашни услови, достапна 24/7 во текот на целата година.
„Итно копче е уште еден проект што го наменивме за повозрасните граѓани во нашата општина. Подолго време успешно ја реализираме услугата „Нега на стари лица во домашни услови“, преку која обезбедуваме поддршка за највозрасните жители со редовни посети од негуватели и физиотерапевти. Наша цел е да помогнеме во нивните секојдневните активности, и да обезбедиме нега и рехабилитација, особено за оние кои не можат да си го дозволат тоа со лични средства. Со „Итно копче“, ја прошируваме оваа грижа и создаваме дополнителен механизам за брза реакција во итни ситуации“, истакна градоначалникот Герасимовски.
Проектот „Итно копче“ овозможува корисниците на услугата да добијат итна помош со едноставно притискање на копчето на уредот за комуникација, кој се носи како приврзок во форма на нараквица или ланче. По активирањето, сигналот се пренесува до Контакт центарот на Црвениот крст, каде одговорно лице веднаш стапува во контакт со корисникот за да процени каква помош е потребна. Во зависност од состојбата, се испраќа тим на терен или се повикува итна медицинска помош.
Приоритет за користење на оваа услуга имаат повозрасни лица кои живеат сами, кои претходно изразиле интерес за нејзино користење и се избрани како корисници на истата, по принципот „прв дојден, прв услужен“ и имаат потпишано договор за користење на услугата.
Проектот е дел од заложбите на Општина Центар да обезбеди грижа за пензионерите и возрасните жители на локалната самоуправа.
Македонија
Истрага за поткуп и проневера во СОЗР: ОЈО со детали за измамата
По спроведена претходна постапка, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје денеска донесе наредба за спроведување истражна постапка против две лица – едно осомничено за продолжени кривични дела – примање поткуп од член 357 став 1 и проневера во службата од член 354 став 3 во врска со став 1, а другото е осомничено за продолжено давање поткуп од член 358 став од Кривичниот законик.
Првоосомничениот, во периодот од 9.6.2021 година до 13.6.2024 година, во својство на службено лице – директор на Службата за општи и заеднички работи на Владата на Република Северна Македонија, во повеќе наврати, искористувајќи исти можности, примил друга корист за себе и за својата сопруга за да изврши службено дејство што не би смеело да го изврши.
Тој не го пријавил постоењето судир на интереси, односно потпишувал изјави за непостоење судир на интерес и не се изземал во постапките за вкупно 5 јавни набавки, на кои била избрана фирмата сопственост на второпријавениот иако во текот на целиот тој период остварувал директна материјална корист за себе и за својата сопруга. Така, тој за лични потреби и цели без надомест користел патничко моторно возило „фолксваген пасат“, сопственост на фирмата, а неговата сопруга дополнително користела услуги за превоз со возила и возачи.
Осомничениот и откога бил разрешен од функцијата директор на Службата за општи и заенички работи на Владата на Република Северна Македонија, од фирмата сопственост на второпријавениот продолжил да остварува директна материјална корист за себе и за својата сопруга, па за лични потреби и цели, без надомест, продолжил да го користи патничкото моторно возило „фолксваген пасат“, како и уште едно возило „ауди Q8“, за што му е поведена скратена постапка и во согласност со ставот 3 на кривичното дело примање поткуп.
Второосомничениот, во својство на сопственик и управител на правното лице, во повеќе наврати во период од три години, на службеното лице му давал друга корист за него и за друг за да изврши службено дејство што не би смеело да го изврши, односно да не се изземе од постапките и да ги потпише договорите за јавни набавки.
Во периодот од 1.1.2022 до 13.6.2024 година, во повеќе наврати, со намера да прибави за себе или за друг противправна имотна корист, осомничениот директор присвоил и пари во значителен износ од 1.792.859 денари. Имено, тој потпишувал барања за резервација на хотелско сместување, барања за резервација на авиобилети, решенија за упатување на службен пат во странство и налози за службен пат во странство, во кои прикажувал невистинити податоци дека се работи за службени патувања и за службени потреби и цели и со тоа овозможил за себе и за други лица вработени во Службата да стекнат имотна корист и го оштетил буџетот на Службата за општи и заеднички работи на Владата на Република Северна Македонија за наведениот износ, со што е осомничен дека извршил проневера во службата.
Исто така, за првиот осомничен поведена е скратена постапка и за кривичното дело несовесно работење во службата од член 353-в став 3 во врска со ставовите 2 и 1 од Кривичниот законик. Во периодот од 27.10.2023, заклучно со 14.6.2024 година, во својство на директор и одговорен менаџер на авиослужбата при Службата за општи и заеднички работи тој несовесно постапил во вршењето на своите овластувања и должности и со тоа му нанел штета на буџетот на Република Северна Македонија во износ од 3.444.615 денари. Иако знаел дека пилотот вработен во Службата за општи и заедничи работи не ги исполнува условите за капетан – водач на авоион, му овозможил на лицето да му биде исплаќан месечен надоместок по основ на плата за тоа работно место.
Поради опасност од бегство и можност за влијание врз сведоците во постапката, пред сѐ, вработени во Службата за општи и заеднички работи, кои допрва треба да бидат испитани, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за првиот осомничен.
За второосомничениот, Обвинителството предлага мерки на претпазливост – забрана за напуштање на живеалиштето, односно престојувалиштето; обврска да се јавува повремено кај определено службено лице или кај надлежен државен орган и привремено одземање патна или друга исправа за преминување државна граница или забрана за нејзино издавање, како и забрана да остварува каков било контакт со другиот обвинет во текот на постапката.