Црна хроника
Со закани насилници присилувале сопружници да им дадат 10 илјади евра, континуирано им се заканувале по живот
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против две лица на возраст од 26 и 24 години, осомничени за кривично дело – Изнуда од член 258 став 1 од Кривичниот законик, како и за еден 26-годишник осомничен за помагање при извршување на кривичното дело.
Осомничените, во периодот од март 2024 година до 04.02.2025 година, во повеќе наврати, со намера за себе да прибават противправна имотна корист, со сериозна закана ги присилиле двајца оштетени сопружници да им дадат парични средства во износ од 10.000 долари.
Жртвите најпрво почнале да добиваат пораки од првиот осомничен на социјалната мрежа „Фејсбук“, дека нивниот син наводно му должи пари, без да наведе износ. Потоа започнал да им испраќа и заканувачки пораки, а го ангажирал и вториот осомничен со други непознати лица да им се закануваат на оштетените и да бараат исплата на наведените средства.
Како дел на дејствијата на изнуда, тие им го скршиле стаклото на автомобилот на жртвите, со молотов коктел им ја опожариле влезната врата од станот и континуирано им се заканувале по живот. Синот кој бил во Америка исто така им потврдил на родителите дека и таму добива закани преку пораки и јавувања.
На 4 февруари, по претходен договор, третоосомничениот им помогнал на двајцата изнудувачи да ги преземе паричните средства од оштетените, по што на лице место бил лишен од слобода од полициски службеници.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за двајцата осомничени, како и мерка куќен притвор за помагачот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Три жени пријавиле семејно насилство за 12 часа – приведени осомничени во Кисела Вода, Центар и Чаир
Во текот на изминатото деноноќие, во три одделни случаи на семејно насилство, три жени пријавиле дека биле физички нападнати од нивните партнери на подрачјата на Кисела Вода, Центар и Чаир.
Во првиот случај, пријавен на 12 февруари во 17:50 часот, полициски службеници од СВР Скопје извршиле службен разговор со П.Л. (45) од Скопје, откако било пријавено дека во неговиот дом ја нападнал својата 48-годишна вонбрачна партнерка. Случајот се документира и ќе следува соодветна пријава.
Во вториот случај, на истиот ден во 22:00 часот, на подрачјето на Центар, полицијата го привела Н.Ј. (52) од Скопје, поради сомнение дека околу 17:00 часот физички ја нападнал својата 32-годишна партнерка. По комплетирање на доказите ќе биде поднесена пријава.
Во трет случај, на 13 февруари во 04:40 часот, 35-годишна жена пријавила дека околу 01:40 часот, на подрачјето на Чаир, била физички нападната од нејзиниот партнер Б.С. (24) од Скопје. И за овој настан ќе биде поднесена соодветна пријава по целосна документација.
Од МВР информираат дека сите случаи се обработуваат.
Црна хроника
Пронајдени коски и парче облека во Скопје, полицијата истражува
На локација викана „Сулејманови ливади“ во село Горно Количани, скопско, биле пронајдени коски слични на човечки, а во близина и парче облека.
Случајот бил пријавен во СВР Скопје во текот на вчерашниот ден, по што на местото излегла увидна екипа која извршила преглед.
Од МВР информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на настанот.
Црна хроника
Пешак тешко повреден на Орце Николов, возило удри во 56-годишна жена
На улицата „Орце Николов“ во Скопје, 56-годишната Д.Д. од Скопје била тешко повредена откако во неа удрило патничко возило „опел“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Д.Ѓ. (46) од Скопје.
Несреќата се случила околу 13:00 часот, а повредите на жената биле констатирани во Градската општа болница „Св. Наум Охридски“.
На местото на настанот извршен е увид од екипа на СВР Скопје.

