Скопје
Кисела Вода организира тримесечна акција за собирање кабаст отпад
Во насока на заштита на животната средина и овозможување на граѓаните бесплатно да се ослободат од непотребниот кабаст отпад и шут, Општина Кисела Вода преку Секторот за месна самоуправа и социјална заштита, во соработка со Министерството за животна средина, организира тримесечна акција за собирање на кабаст отпад. Оваа акција е дел од акцискиот план на Владата за почист воздух.
Акцијата ќе започне за две седмици и ќе се одвива во текот на месеците февруари, март и април, во периодот од 15-ти до 20-ти во секој од овие месеци. За граѓаните ќе бидат обезбедени по две локации во секоја населба и населено место, каде што ќе можат да го изложат својот кабаст отпад и шут. Секое одложување надвор од дефинираните локации ќе биде санкционирано од страна на инспекциските служби на Општината, велат од општината.

Општина Кисела Вода и досега редовно организираше вакви акции, но оваа е прва што ќе трае цели три месеци, со што се овозможува поширока и подетална акција за расчистување на непотребниот отпад. Правилното складирање и управување со отпадот е од клучно значење за зачувување на животната средина и здравјето на граѓаните. Несоодветното одложување на кабастиот отпад доведува до загадување и создавање на диви депонии, кои дополнително го загрозуваат квалитетот на воздухот, почвата и водите. Затоа, ги повикуваме сите граѓани совесно да се однесуваат и да го одложуваат отпадот само на предвидените локации, додаваат од општината.
„Општина Кисела Вода посветено работи на зачувување на животната средина и унапредување на условите за живот на нашите граѓани. Оваа тримесечна акција за собирање на кабаст отпад е уште еден доказ за нашата континуирана грижа за екологијата. Со оваа акција им даваме можност на жителите да се ослободат од стариот мебел, апарати, градежен шут и друг кабаст отпад на легален и организиран начин. Со поставување на определени локации за одложување, спречуваме создавање на диви депонии и непотребно загадување на околината. Дополнително, нашите екипи ќе вршат редовни контроли за да обезбедат правилно почитување на акцијата. Во исто време, во тек е генерално чистење на oпштината, каде што се собира комунален отпад од сите населби и населени места. За жал, сведоци сме дека меѓу овој отпад се наоѓа и големо количество кабаст отпад и шут, што укажува на тоа дека сè уште има граѓани кои не го почитуваат законот за животна средина. Затоа, апелирам до сите да ја искористат оваа акција, да го одложуваат отпадот на предвидените места и да дадат свој придонес кон почиста и поубава Кисела Вода. Само со заеднички напори можеме да ја зачуваме нашата општина уредна и еколошки одговорна“, изјави градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Центар и Чаир денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска имаат планирани два зафати во водоводната мрежа и тоа:
· поради уличен дефект на ул.Адам Мицкиевиќ бб (пред ОУ „Киро Глигоров“), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Адам Мицкиевиќ-вклучително и основното училиште, дел од Козара и дел од Васил Ѓорѓов, општина Центар. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
· поради уличен дефект ф-225м на ул.Отокар Кершовани бб , прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Отокар Кершовани,вклучително Амбуланта „Бит Пазар“, Петре Георгиев и Чаирска, општина Чаир.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Ѓорѓиевски: Скопје ќе добие 100 нови, современи и целосно еколошки градски автобуси
Со одлука на Владата на Република Македонија, Скопје ќе добие 100 нови, современи и целосно еколошки градски автобуси, чекор што ќе го промени секојдневието на илјадници граѓани кои го користат јавниот превоз, извести градоначалникот Орце Ѓорѓиевски преку социјалните мрежи.
„Како што истакна премиерот Христијан Мицкоски, на Град Скопје ќе му бидат доделени 100 автобуси и 50 полначи. Тоа значи безбеден, навремен и достоинствен јавен превоз, но и силен удар во корист на заштита на здравата животна средина и чистиот воздух, наш приоритет што го должиме на нашите деца и идните генерации.
Оваа одлука е дел од стратешкиот договор влада со влада помеѓу нашата и владата на Унгарија, што овозможува набавка по исклучително поволни услови“, напиша градоначалникот.
Македонија
(Фото) „Водовод“ отвори нов наплатен пункт во општина Ѓорче Петров
Јавното претпријатие Водовод и канализација – Скопје, известува, дека со цел да овозможи поголема достапност на услугите за своите корисници, отвори нов наплатен пункт во општина Ѓорче Петров. По тој повод, директорот на претпријатието, Иван Митровски, изврши увид во функционирањето и подготвеноста на новоотворениот наплатен пункт.

„Со отворањето на овој наплатен пункт, на корисниците им се овозможува плаќање на месечните сметки, проверка на состојбата на долгот за потрошена вода и пријавување на состојбата на водомерите.

Наплатниот пункт е лоциран во постоечкиот објект на ЈП Водовод и канализација -Скопје, на улица Ѓорче Петров, до Тинекс маркетот, и ќе работи секој работен ден од 07:30 до 15:00 часот“, соопшти „Водовод“.

Од таму информираат дека наплатниот пункт во Сарај е затворен.

