Македонија
„Од ‘Соравија’ ли ќе ги вратиме или од ‘ролс-ројсот’?“, праша Мицкоски за 50-те милиони солидарен данок што треба да им се врати на компаниите
Владата ја разгледува можноста да се побара одговорност од нивните претходници, кои го воведоа солидарниот данок, по вчерашната одлука на Уставниот суд да се поништи Законот за солидарниот данок, кој на сегашната Влада ѝ наметна обврска да им врати 49,2 милиони евра на 156 оданочени компании. Премиерот Христијан Мицкоски денес рече дека не го загрижува толку однесувањето на претходната влада колку што го загрижува поддршката за овој данок што ја добиле од меѓународни финансиски институции.
„Тогаш бевме опозиција и на состаноците со претставниците на тие меѓународни финансиски институции лично ги гледав в очи и им кажував дека ова дивеење еден ден некој ќе го враќа. Еве дојде денот кога вие треба да го враќате. Тие ќе се спакуваат и ќе си отидат таму од кај што дошле, вие ќе треба да го враќате. И сега, наместо нови 50 милиони за нешто друго, ние ќе треба поради хирови, да враќаме за некој што правел грешка“, рече премиерот Мицкоски.
Оданочените компании Мицкоски вели дека е сосема легитимно да побараат и камата. Тој не сакаше да ја коментира одлуката на Уставниот суд, најави дека во целост ќе ја почитуваат и јавно побара објаснување од опозицијата како да се врати данокот.
„Нека излезат сега пред граѓаните и пред јавноста и нека кажат кој ќе ги врати овие 50 милиони. Од ‘Соравија’ ли ќе ги вратиме? Од ‘ролс-ројсот’ ли ќе ги вратиме? Од инстант-фирмите за јаглен ли ќе ги вратиме? Еве нека излезат сега и нека им кажат на граѓаните“, рече премиерот Мицкоски и праша дали и сега опозициските партии сметаат дека уставните судии работат по негов налог.
За враќање на солидарниот данок веќе имал состанок со министерката за финансии и договориле да ја посетат секоја од компаниите што платила солидарен данок за заеднички да најдат начин на кој ќе им бидат вратени парите.
Солидарниот данок беше воведен во 2023 година како мерка за справување со економската криза, а обврска да плаќаат имаа компаниите што во 2022 година имале вкупен приход поголем од 615 милиони денари.
Уставниот суд вчера го поништи Законот за солидарниот данок со образложение дека ја повредува темелната вредност на владеењето на правото и се противи на правната сигурност, која е загарантирана со Уставот, и оцени дека ретроактивноста на законот ги става компаниите во нееднаква правна позиција, што е спротивно на правата на сопственост и слободата на пазарот и претприемаштвото.
Со одлука на Уставниот суд компаниите имаат рок од пет години да побараат враќање на парите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утрово најстудено во Берово и Крива Паланка
Утрово најстудено било во Берово каде што се измерени -7 степени, -5 било во Крива Паланка, -4 во Скопје – Петровец и Демир Капија, -3 во Гевгелија, Прилеп и Тетово, -2 во Охрид, Виница и Крушево.
Времето денеска
Променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен, а наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од југоисточен правец. Во текот на ноќта почнувајќи од западните делови ќе има врнежи од дожд, на повисоките места од дожд и снег, а на планините од снег. Пообилни врнежи ќе има во западните делови, особено на планините каде што ќе се зголеми снежната покривка.
Максималната температура ќе биде во интервал од 8 до 14 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Максималната температура ќе достигне до 11 степени.
Македонија
„Мицкоски со авионот се плаши за својот живот, а не за животите на своето семејство?!“, прашува СДСМ
„Мицкоски вчера јавно изјави дека кога лета со владиниот авион, наводно се плаши за својот живот и дека „се моли на Бога да останат живи“ кога лета. Ако тоа е вистина, тогаш се поставува суштинско прашање: Како можел тогаш во таков авион да го стави своето семејство и да ги ризикува нивните животи заради приватен одмор?“, прашува СДСМ
„Освен што злоупотребил државни ресурси за приватни потреби, го ставил ли и семејството во ризик?
Ако навистина смета дека авионот е ризичен, тогаш постојат редовни комерцијални линии со економска класа. Не бизнис класа со карти од 4.000 евра, може да патува со економска класа, затоа што нашата економија не е за бизнис класа.
Наместо утре граѓаните да му бидат криви, бидејќи тие го плаќаат овој авион. Прво Мицкоски нѐ расплака со тажната приказна, сега нѐ загрижи. Се плаши за својот живот, а не за животите на своето семејство?!
Ако толку неодговорно се однесува кон сопственото семејство, како ли се однесува кога е во прашање државата?“, се додава во соопштението на СДСМ.
Македонија
Сообраќајот на патниот правец Скопје – Велес е нормализиран во двете ленти
Сообраќајот на патниот правец А1 Скопје – Велес е нормализиран во две коловозни ленти, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

