Македонија
Џафери: Застапеноста на Албанците во Армијата е на историски најниско ниво
Демократската унија за интеграција (ДУИ) изразува длабока загриженост за сериозното влошување на состојбата со застапеноста на Албанците во Министерството за одбрана и Армијата на Република Северна Македонија.
Поранешниот министер за одбрана и експретседател на Собранието, Талат Џафери, обвини дека последните месеци се спроведува дискриминаторска политика, при што Албанците се целосно исклучени од клучните позиции, а забележан е и процес на деградирање на искусните офицери.
„Од 10 директори во новата систематизација, ниеден не е Албанец. Од 12 советници во Министерството за одбрана, само 1 е Албанец. Од 29 раководители на сектори во Министерството, ниеден не е Албанец. Од 13 раководители на сектори во Генералштабот на Армијата, ниеден не е Албанец. Од 30 команданти на баталјони, само 5 се Албанци. Албанските офицери со високи чинови и професионални квалификации се деградирани или отстранети од клучните позиции“, изјави Џафери.
Дополнително, според него, ситуацијата се влошила со запирање на унапредувањата на албанските офицери и подофицери, иако ги исполнуваат критериумите, систематско исклучување на Албанците од програмите за воена едукација во странство, зголемување на говорот на омраза и на националистичката реторика, како што беше случајот со Културно-уметничкото друштво „Бајрам Шабани“ во касарната во Куманово.
Објви и дека ДУИ бара прекин на систематската дискриминација и враќање на правичната застапеност на Албанците на сите нивоа, деполитизација на Армијата и Министерството за одбрана, со стопирање на партиските назначувања, гарантирање на правата и достоинството на албанските воени лица, вклучувајќи еднакви можности за едукација и унапредување.
Според опозициската партија, актуелната состојба е неприфатлива и спротивна на принципите на еднаквост и евро-атлантската интеграција на земјата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
По„Безбеден град“ следна фаза „Безбедна земја“, најави Мицкоски
„Граѓаните без исклучок сакаат да имаат помалку сообраќајни незгоди, и да има помалку жртви и последици од тие сообраќајни незгоди. Лага е дека „Безбеден град“ има етничка заднина, засега е имплементиран во Скопје, Куманово, Тетово и по коридорите 8 и 10. Анализите покажуваат дека три четвртини од прекршоците се направени во Скопје, но истовремено покажуваат и дека оние 110-150 илјади прекршоци, во овој тест период се намалени на 7-8 илјади“, посочи премиерот Христијан Мицкоски во Собрание, прашан за тужбата поднесена од Зијадин Села до Уставниот суд за проектот „Безбеден град“.
„Некои работи едноставно и искусни политичари како Зијадин Села дали намерно, свесно или несвесно се обидуваат да ги направат такви да не соодветствуваат со реалноста. Мислат дека ако излезат во јавноста со пораки, дали биле против една етничка група, во насока на друга етничка група, ќе добијат политички поени, а на тие поени и некаков политички легитимитет. Но, фактите го зборуваат спротивното, колку повеќе има вакви настапи, толку повеќе назадуваме во политиката и помалку поддршка се добива од граѓаните“, истакна Мицкоски.
Нагласувајќи дека ваков систем постои во речиси секоја европска метропола, Мицкоски откри дека следна фаза, по „Безбеден град“, ќе биде проектот „Безбедна земја“
„Следува следната фаза, „Безбедна земја“, со којшто границите ќе ги обезбедиме, ќе имаме систем за рано детектирање на пожари, да ги најдеме виновниците коишто прават таков тип на хибридни напади врз државата и врз граѓаните, веднаш да ги детектираме и извадиме пред лицето на правдата. Систем со којшто криминалците нема да ни бегаат преку граница откако ќе сторат криминал, туку ќе бидат веднаш препознаени, фатени, санкционирани и однесени таму каде што треба да бидат.
Тоа е суштината на одговорна Влада. И тоа се храбри потези во политиката. Не се храбри потези уставни измени или на сила менување имиња. Ова е храбар потег, којшто ќе донесе квалитет во животот на граѓаните и ќе спаси човечки животи, тоа е храбар потег по цена и на политичка штета. Тоа се храбри и истовремено државнички потези“, потенцираше Мицкоски.
Македонија
(Видео) Филипче најави тужба за Жан Митрев: Нема да дозволам лаги и бандитски напади врз мојата чест и углед
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче одговарајќи на новинарско прашање, денеска изјави дека случајот со Жан Митрев се темели на една голема лага и најави дека приватно ќе го тужи поради нарушување на честа и угледот.
„Ова сѐ се темели на една голема лага. Зошто? Ако Жан Митрев бил жртва на таков рекет како што кажува, што правел досега? Второ, зошто тој не поднесува тужба, туку обвинителство по допрен глас? Но, како и да е, нека ја завршат анализата итн., согласно одлуката, а после тоа откако ќе се утврди дека тоа не постои, јас немам никаква вина, ќе го тужам приватно за нарушување на честа и угледот“, рече Филипче.
Тој потенцираше дека за неговата чест и углед работел напорно и чесно, и нема да дозволи “бандитски работи да му ги нарушуваат честа и угледот“, што за него се најважни во животот.
Македонија
Брисел ги прифати барањата, возачите се признаени како професионалци, го решаваме проблемот со превозниците, објави Николоски
Вицепремиерот и министер за транспорт и врски Александар Николоски соопшти дека од Брисел пристигнале, како што вели, „одлични вести“ во врска со проблемите на македонските превозници.
„Само што добив одлични вести од Брисел во врска со огромниот проблем на превозниците од Македонија! Нашите ставови се прифатени. Возачите се прифатени како професионалци. Тоа е тоа што го баравме“, објави Николоски.
После протестите и силната офанзива изминатиот период, Брисе, додава тој, ќе донесе нова Стратегија за визи која ќе значи решавање на проблемот со кој се соочија професионалните возачи.
Благодарам до сите пријатели на Македонија кои помогнаа со цел да се реши овој проблем!

