Македонија
„Каде што срцето е дома“, нов владин проект за локалната самоуправа

Министерството за локална самоуправа продолжува со теренските посети, кои оваа година се реализираат со името „Каде што срцето е дома“. Целта е преку директни средби, размена на искуства, идеи и предлози да се идентификуваат предизвиците со кои се соочуваат општините и заеднички да се изнајдат решенија за нивно надминување.
Министерот за локална самоуправа Златко Перински на денешната средба со новинарите, на која присуствуваше и претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, истакна дека посетите ќе бидат корисни од повеќе аспекти. Ќе се слушнат и предлози и идеи за процесот за измени на Законот за локалната самоуправа, а од увидот на градежните активности на проектите финансирани од централниот буџет локалните власти ќе може да ги пренесат искуствата и потребите во пресрет на очекуваниот втор јавен повик.
„Почнавме отворено како Влада, ќе продолжиме со уште зголемена динамика затоа што сметаме дека со непосреден контакт и градење партнерство помеѓу власта и граѓаните ќе најдеме механизми и соодветни решенија за да се надминат сите препреки со кои се соочуваат локалните саоуправи. Императив ни е градењето партнерски однос со граѓаните. За нас, нивниот интерес е пред сѐ“, порача министерот Перински на денешната средба со новинарите, на која го најави продолжението на посетите на општините.
„Каде што срцето е дома“ во периодот што следува ќе ги посети сите скопски општини, ќе се реализираат средби со градоначалниците, членовите на општинските совети, со невладини организации, бизнис-секторот, културни, спортски работници, воопшто со сите заинтересирани граѓани, а ќе се врши увид и на проектите финансирани од централниот буџет.
„Планирани се и еднодневни посети на Кочани, Охрид, Битола, Тетово, Струмица, Кавадарци, Велес, Куманово, Штип и на Прилеп, на кои ќе се вклучат и претставници од општините од регионот.
Премиерот Мицкоски изрази задоволство од посветеноста на Министерството за локална самоуправа за развој на општините, што заедно со владините мерки е показател дека власта создава услови за поквалитетен живот на сите граѓани.
„Проектите се дел од владината програма за инвестиции во општините. Добро е овој процес да поминува транспарентно и добро е граѓаните одблиску да го дознаваат она што ќе го работиме како Влада преку соодветните министерства, а целиот процес го координира Министерството залокална самоуправа“, истакна премиерот Мицкоски на средбата со новинарите, која се одржа во реновираниот Клуб на пратениците.
Објектот во изминатиот период се реновира со цел враќање на неговиот препознатлив и достоен лик за почит.
„Ова е уште еден показател за одговорното управување и за домаќинското работење на Службата, со која успешно се надминати затекнатите проблеми во Клубот“, истакна Ивица Томовски, директор на СОЗР.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Почина Панчо Минов, поранешен пратеник и градоначалник на Кавадарци

На 67-годишна возраст денеска почина Панчо Минов, поранешен градоначалник на Кавадарци и поранешен пратеник во Собранието.
Панчо Минов беше дипломиран правник и политичка фигура со повеќедецениско искуство. Тој два пати беше избран за градоначалник на Општина Кавадарци – прво како кандидат на Либералната партија (2000–2005), а потоа како независен кандидат (2005–2009).
Минов имаше и пратеничка кариера, учествувајќи во повеќе состави на Собранието.
Првпат беше избран во првиот повеќепартиски состав (1990–1998), а подоцна повторно стана пратеник преку ГРОМ (2016–2020) и СДСМ (2020–2024).
Македонија
Уште колку луѓе треба да настрадаат за Панче Тошковски да почувствува одговорност, прашуваат од СДСМ

Министерот Панче Тошковски без око да му трепне јавно соопшти дека не чувствува никаква одговороност за колапсот на безбедносниот систем и фактот што на улиците се пука како да сме Див Запад, велат од СДСМ.
Според нив, последиците од партизацијата на полицијата и претоварењето во партиски сервис на ДПМНЕ скапо ги чини граѓаните.
„До кога мисли Тошковски да се криe зад политички реторики додека улиците стануваат небезбедни за граѓаните?
Не е само последното пукање во Куманово, непрекинатиот раст на вооружените и насилни инциденти во различни градови е сигнал за целосно системско потфрлање на безбедниот апарат, нема ниту превенција ниту соодветна реакција.
За тоа мора да има одговорност“, додаваат од оваа партија.
Македонија
Парични казни за три градинки и едно училиште по спроведени инспекциски контроли во кујните

Инспекциските служби на Агенција за храна и ветеринарство (АХВ), во септември годинава спроведоа инспекциски контроли во училишните и кујните во градинките на територијата на цела држава. Спроведени беа 91 контрола во градинки и 23 вонредни надзори во училишта.
За утврдените недоследности, издадени се 9 решенија со наредби за нивно отстранување. Во две градинки, хигиената не била задоволителна во кујните, а една градинка немала спроведено задолжителен здравствен преглед на вработениот персонал во кујните. Парични казни изречени се за 3 градинки, и поради несоодветно чување, уништени се 24 килограми храна.
Од спроведените контроли во училиштата, незадоволителни услови констатирани се само во една училишна кујна. Отстапки во однос на добрата производствена и добра хигиенска пракса утврдени се во две кујни. Поради погрешно декларирање, уништени се 59 килограми храна.
Инспекциските служби на АХВ за утврдените недоследности со контролите во училишните кујни изрекле 1 парична казна и донеле 5 решенија со наредба за нивно отстранување.