Регион
Во Црна Гора два дена бојкот на трговските синџири. „Сложно, обединето, упорно“

Во Црна Гора денеска почна дводневен бојкот на малопродажните синџири поради високите цени, на кој повика невладиното здружение „Алтернатива“.
„Се повикуваат жителите на Црна Гора денеска и утре да не пазарат во големите продавници, туку доколку мораат, да пазарат во мали продавници со најмногу десет вработени.
Секојдневно сме сведоци на невидени поскапувања на основните производи, додека сопствениците на големи синџири акумулираат профит на сметка на народот“.
Истото невладино здружение минатиот петок организира бојкот на продавниците во Црна Гора кога, според Даночната управа на Црна Гора, петте најголеми трговски синџири забележаа пад на прометот од 56,14 отсто.
Минатата недела повеќето жители на северниот дел на Црна Гора се одѕваа на повикот за бојкот на големите продавници, а одѕивот беше нешто помал во централниот и јужниот дел на Црна Гора.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Поради силни ветрови во прекин фериботскиот сообраќај во Грција

Фериботскиот сообраќај во Егејското Море во Грција денес беше прекинат поради силни ветрови, кои достигнаа брзина од 60 километри на час, поради што илјадници туристи не можеа да одат до своите планирани дестинации.
Забраната за пловидба, која ќе биде на сила денес најмалку до 13 часот по локално време, важи во сите поголеми пристаништа во Атика, а само фериботите на неколку линии во областа Аргосароникос сè уште пловат, објавува „Јуроњуз“.
Пристанишните власти чекаат ветерот да стивне за да може да се укине забраната за пловидба.
Пловењето кон островите Киклади беше прекинато во пристаништето Рафина, иако екскурзиите до Мармарис на островот Кос продолжија според планот.
Фериботите не сообраќаат од Пиреја, додека пловидбата во пристаништето Лаврио е прекината во правец на Китнос и Агиос Маринас и Неа Стира.
Илјадници патници не можеа да го започнат своето патување утрово поради прекин на пловидбата и чекаат да одат на своите дестинации.
Грчката крајбрежна стража им советуваше на патниците да се консултираат со компанијата чиј ферибот треба да ги превезува кога ќе бидат можни нови поаѓања, како и да ги избегнуваат пристаништата каде што се појавил сообраќаен метеж.
Метеоролошката служба прогнозира дека силните ветрови ќе траат најмалку до недела, што би можело да влијае на фериботскиот сообраќај.
Поради оваа причина, властите им препорачаа на туристите да ги контактираат локалните пристанишни власти и компании пред да заминат.
Регион
Гори во Грција: издадена наредба за итна евакуација

Голем шумски пожар избувна денес во областа Каравадос на грчкиот остров Кефалонија, а издадена е наредба за евакуација на три области, јавуваат грчките медиуми.
Пожарот избувнал во земјоделска и шумска зона, а ангажирани биле 20 припадници на противпожарната служба со седум возила, како и членови на планинската спасувачка служба и волонтери, објави „Катимерини“.
„Доколку се наоѓате во областите Каравадос, Доризата и Керамис, засолнете се и упатете се во правец на Аргостоли. Следете ги упатствата на властите“, се наведува во известувањето на противпожарната служба.
Четири авиони и два хеликоптера исто така помагаат во гаснењето на пожарот, пишува грчкиот весник.
Фото: принтскрин
Регион
Плинска боца експлодира во стан на српски туристи во Грција, има повредени

Пет туристи од Србија се повредени денес во експлозија на плинска боца во изнајмена соба во Аспровалта, во регионот на Солун, од кои еден доби тешки изгореници, објавува Катимерини.
Несреќата се случила денес околу 15:30 часот под сè уште неразјаснети околности.
Најтешко повреден е 41-годишен маж, кој се здобил со изгореници, додека другите се здобиле со повреди од скршено стакло, објавува Катимерини, додека Прототема објавува дека маж со изгореници од прв и втор степен и жена со изгореници од прв степен се пренесени во свесна состојба во Општата болница во Солун.
Полицијата го уапси 86-годишниот сопственик на куќата, а надлежните органи ги истражуваат причините за несреќата.