Свет
Трамп призна дека разговарал со Путин за Украина, но не открива детали
Претседателот на САД, Доналд Трамп, во интервју за „Њујорк пост“ откри дека имал телефонски разговор со рускиот претседател Владимир Путин во врска со завршувањето на војната во Украина. Трамп изрази надеж дека војната наскоро ќе заврши, нагласувајќи дека секојдневно се губат животи, пренесува „Ројтерс“.
„Тој (Путин) сака да види дека луѓето ќе престанат да умираат“, изјави Трамп, додавајќи дека и тој сака војната што побрзо да заврши.
„Се надевам дека ќе биде брзо. Луѓето умираат секој ден. Оваа војна е толку лоша за Украина. Сакам да заврши оваа проклета работа“, рече претседателот.
Кога беше запрашан колку пати разговарал со Путин, Трамп одговори дека е „подобро да не кажува“, но потврди дека секогаш имал добри односи со рускиот лидер и дека има конкретен план за ставање крај на конфликтот. Иако не ги откри деталите, Трамп нагласи дека работи на решение.
Трамп во интервјуто се осврна и на Иран, изразувајќи желба за склучување договор во врска со иранската нуклеарна програма.
„Би сакал договор пред да ги бомбардирам… Тие не сакаат да умрат. Никој не сака да умре… Ако склучиме договор, Израел нема да ги бомбардира“, изјави Трамп.
Иако претседателот на САД не откри повеќе детали за потенцијалните преговори со Техеран, тој изрази уверување дека дијалогот е клучен за да се избегне ескалација.
Минатиот месец, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека Путин е подготвен да разговара со Трамп, а претседателот на САД најави и средба со украинскиот лидер Володимир Зеленски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Момче во Германија повлекло девојка под воз што доаѓал од спротивен правец, двајцата се мртви
Во Хамбург во четврток, две лица загинаа на метро станицата Вандсбек Маркт откако маж влечеше жена на шините пред воз што доаѓаше од спротивната насока. Полицијата се сомнева во убиство и започна истрага, а според првичните информации, сторителот и жртвата не се познавале, пишува Шпигел.
Според досегашните сознанија на полицијата, жртвата е 18-годишна девојка која чекала на перонот воз во правец на центарот на градот.
Сторителот, 25-годишен маж по потекло од Јужен Судан, стоел одвоено од неа. Во еден момент, тој одеднаш ѝ се приближил, ја зграпчил и, од сè уште непознати причини, ја влечел на шините, точно пред возот што влегувал во станицата. Двајцата починале на местото на несреќата.
Свет
46 жртви во железничката несреќа во Шпанија
Смртта на 43-годишна жена која била на одделот за интензивна нега во болницата Реина Софија во Кордоба го зголеми бројот на жртви во железничката несреќа кај Адамуз, која се случи на 18 јануари, на 46, соопштија владини извори.
Дваесет и осум од вкупниот број жртви биле од провинцијата Уелва, пренесе „Паис“.
Жртвата, жителка на Ла Палма дел Кондадо, била меѓу патниците на возот Алвија од Мадрид. Во моментот на несреќата се враќала по полагање испит за затворски чувар. По несреќата била на интензивна нега поради сериозни проблеми со белите дробови.
Од вчера, 16 од 126-те повредени патници и понатаму се во болниците во Андалузија, од кои двајца се на интензивна нега. Андалузиската здравствена служба извести за уште едно отпуштање од болница и за еден пациент кој го напуштил одделот за интензивна нега.
Поради смртта на најновата жртва, шпанската влада одлучи да ја одложи државната комеморација закажана за денеска. Шпанскиот премиер Педро Санчез вети дека државата ќе продолжи со истрагата и ќе им дава поддршка на семејствата погодени од трагедијата.
Свет
Пак загинати во израелски напади во Газа
Најмалку 12 Палестинци утрово загинаа во израелски напади на јужниот и северниот дел на Појасот Газа, соопштија болниците во Газа.
Ова е еден од израелските напади со најголем број жртви откако стапи во сила примирјето во Појасот Газа на 10 октомври.
Во нападите се погодени локации на северот и југот на Појасот Газа, вклучувајќи станбена зграда во градот Газа и шатор во Кан Јунис, рекле официјални претставници на болниците. Тие навеле дека меѓу жртвите има две жени и шест деца.
Министерството за здравство на Газа, кое е под контрола на Хамас, соопшти дека повеќе од 500 Палестинци се убиени во израелски напади од почетокот на примирјето на 10 октомври.

