Регион
Курти води на изборите во Косово, но ќе има проблем да состави влада

Партијата на премиерот Албин Курти е на пат да победи на парламентарните избори, но тој најверојатно нема да може самостојно да формира влада, покажуваат излезните анкети.
Првите излезни анкети што ги објави приштинската телевизија Клан Косова, спроведени од „Ипсос“, покажуваат дека на парламентарните избори во Косово најмногу гласови добило Движењето Самоопределување (ВВ) на Албин Курти – 38,2 отсто или 43 пратенички места.
Следува Демократската партија на Косово (ПДК) Мемли Красниќи со 22,4 отсто или 25 пратенички места и Демократската лига на Косово (ЛДК) на Лумир Абдиџику со 20,1 отсто или 23 пратенички места.
Изборниот праг од пет проценти го омина и Алијансата за иднината на Косово (ААК) на Рамуш Харадинај во коалиција со Социјалдемократската иницијатива со 7,6 отсто или 9 пратенички места.
Претставниците на српските и другите малцински заедници, исто така, ќе добијат по десет места, вкупно 20 во 120-члениот косовски парламент.
Анкетата ја спровеле повеќе од 100 анкетари во 400 гласачки центри, на примерок од 8.000 лица.
Слични резултати дадоа и анкетите спроведени од Газета експрес, ТВ7 и РТВ Дукаѓини.
Претходно, проекција за изборите објави и Коха, според која ВВ ќе освои 42,3%, ПДК 21,3%, ЛДК 20,4%, а ААК 6,3% од гласовите.
На денешните први редовни, а вкупно девети парламентарни избори во Косово од прогласувањето на независноста, се гласаше на 2.533 гласачки места, а право глас имаа 1.970.944 лица во самото Косово и 104.924 во дијаспората. Косовските граѓани во странство гласаа вчера во 30 дипломатски претставништва, лоцирани во 19 различни земји.
Централната изборна комисија соопшти дека по обработени 90 отсто од гласачките ливчиња, одѕивот е околу 40 отсто.
На изборите учествуваат 28 политички субјекти, од кои 20 политички партии, пет коалиции, две граѓански иницијативи и еден независен кандидат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Црна Гора се бори со пожари

Седми ден по ред пожарите во Црна Гора не стивнуваат, а најкритично е во Подгорица, каде што и покрај тоа што ситуацијата е под контрола.
Началникот на Дирекцијата за цивилна заштита и намалување на ризици од катастрофи, Љубан Тмушиќ, соопшти дека најзагрозени области се Пипери и Кучки Корита. – Во овие подрачја се ангажирани сите расположливи ресурси – 12 возила и 42 пожарникари, рече Тмушиќ.
Посебна закана претставуваат и таканаречените „подземни пожари“ кои се активираат со пораст на температурите.
Во гаснењето се вклучени и армијата, како и помош од странство – Србија испрати хеликоптер, а вчера пристигна и швајцарски тим со 26 пожарникари и четири специјализирани возила. Поддршка дава и хеликоптер од Чешка.
Регион
Еди Рама вети бесплатни нови куќи за оние кои во пожарите ги загубија своите домови

По катастрофалните пожари кои деновиве зафатија делови од Албанија, уништувајќи домови и имоти, премиерот Еди Рама излезе со силно и директно ветување до сите настрадани граѓани. Во објава на социјалните мрежи, тој најави дека државата целосно ќе ги обесштети сите што претрпеле штета, вклучително и бесплатна обнова на секој уништен дом.
„Кој и да го изгубил својот дом, ќе го обновиме бесплатно, кој и да изгубил добиток, ќе го рефинансираме еден по еден“, напиша Рама на социјалните мрежи.
Оваа мерка, како што појасни министерот за одбрана Пиро Венгу, ќе се спроведува преку општините. Ќе се формираат посебни комисии за проценка на штетите на куќи, инфраструктура, бизниси и земјоделски култури, по што ќе следува обештетување од општинските фондови за цивилна заштита, поддржани од државниот буџет.
Регион
Шестмина припадници на полицијата се повредени за време на синоќешните протести во Србија

Министерот за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ изјави дека за време на синоќешните протести имало драстично нарушување на јавниот ред и мир и брутален напад врз полицијата, и дека, според досегашните податоци, повредени се шестмина припадници на полицијата.
„Шест полицајци се повредени, според информациите што ги имаме во моментов, а 38 лица се приведени. Секој можеше да види во преносот во живо дека имало брутален напад врз полицијата, дека демонстрантите дошле со намера да ги нападнат полицајците, да ги повредат“, рече Дачиќ.
Тој изјави дека вечерта немало поддржувачи на Српската напредна партија, што, како што рече, не ги спречило демонстрантите да ги нападнат просториите на таа партија низ цела Србија, и додаде дека на некои места биле нападнати и просториите на Социјалистичката партија на Србија.