Спорт
Тешки обвинувања: Реал со поддршка од Барселона се обидува да го уништи шпанскиот фудбал

Со денови нема мир на Пиринејскиот полуостров, а нема да има во скоро време. Клубовите се револтирани и згрозени од постапките на Реал Мадрид, а најгласни се градскиот ривали Атлетико, Атлетик Билбао и Севилја.
Од стадионот „Рамон Санчез Писхуан“ пристигнаа сериозни обвинувања против „кралскиот клуб“, а критики се испратени и кон Барселона.
Реал врши силен притисок, најчесто преку клупската телевизија. Ги критикува судиите, Ла Лига, Шпанската фудбалска федерација. Убедени се дека одредени судии ги опструираат во борбата за титулата.
Претседателот на Севилја, Хозе Марија дел Нико Караско, отворено го искажа својот став за случувањата во лигата, рече дека е ужаснат и загрижен од последните потези на Реал Мадрид.
„Важно е да се направи разлика помеѓу намерата да се направат промени во судискиот систем и неодамнешната изјава на Реал Мадрид, која е неподнослива и неприфатлива. Тоа го доведува во прашање интегритетот на натпреварувањето и чесноста на судиите. Мораме јавно да го осудиме ова, па дури и да преземеме правна постапка против секоја комуникација што го загрозува интегритетот на спортот“, рече Караско, пред натпреварот на Севилја со Барселона, а ден по градското дерби меѓу Реал и Атлетико (1:1), по кое од „кралскиот клуб“ повторно се жалеа на судењето.
Првиот човек на клубот од Андалузија е загрижен и за далекусежните последици од најновите постапки на великанот од „Сантијаго Бернабеу“.
„Она што најмногу ме загрижува е тоа што оваа ситуација изгледа никого не изненадува. Реал Мадрид се обидува да го поткопа шпанскиот фудбал преку своите медиумски канали, да го уништи, а ние не можеме да му дозволиме да го стори тоа. Нема да толерираме никакво доведување во прашање на интегритетот на судиите во јавноста. Она што тие се обидуваат да го направат е да извршат притисок врз судиите и да не им дозволат да судат според нивната слободна проценка“.
На Караско исто така не му се допаѓа односот на Барселона во оваа ситуација, бидејќи не ја разбира пасивноста на најголемиот ривал на Реал.
„Доколку јавно не го искажале својот став, тоа сугерира дека се согласуваат со идејата дека судиите се неправедни кон Реал Мадрид. Дали Барселона навистина смета дека е вредно да го оправда ваквото однесување за да ги собере остатоците зад Реал Мадрид? Ги повикувам да не се обидуваат да го уништат“, изјави претседателот на Севилја и за крај призна дека не вечера со луѓето од Барселона и дека оваа практика нема да се промени додека не понудат одговори за „случајот Негреира“.
„Јавно го кажавме нашиот став во врска со „случајот Негреира“. Сè уште чекаме објаснување од Барселона. Ги поканивме во ложата, тоа е нивно право, но немаше вечера. Нема да седам во ложата со луѓето од Барселона додека не дадат објаснување. Ги прекинавме односите и тука работите не се сменија.“
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Спорт
Александра Круниќ го заврши учеството на турнирот во Хамбург

Српската тенисерка Александра Круниќ го заврши учество на турнирот во Хамбург по поразот од Унгарката Далма Гали. Таа е 111. тенисерка во светот, која победи со резултат 6:4, 6:1 по 1 час и 19 минути.
Галфи стекна предност против 363. тенисерка на светот во сингл по два брејка и водство 4:0.
Иако 32-годишната тенисерка врати еден брејк, не успеа да го врати вториот. Во следниот сет, Круниќ бараше медицински тајмаут при водство на Галфи 4:1, истовремено и пред сервис на Унгарката, но не успеа да го врати брејкот.
Спорт
Тренерот на Аталанта, Иван Јуриќ, заврши в болница
Поради проблеми со дишните патишта трнерот на Аталанта, Иван Јуриќ, заврши во болница. Хрватскиот стручњак, од неодамна тренер на Аталанта, мораше да оди во болница поради инфекција на грлото.
Поради хоспитализацијата тренерот го пропушти првото собирање на екипата во летниот камп.
Клубот соопшти дека состојбата на Јуриќ е подобра и се очекува да биде отпуштен од болница во наредните денови.
Јуриќ претходно во Италија ги водеше Рома, Верона, Торино, Ѓенова, Кротоне и Мантова, а последниот ангажман го имаше среде оваа сезона кога го водеше Саутемптон.
Спорт
Трамп го блокира доаѓањето на српскиот репрезентативец во Америка

Турнирот од Летната лига на НБА во Лас Вегас традиционално собира голем број млади кошаркари кои се борат за место во најсилната лига во светот. Меѓу оние кои би се обиделе да се пробијат во Америка, се очекуваше Србинот Урош Трифуновиќ, но…
Урош Трифуновиќ, српски репрезентативец и член на турскиот Тофаш, не дебитираше во дресот на Хјустон, а причината за ова изненади многумина.
Трифуновиќ беше најавен како член на составот на Рокетс за дуелот против Детроит, а неговото име се најде и во официјалниот протокол на натпреварот. Многумина мислеа дека тренерот едноставно одлучил да не го користи, но вистинската причина е дека српскиот кошаркар воопшто не отпатувал во САД, објавија српските медиуми.
Како што објавија американски и српски извори, отсуството на Трифуновиќ нема никаква врска со повреда или форма, туку исклучиво со административни проблеми при влез во земјата. Поради специфичната ситуација во САД и одредени правила за имиграциска политика што потекнуваат од администрацијата на Доналд Трамп, српскиот бек не можеше да ги добие сите потребни дозволи на време за да патува во Лас Вегас.
Поради оваа причина, иако неговото име беше во протоколот на Рокетс, тој остана надвор од теренот.
Трифуновиќ има одлична сезона зад себе во Турција, каде што во домашното првенство бележи просек од 11,4 поени по натпревар додека играше за Тофаш.