Економија
Ангеловска-Бежоска – Џанел: Независноста на Народната банка е клучна за успешно спроведување на монетарната политика
Високото ниво на независност и кредибилитетот во работењето на Народната банка се едни од најважните фактори коишто придонесоа за успешно остварување на целите и за макроекономската стабилност во изминатите години, и покрај неколкуте последователни кризи на светско ниво. Ова беше истакнато на средбата помеѓу гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска и амбасадорката на Кралството Холандија во земјава, Узлем Џанел.
Професионалноста, стручноста и посветеноста мора да се на високо ниво кога станува збор за одлуките што ги спроведува Народната банка, беше посочено од амбасадорката. Обезбедувањето и одржувањето на независноста на Народната банка е од витално значење за да се исполни улогата на централната банка како гарант на макроекономската и финансиската стабилност, што е од особена важност за евоинтеграциските перспективи на земјата, а воедно и еден од основните предуслови за привлекување на странските инвеститори. Монетарната политика е и ќе биде насочена кон одржување на ценовната стабилност на среден рок и кон јакнење на капацитетите и исполнување на стандардите за пристап до европскиот систем на централни банки, истакна гувернерката.
На средбата се зборуваше за тековните макроекономски движења, во однос на очекувањата на Народната банка според есенските проекции. Притоа, беше посочено дека политиките и мерките применети во изминатите неколку години овозможија намалување на инфлацијата на 3,5% минатата година и очекувањата се дека инфлацијата и годинава постепено ќе се стабилизира. Сепак, ризиците постојат и потребно е водење внимателни макроекономски политики.
На средбата на гувернерката Ангеловска-Бежоска и амбасадорката Џанел беше оценето дека од особено значење е зајакнувањето на натамошната соработка меѓу Народната банка и централната банка на Холандија, којашто е една од најсилните поддржувачи во постојаното унапредување на централнобанкарското работење, како и силен партнер во спроведување на голем број проекти кои се од големо значење за зацртаните политики на Народната банка. Исто така, на средбата беше изразена благодарност до Министерството за финансии на Холандија, со чија поддршка заедно со ОЕЦД, Народната банка и домашните финансиски регулатори ја изработија и првата Национална стратегија за финансиска едукација. Овој документ претставува рамка на активностите коишто ги преземаат регулаторите заради подобрување на финансиската писменост на населението, со што се подобрува ефективноста на нивното учество во финансискиот сектор, како и нивната заштита како потрошувачи имајќи на располагање повеќе и подобри информации.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Microbalkans 2025: Никола Јошевски за усогласувањето на правните рамки со директивите на ЕУ
Никола Јошевски, генерален менаџер и сопственик на Mint Fintech Group и претседател на Групацијата на финансиски друштва при Стопанската комора на Македонија, учествуваше на престижната регионална конференција Microbalkans 2025, што се одржа во Дубровник, Хрватска, од 5 до 7 ноември 2025 година.
Како панелист на високопрофилната дискусија „Усогласување на правните рамки со директивите на ЕУ“, Јошевски се приклучи на водечки европски партнери и институции кои активно придонесуваат за развојот на социјалните финансии во регионот на Западен Балкан.

Панелот се фокусираше на регулаторната хармонизација, финансиската инклузија, платните системи и усогласувањето со процесот на пристапување кон ЕУ, со посебен акцент на улогата на микрофинансиските институции и финтек решенијата во одржливиот развој и регионалната соработка.
Во своето обраќање, Јошевски ја нагласи потребата од создавање на стабилен и интегриран финансиски систем што ги надминува класичните регулаторни рамки, посочувајќи:
„Главниот предизвик не е само во пренесувањето на директивите на ЕУ во националното законодавство, туку во создавањето на целосен екосистем – таков што нè прави конкурентни, инклузивни и силни дома.“
Панелот поттикна значајна дискусија за иднината на финансиската регулатива во регионот и улогата на микрофинансиските институции во зајакнување на финансиската стабилност, транспарентност и дигитална трансформација.

Конференцијата Microbalkans 2025, поддржана во рамките на соработката со Европската унија, го обедини врвот на експертизата од Европа и Западен Балкан, создавајќи дијалог за унапредување на социјалните финансии, микрокредитирањето и финтек иновациите.
Присуството на Mint Fintech Group на овој настан уште еднаш ја потврди посветеноста на компанијата кон модернизација на финансискиот сектор во Македонија, создавање инклузивна економија и промовирање европски вредности во финансиските услуги.
Со своето учество, Јошевски ја зацврсти позицијата на Македонија како активен партнер во градењето на современ, конкурентен и одржлив финансиски екосистем, кој ја поврзува регионалната соработка со европските стандарди и отвора нови можности за раст и развој.
(ПР)
Економија
СДСМ: Инфлацијата зголемена на 4.5%, граѓаните скапо ги чинат промашените економски политики на власта
Инфлацијата повторно расте и во октомври достигна 4,5 проценти, спротивно на владините уверувања дека ќе се намали и под 3%, велат од СДСМ.
„Овој пораст е јасен показател дека економските политики на владата на ВМРО-ДПМНЕ се целосно промашени и без никаков резултат. Инфлацијата го јаде стандардот на граѓаните, ги јаде платите кои не се покачуваат туку стагнираат, цените на храната и основните производи растат, сметките се повисоки, граѓаните имаат се помалку пари во џебовите. Платите и пензиите заостануваат далеку зад растот на цените, граѓаните секојдневно плаќаат повисоки цени за леб, млеко, масло, лекови, за сметки а платите не мрдааат. За само година и половина ДПМНЕ донесе економска стагнација, раст на инфлацијата и пад на животниот стандард“, се наведува во соопштението.
Економија
Електродистрибуција го имплементира најновиот систем SIEMENS SCADA за дигитално управување со мрежа – Скопје
Во финална фаза на имплементација е најновиот SIEMENS SCADA систем за дигитално управување со среднонапонска и високонапонска мрежа, со што значително ќе се унапреди дигиталната трансформација и системите за далечинско управување и мониторинг, соопштија од компанијата.
Со помош на најновиот SCADA систем, како што е појаснето, ќе се оствари меѓусебно поврзување на диспечерските центри на ЕВН и МЕПСО со цел поквалитетно водење на целата електроенергетска мрежа во државата.
„Со инвестиција од еден милион евра, најсовремениот SCADA систем овозможува повисоко ниво на автоматизација, сигурност и оперативна контрола, што претставува клучен предуслов за ефикасна енергетска транзиција и поголема диверзификација на изворите на електрична енергија во земјата. Системот има особено значење во периоди кога сѐ поголем број фотонапонски централи се приклучуваат на дистрибутивната мрежа. Досега се регистрирани 2.963 нови приклучоци од обновливи извори, со вкупна инсталирана моќност од 860 MW, што во одредени ситуации може да претставува предизвик за стабилноста на енергетскиот систем. Со ваквите инвестиции во дигитализација на клучните процеси, Електродистрибуција обезбедува поквалитетни, доверливи и поефикасни услуги за своите корисници и ја зацврстува сигурноста и ефикасноста на мрежата, потврдувајќи ја својата заложба за модерна, транспарентна и дигитална енергетска инфраструктура“.

