Македонија
Меџити: Во општина Свети Николе само во водоводна инфраструктура инвестираме над 1.3 милиони евра

Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, придружуван од заменик министерката Ане Лашкоска беше во работна посета на општина Свети Николе, каде заедно со градоначалникот Дејан Владев направија обиколка на локацијата на која се гради фекална канализација во с. Мустафино, во должина од 8 километри.
Проектот за изградба на фекалната канализација во с. Мустафино е повеќегодишен и е финансиран од Министерството за животна средина и просторно планирање, кое има склучено Договор во вредност од 32.5 милиони денари за изведба и Договор во вредност од 165 илјади денари за вршење на стручен технички надзор.
„Она што сакам да го истакнам е дека проектот се реализира и побрзо од предвидената динамика. Степенот на реализација на градежните работи изнесува 82 проценти од целокупниот проект“ изјави министерот Меџити и информираше дека во оваа општина и преку Европската инвестициска банка ќе се инвестираат средства во водоводната инфраструктура. Инвестициите се во висина од над 738 илјади евра за проектите: изградба на фекална канализација с. Кадрифаково, фекална канализација с. Сопот, водоводна мрежа во место викано “Мало Стопанство” и реконструкција на водоводна мрежа на дел од улиците Кумановска и Ќиќевачка.
Градоначалникот Дејан Владев се заблагодари на огромната помош добиена како од министерството така и од Владата, а информира дека општина Свети Николе на новиот повик од Владата ќе аплицира со проект за водоводна мрежа во м.в. Кнежевски пат, со што ова општина трајно ќе го реши проблемот со водоснабдувањето и ќе обезбеди современи услови за живот на населението.
Тој најваи дека изведбените работи за фекалната канализација во с. Мустафино се очекува да завршат до мај/јуни годинава.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Без вода дел од Кисела Вода

Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЈП Водовод и канализација, информира дека денеска поради изведување на водоводен приклучок на водоводна мрежа со пречник од Ф-150 мм на улицата Христо Татарчев бр. 47, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица и кулите – Расдник, oпштина Кисела Вода.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување на работните активности.
Македонија
Сончево и топло, максималната температура ќе достигне до 34 степени

Времето денеска ќе биде сончево и топло со мала локална облачност. Ќе дува слаб до умерен, а наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 9 до 19, а максималната ќе достигне од 27 до 34 степени.
Во Скопје, сончево и топло. Ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 17, а максималната ќе достигне до 34 степени.
Времето во наредните денови
Во следните денови времето ќе биде стабилно, претежно сончево и топло. Ќе дува умерен, во сабота наместа долж Повардарието повремено засилен северен ветер.
Македонија
„Уапсени се полицајци и полициски функционери кои биле на смена кобната вечер“: СДСМ ја поздрави акцијата на ОЈО ГОК за Кочани

„Ја поздравуваме вечерашната акција на Обвинителството за организиран криминал и корупција во која се лишени од слобода полицајци и полициски функционери кои биле на смена кобната вечер на 16 март во т.н. дискотека Пулс во Кочани“, соопшти СДСМ.
„Фактот што четири месеци ВМРО-ДПМНЕ се обидуваше да ја сокрие одговорноста на полицајците и полициските функционери, фактот што нивната вина беше негирана од страна на Панче Тошковски и Христијан Мицкоски укажува на тоа дека сите биле вмешани или на некој начин знаеле за нелегалното работење на Пулс и тоа го одобрувале.
Само поради обидите да се сокрие одговорноста од страна на Тошковски и Мицкоски на лицата кои тие ги поставија за полицајци, командири и началници би требало веднаш да си поднесат оставки.
Одговорност мора да има и за Александар Јанев, директорот на БЈБ. Тошковски и Јанев не смеат повеќе да ја попречуваат истрагата ниту да влијаат некој да не сноси одговорност.
Вистината за Кочани која цела недела ја објавуваше СДСМ е точна. Се покажа дека без силен притисок на јавноста, на дел од медиумите и на СДСМ нема да има правда за Кочани. Време е за одговорност, време е за оставки“, се додава во соопштението на СДСМ.