Свет
Семејствата на израелските заложници го блокираа автопатот и бараат да не се загрозува договорот

Семејствата на израелските заложници земени од Хамас и други граѓани го блокираа автопатот што ги поврзува Тел Авив и Ерусалим, барајќи премиерот Бенјамин Нетанјаху да не го загрозува договорот за ослободување на заложниците.
Десетици луѓе држеа транспарент на кој пишуваше: „Земaњето заложници е воено злосторство“, пишува „Тајмс оф Израел“, додавајќи дека толпата поставила жолти димни бомби додека го блокирале автопатот.
Тие бараат Нетанјаху да престане да се заканува со договорот и да испрати тим во Доха за да преговара за втората фаза од прекинот на огнот, што би довело до итно ослободување на преостанатите заложници.
Хамас вчера најави дека ќе го одложи ослободувањето на израелските заложници, закажано за сабота, бидејќи, како што тврди, Израел ги прекршил условите од договорот за прекин на огнот. Израелската делегација се врати од Доха, каде викендов се водеа преговори за следната фаза од прекинот на огнот во Појасот Газа, изјави вчера портпаролот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, не наведувајќи детали за преговорите.
Израел и Хамас постигнаа прекин на огнот во средината на јануари по повеќе од една година конфликт, потсетува Гардијан.
Првата фаза од прекинот на огнот, од трите планирани, вклучува прекин на огнот, ослободување на некои затвореници, повлекување на израелските сили од Газа и враќање на Палестинците во северниот дел на Газа, заедно со прилив на хуманитарна помош. Втората фаза предвидува прекин на огнот за 42 дена.
Во третата фаза Хамас ќе ги врати телата на загинатите заложници од Газа во Израел, Израел ќе ослободи уште затвореници, а треба да започне и петгодишен план за реконструкција, пренесува Танјуг.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
(Фото) Аеродромот во Загреб затворен за сообраќај – мал авион слета надвор од пистата

Аеродромот „Фрањо Туѓман“ во Загреб денеска попладне беше затворен за секаков воздушен сообраќај поради инцидент со приватен авион кој се излизгал од пистата, пишува Индекс.
Како што потврдија од аеродромските служби, инцидентот се случил околу 15:21 часот, при слетување на приватен авион. Леталото при слетување проклизнало и завршило на тревната површина покрај пистата.
Според информации од авиокомпанијата, авионот бил празен и во инцидентот нема повредени.
Во моментот се преземаат мерки за отстранување на леталото од пистата, а аеродромот останува затворен до понатамошно известување.
Од Аеродромот „Фрањо Туѓман“ се извинија на патниците за доцнењата на пристигнувачките и поаѓачките летови и најавија дека јавноста ќе биде навремено информирана кога сообраќајот повторно ќе биде воспоставен.
Свет
Масовни протести во Шпанија против корупција

Повеќе од десетици илјади луѓе се собраа денес во Мадрид на демонстрации организирани од главната конзервативна опозициска партија, против владата на социјалистичкиот премиер Педро Санчез, обвинувајќи ја за корупција.
Демонстрантите се собраа на Шпанскиот плоштад во центарот на главниот град, велејќи му на Санчез да „поднесе оставка“.
Народната партија го свика собирот откако протечените аудио снимки наводно покажуваат дека член на Социјалистичката партија води кампања за клевета против полициска единица што истражува обвинувања за корупција, во која наводно се вклучени сопругата, братот и поранешната десна рака на Педро Санчез.
Социјалистичката членка ги негираше обвинувањата, кажувајќи им на новинарите дека спроведувала истражување за книгата и дека не работи во име на партијата или на Педро Санчез, а потоа ја напуштила Социјалистичката партија.
Лидерот на Народната партија, Алберто Нуњез Феихо, ја обвини владата за „мафијашки практики“ во аферата, тврдејќи дека Санчез е во центарот на повеќе корупциски скандали.
Народната партија процени дека повеќе од 100.000 луѓе присуствувале на денешниот митинг под слоганот „Мафија или демократија“.
Владин претставник во Мадрид процени дека на демонстрациите имало помеѓу 45.000 и 50.000 луѓе.
Свет
Тропската бура Барбара се формираше покрај брегот на Мексико

Тропската бура Барбара се формираше покрај југозападниот брег на Мексико, соопшти Националниот центар за урагани во Мајами рано утрово. Не се издадени предупредувања за крајбрежна опасност.
Брзината на ветерот беше околу 75 километри на час со повремени силни налети. Се очекува бурата да прерасне во ураган во понеделник.
Во делови од мексиканските држави Гереро, Мичоакан, Колима и Халиско можни се обилни врнежи од дожд од 5 до 10 сантиметри, а на некои места и до 15 сантиметри. Врнежите од дожд можат да доведат до поплави и лизгање на земјиштето.