Македонија
СДСМ: Мицкоски ги мајтапи граѓаните, маркетите да објавувале цени, а луѓето да споредувале

Според СДСМ, Христијан Мицкоски со своите последни изјави повторно докажува дека е целосно одлепен од реалноста. Во време кога граѓаните едвај врзуваат крај со крај, кога цените секојдневно растат, Мицкоски, велат од оваа партија, предлага „револуционерно решение“ – маркетите да ги објавуваат цените на вебсајтови, а граѓаните сами да ги споредуваат.
„Дали ова е економската политика на Владата? Дали ова е стратегијата за заштита на животниот стандард? Да ажурираат сајтови додека луѓето сè потешко преживуваат?
Овој „бисер“ е само уште една потврда дека Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ нема ни визија ни волја да преземе конкретни мерки за спречување на растот на цените. Ова не е ништо друго освен мачкање очи пред јавноста дека нешто „се работи“, додека во реалноста, трговците и крупните интереси се заштитени, а граѓаните оставени сами на себе.
За осум месеци оваа Влада не понуди ниту една успешна економска мерка. Напротив, со секој потег дополнително го слабее животниот стандард на граѓаните. Македонските семејства се соочуваат со реалност каде што секој ден имаат сè помалку пари, а цените растат без контрола“, истакнуваат од СДСМ.
Ги прашуваат Владата и Мицкоски кого штитат, за кого работат и зошто граѓаните не ја гледаат поддршката.
Јасно е, потенцираат, дека ВМРО-ДПМНЕ од првиот ден нема интерес парите од буџетот да ги врати кај граѓаните.
„Напротив, со ниту една политика досега не овозможија никаква помош или бенефит за граѓаните.
СДСМ останува посветен на борбата за подобар животен стандард. Додека Владата се занимава со популистички идеи и заштита на интересите на малкумина, ние ќе продолжиме да работиме на вистински решенија за граѓаните“, соопштија од опозициската партија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Без вода делови од Центар и Аеродром

Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект на улицата Питу Гули бб, општина Центар (во близина на Тинекс), прекинато водоснабдување ќе имаат следниве улици: Питу Гули, дел од Загребска, Ганчо Хаџипанзов, Капештец, Димитар Пандилов, Караорман, висока зона Козле и Ловќенска-крак 1,3,5 и 7.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
Денеска поради уличен дефект на 3-та Македонска Бригада бб, прекинато водоснабдување ќе имаат објектите на Вива, Метро, Центро, Спорт М и Форд, во општина Аеродром.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Делови од Аеродром, Центар и Ѓорче Петров денеска без струја

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 08.10 до 15.00 часот, корисниците на дел од село Долно Лисиче.(општина Аеродром)
· во периодот од 08.10 до 15.00 часот, корисниците на објектите спроти Ист Гејт населба Крњево.(општина Центар)
· во периодот од 08.10 до 12.00 часот, корисниците од улица Божидар Рајковиќ, дел од ул. Горноврановска и дел од улицата Горно Лисиче (општина Аеродром)
· во периодот од 08.10 до 16.00 часот, корисниците на улиците Ибе Паликуќа, Воин Драшкоци, Веле Марков (општина Ѓорче Петров)
Македонија
Претежно облачно со повремен дожд

Времето денеска ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд. Кон крајот на денот врнежите насекаде ќе престанат. Ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец (локално над 60 km/h). Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 13, а максималната ќе достигне од 8 до 16 степени.
Во Скопје, претежно облачно со повремен дожд. Ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 12, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Времето во наредните денови
Од четврток времето ќе биде стабилно и суво со слаб до умерен северен ветер. Дневната температура ќе биде во пораст.