Економија
Трипуновски: Визионерски се работи да се зголеми сточниот фонд, во новата програма предвидени се зголемени субвенции

„Ако пред десетина години сточниот фонд на крупна стока во државата изнесуваше околу 260.000 грла, денес по седум години погубни политики на минатата власт сточниот фонд изнесува нешто помалку од 140.000 грла“, истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски од собраниска говорница одговарајќи на пратеничко прашање.
„Имаме сериозен пад на млекопроизводство, тоа е се резултат на погрешни политики, лоша земјишна политика, неисплата на субвенциите, без конкретни мерки и програми. Но, тоа време заврши и изминатите 6-7 месеци како власт работиме интензивно како да го вратиме сточарството во Република Македонија и млекопроизводството меѓудругото како еден од најважните производи“, појасни министерот.
Трипуновски додаде дека субвенциите не се намалени туку напротив се зголемени.
„Во минатогодишната Програма субвенцијата за грло крупна стока изнесуваше 12.000 денари за крава и 5 денари за литар млеко предадено во преработувачки капацитет. Оваа година во Програмата за 2025 година поддршката изнесува за грло 8.000 денари и 6 денари за литар предадено млеко во преработувачки капацитети“, истакна тој.
Посочи дека ако една крава има просечно лактација од 6.000 литри во текот на годината, ако се помножи 6.000 литри со 6 денари субвенција која што е предвидена во Програмата за 2025 година тоа се 36.000 денари. И кога на тие 36.000 денари се додадат и дополнителните 8.000 денари за грло крава се добива сума од 44.000 денари.
Министерот додаде дека според старата Програма субвенцијата изнесуваше 12.000 денари по грло и субвенција од 5 денари за предадено литар млеко, тогаш сточарите земале само 42.000 денари.
„Оваа година за првпат ја воведуваме мерката за оставено женско теле, односно можност за зголемување на основното стадо на секој еден фармер. Сумата која што ќе ја добие секој еден фармер за оставено женско теле е 3.000 денари дополнителна субвенција“, најави Трипуновски.
Тој нагласи дека Министерството визионерски работи на зголемување на сточниот фонд во Република Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Предлог-законот за енергетика усвоен во прво читање: „Суштински чекор во модернизацијата, либерализацијата и во зголемувањето на одржливоста на енергетскиот сектор во земјата“

Собраниската Комисија за европски прашања го прифати Предлогот на новиот Закон за енергетика во прво читање, со што започнува важен процес на усогласување на македонското законодавство со европската регулатива во областа на енергетиката, извести Министерството за енергетика.
Пред Комисијата, законското решение го образложи заменик-министерот Мирослав Лабудовиќ, истакнувајќи дека неговото донесување претставува суштински чекор во модернизацијата, либерализацијата и зголемувањето на одржливоста на енергетскиот сектор во земјата. Како што посочи, транспонирањето на директивите и регулативите од европскиот пакет за „чиста енергија“ ќе овозможи неколку клучни придобивки:
• Либерален, транспарентен и конкурентен пазар за електрична енергија, кој значи поголем избор, поквалитетни услуги и пофер цени за потрошувачите;
• Можност за промена на снабдувач без административни или финансиски пречки;
• Воведување паметни броила и подобра информираност на потрошувачите;
• Поддршка за нови концепти како потрошувачки-производители, енергетски заедници и активно управување со побарувачката.
Овој процес претставува дел од пошироките реформски приоритети на државата – зајакнување на институциите, енергетска безбедност, зелена транзиција, социјална праведност и подготовка за членство во Европската Унија, велат од Министерството за енергетика.
„Станува збор за обемен закон, целосно усогласен со европските норми. Транспонирањето на Четвртиот енергетски пакет носи повеќе бенефити. За стопанството тоа значи поголема конкурентност на пазарот, пониски цени на електричната енергија преку зголемена пазарна ликвидност и пристап до нови извори на снабдување. За граѓаните, ова значи поголема заштита на потрошувачите, можност за пофлексибилни тарифни модели и поголема транспарентност на пазарот. Дополнително, отвора простор за повеќе инвестиции во капацитети за складирање енергија, што е клучно за стабилноста на системот со оглед на растот на обновливите извори“, вели министерката Сања Божиновска.
Законот е во целосна согласност со Зелената агенда за Западен Балкан и европскиот Зелен договор, а со неговото усвојување Македонија ќе се приклучи на пазарот на електрична енергија на ЕУ и пазарот „ден однапред“. Според проценките, успешно спроведување на овие чекори може да донесе финансиски бенефити од 6,4 до 8,5 милиони евра
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини особено ја нагласува и важноста од преносот на МЕПСО под своја надлежност, со цел поефикасно и стручнo управување со клучната инфраструктура за пренос на електрична енергија, соопшти Министерството за енергетика.
Економија
Николовски: Годинава наплатени 13,6 милиони евра повеќе од лани

Наплатата на приходи остварени од Царинската управа во првото тримесечје годинава се поголеми за 13,6 милиони евра во однос на истиот период минатата година. До обвинителствата се поднесени 102 кривични пријави, или за повеќе од цел тригодишен период од 2020 до 2023 година кога биле поднесени вкупно 85 кривични пријави. Ова беа само дел од резултатите на Царинската управа кои ги презентираше денеска директорот на Царинска управа, Бобан Николовски по повод одбележување на 14 Април, Ден на Царинската управа.
Тој, исто така, кажа и дека во првото тримесечје се остварени 143 случаи на заплени или за 77 проценти повеќе во однос на минатата година. Притоа, мобилните царински тимови во овој период оствариле повеќе од 100 заплени што е еднакво на годишен просек на заплени споредбено од 2017 до 2023 година.
Директорот Николовски истакна дека тенденцијата на пораст на наплатата на приходи продолжи и годинава при што во првото тримесечје е остварена наплата од речиси 480 милиони евра или 13,6 милиони евра повеќе од истиот период минатата година. Притоа приходите од Царина се повисоки за 15,6 проценти, од акциза за 5,7 проценти, а од данок на моторни возила за 16,2 проценти.
По основ на извршени проверки и контроли од Секторот за контрола и истраги наплатени се 20 милиони денари, а донесени се и решенија за дополнителна наплата на износ од 5,7 милиони денари. Овие средства значат повеќе инвестиции за капитални проекти, за училишта, градинки, болници, патишта, повисоки плати и пензии, за поконкурентна економија.
„Ваквите резултати се должат на зголемени контроли и зголемена тимска работа и делување на ниво на институција, а не на поединци“, рече директорот Николовски.
Во првото тримесечје од годинава се остварени 143 случаи на заплени, или за 77 проценти повеќе во однос на минатата година кога бил остварен 81 случај на заплени.
„Преку спроведување на сериозни и темелни истраги влеговме во траг и откривме сериозни криминални мрежи. До Основно јавно обвинителство и до Основно јавно обвинителство за организиран криминал и корупција во 2024 година се поднесени вкупно 89 кривични пријави, против 46 правни лица и 122 физички лица. Овде особено сакам да ги истакнам резултатите во последните пет месеци, заклучно до седми април, период во кој нашиот тим од Одделението за истраги при Секторот за контрола и истраги поднесе 102 кривични пријави до Основното јавно обвинителство и до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција против 58 правни и 184 физички лица. За споредба во тригодишен период од 2020 до 2023 година биле поднесени 85 кривични пријави за цели три години. Анализирано на месечно ниво од 2016 година наваму во овие пет месеци имаме историски најмногу поднесени кривични пријави на месечно ниво“, истакна Николовски.
Притоа, како што рече, Царинската управа, преку Секторот за контрола и истраги, застана на патот и спречи разработена шема на организиран криминал со употребувани возила при што досега се поднесени 12 кривични пријави против 6 правни и 30 физички лица, при што дел од лицата се теретат за повеќекратно извршување на исти или слични дела.
Како доказ за посветеноста, додаде Николовски, се и случаите во кои беа запленети 188,6 килограми марихуана, уникатен златен накит со тежина од 1,7 килограми и вредност пола милион евра, околу 600 килограми анаболични стероиди, 6,4 килограми сребро.
„Особено би сакал да го истакнам и работењето на мобилните царински тимови кои покажуваат извонредни резултати. Во 2024 година мобилните царински тимови во рамки на Одделението за оперативни работи при Секторот за контрола и истраги остварија 193 заплени, од кои 136 се остварени во втората половина од годината. Уште повеќе, во 2025 година, остварија повеќе од 100 заплени што е на ниво на годишни остварени резултати споредбено во периодот од 2017 до 2023 година кога имало евидентирани заплени кои се движеле од 52 до најмногу 110 за цела година“, рече директорот.
Воедно истакна дека во моментов се реализираат инвестиции во вредност од 24,4 милиони евра кои се обезбедени од Светска банка, Република Кореја, од ЕУ како грант средства, како и од националниот Буџет.
Економија
Нови цени на горивата

Цените на горивата од ноќеска на полноќ ќе имаат нови цени, соопшти Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ).
Од 15.4.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 71,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 73,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 64,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 64,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 36,992 (денари/килограм)
Малопродажната цена на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-95 не се менува.
Малопродажните цени на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-98 и на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат за 0,50 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се намалува за 0,716 ден/кг и сега ќе изнесува 36,992 ден/кг.