Македонија
(Видео) Цветков до Дурмиши: Кој ќе преземе одговорност за дебаклот со мерките и штетата по џебот на граѓаните
Пратеникот на СДСМ, Борче Цветков, на денешната собраниска седница посветена на пратенички прашања упати прашање до министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, за тоа кој ќе понесе одговорснот во власта за дебаклот со мерките и така наречените „кошнички“ со што за осум месеци ги доведе граѓаните до работ на егзистенцијален колапс. Високи цени, погрешни мерки и стагнација на платите.
„Неспособноста и несериозните мерки на власта, за осум месеци ги доведе граѓаните до работ на егзистенцијален колапс.
Колеги пратеници од власта, не знам дали сте свесни, но секоја ваша нова мерка за наводна заштита на стандардот на граѓаните, не само што е задоцнета, туку и нема допир со реалноста и со она што значи вистинска потреба на граѓаните.
Осум месеци си играте со граѓаните, со нивната егзистенција. Осум месеци водевте инает, не прифаќате туѓи предлози како да се справите со предизвикот на високите цени на прехранбените производи.
Ветувавте подобар живот за граѓаните, ветувате грижа за се што ги засега. Што направивте?#, праша Цветков.
Според него, цените наместо надолу, вртоглаво пораснаа.
„Заради тоа што со вашите мерки им дозволивте на трговците да печалат на грбот на граѓаните.
Ги оставивте граѓаните сами да се снаоѓаат и да си да го решат проблемот, да ги бојкотираат маркетите, во услови кога од тој што треба – власта, не добија никаква заштита.
Да биде апсурдот поголем, најлицемерно вие министре Дурмиши и премиерот Мицковски, истите вие што ги донесовте погрешните мерки, го поддржавте бојкотот. Со тоа го признавте неуспехот на погрешните мерки. Но, паралелно го признавте успехот на Владата на СДСМ за креирање на економски политики и мерки“, нагласи тој.
Ја коментираше и најновата мерка за замрзнување на маржите.
„Во состојба на безидејност, моравте да прикажете дека нешто работите, па најлесно ви беше да ја ископирате мерката од 2022 година.
Министре, и оваа мерка во дадениов момент ви е задоцнета, парцијална и ќе даде минорни и нецелосни ефекти, кои нема драстично да ги почувствуваат граѓаните … Потрошувачката кошничка нема да биде којзнае колку поевтина, оваа мерка нема целосна да го санира веќе оштетениот семеен буџет.
Со претходните мерки како што рече Владата веќе дозволила цените да достигнат плафон, а дополнително, платите не растат.
„Вашиот премиер Мицковски предлага маркетите да ги објавувале цените на нивните веб-сајтови, а граѓаните сами да си споредуваат.
Ова е поигрување и потценување на интелигенцијата на народот, народот што ве гласал. Каква корист имаат граѓаните од тоа што ќе ги гледаат и споредуваат цените. Наместо конкретни решенија вие нудите „рецепти за експериментиж. Граѓаните скапо ја плаќаат вашата неспособност“, подвлече тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сали-Варнс: нагласена посветеноста на Владата кон спроведување реформи во јавната администрација и во судскиот систем
Првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со Вршителката на должноста амбасадор на Соединетите Американски Држави, Никол Варнс.
На средбата беше истакната важноста на стратешкото партнерство меѓу земјата и Соединетите Американски Држави, како и континуираната американска поддршка за демократските и развојните процеси.
Соговорниците разговараа за клучната улога на регионалната стабилност како предуслов за мир и одржлив развој.
Сали ја нагласи посветеноста на Владата кон спроведување реформи во јавната администрација и во судскиот систем, оценувајќи ги овие чекори како суштински за зајакнување на владеењето на правото, зголемување на транспарентноста и подобрување на услугите за граѓаните.
Двете страни ја реафирмираа подготвеноста за понатамошно продлабочување на билатералната соработка.
Македонија
Нова градска плажа, се реконструираат спортските терени, кејот на Вардар добива нов лик, најави Ѓорѓиевски
Кејот на Вардар добива нов лик и нова градска плажа, отворена за сите генерации, објави на социјалните мрежи скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски.
Тој информира дека со засилено темпо течат работните активности за уредување на кејот на реката Вардар, простор каде секојдневно се рекреираат илјадници граѓани и кој претставува едно од најважните урбани јадра на Скопје.
„Кејот е меѓу моите клучни приоритети и уште од првите денови по преземањето на функцијата градоначалник, започнавме со темелно чистење, со што конечно Вардар повторно тече по своето природно и нормално корито.
Денес, кејот го уредуваме со јасна визија за функционален и жив јавен простор.
Се реконструираат спортските терени за фудбал, одбојка на песок и баскет, се поставува нова урбана опрема и се создаваат модерни фитнес-зони на отворено. Во рамки на овој проект опфатени се и спортските терени во Маџир Маало, кои целосно ќе се унапредат и ќе се вратат во служба на заедницата.
На ова место градиме и современа градска плажа – безбедно, уредено и достапно катче за одмор, рекреација и дружење, кое ќе внесе нова енергија и живот покрај реката и ќе го доближи Скопје до европските урбани стандарди.
Инвестирањето во спортот е инвестирање во здрави навики, здрави млади и силно општество.
Искрена благодарност до министерот за спорт, Борко Ристовски, за поддршката и партнерскиот пристап, кои овозможуваат ваквите проекти да се реализираат брзо, квалитетно и во интерес на граѓаните.
Ова, почитувани, е само почеток.
Нашата визија е да создадеме современи, уредени и достапни спортски терени во сите општини на Град Скопје“, напиша Ѓорѓиевски.
Најавува како што вели, рамномерен развој, еднакви можности и активен, здрав живот за секој скопјанец, без разлика каде живее.
Македонија
Утре променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, на планините снег, од следната недела заладување
Времето утре, променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, пообилни во југоисточните региони. На повисоките планини врнежите ќе бидат од дожд и снег. Ќе дува умерен до засилен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 9, а максималната ќе достигне од 8 до 13 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремени врнежи од дожд, особено претпладне и кон крајот на денот. Ќе дува слаб до умерен северозападен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 7, а максималната ќе достигне до 12 степени.
ВРЕМЕТО ВО НАРЕДНИТЕ ДЕНОВИ
Времето утре ќе биде променливо облачно со слаб локален дожд. Долж Повардарието ќе дува умерен до засилен северен ветер. За време на викендот под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса ќе има врнежи од дожд кои повремено наместа ќе бидат пообилни (над 30 l/m2). Локално ќе има услови за појава на краткотрајно невреме со пороен дожд, грмежи и силен ветер. Во почетокот на следната седмица ќе има заладување и врнежи кои претежно ќе бидат од снег.

