Спорт
(Видео) Феенорд го победи Милан, Баерн триумфираше во Шкотска, Бенфика победи кај Монако
Фудбалерите на Феенорд, Баерн и Бенфика стекнаа предност пред реваншите за пласман во осминафиналето во Лигата на шампионите во дуелите со Милан, Селтик и Монако.
Феенорд на донашен терен го победи Милан со 1:0. Стрелец на голот во третата минута беше Игор Паишао.
Се чинеше дека фудбалерите на Милан подобро го започнаа овој натпревар откако Тијани Рејндерс имаше шанса на почетокот од третата минута, но веќе во следниот напад гостите ги шокираше Паишао.
Овој гол му оди на душа на голманот на Милан, Мајк Мењан, кој очајно реагираше по ударот на Бразилецот.
Во следните неколку минути Феенорд беше подобриот противник во играта и во тие моменти имаше можност дополнително да го казни грогираниот противник.
Кога Милан се опорави од раниот шок, успеа да воспостави рамнотежа на теренот и имаше поголем посед на топка, што не знаеше да го искористи на вистински начин.
Феенорд со директниот фудбал им правеше многу проблеми на играчите на Милан, а Паишао на почетокот од вториот дел ја погоди гредата.
Како што одминуваше времето играчите на Феенорд се определија да ја чуваат предноста, а Милан немаше сили да направи посериозен притисок.
Баерн во Глазгов славеше победа 2.1 над Селтик
Баерн имаше речиси сигурна победа во своите раце, но Селтик режираше драмата во последните 10 минути.
Тимот од Минхен ја контролираше играта во првото полувреме, поседот беше на нивна страна, имаа пет удари кон голот на Селтик, но само еднаш ја погодија мрежата.
Од друга страна, Селтик немаше ниту еден удар кон голот на Баерн.
Се играше 45. минута кога Баварците поведоа, Дајот Упамекано го проигра Мајкл Олисе за водство од 1-0.
Веднаш на почетокот на второто полувреме, Баерн ја удвои предноста, Џошуа Кимих му асистираше на Хари Кејн, кој рутински постигна гол за 2-0.
Селтик делумно се разбуди во вториот дел, но Баерн пропушти шанси да ја зголеми предноста.
Конечниот резултат го постави Дајзен Маеда во 79. минута и со тоа ја намали негативата на Селтик пред реваншот на Алијанц Арена.
Бенфика со минимален резултат победи на гостувањето кај Монако.
Првото полувреме мина без голови, но потоа на стартот од второто тимот од Португалија поведе.
Во 48. минута Вангелис Павлидис погоди и го доведе својот тим во водство од 1:0.
За работата да биде уште полоша за Монако, се погрижи во 52. минута Ал Мусрати кој го доби вториот жолт картон и беше исклучен.
Бенфика можеше и поубедливо да победи, целосно ја презеде иницијативата во вториот дел, но Монако одолеа на нападите.
Реваншите на програмата се во вторник.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Шкендија и покрај поразот во Ларнака се пласира во плејофот
Шампионот на Македонија, Шкендија, избори пласман во плејофот, во Конференциската лига. Вечерва Шкендија, доживеа минимален пораз во Ларнака, од АЕК (1:0), но некои од резултатите на останатите дуели беа во полза на екипата од Тетово, па на табелата го освои 22-то место.
Шкендија одигра добро прво полувреме во Ларнака, во кое во финишот, по интервенцијата од ВАР собата, му беше поништен гол на АЕК. Проблемите за Шкендија започнаа во 50-та минута кога Латифи доби директен црвен картон.
Со играч помалку, одбраната на Шкендија капитулираше во 82-та минута, кога единствениот гол го постигна Ангиелски.
Шкендија првата фаза ја заврпи со две победи, три порази и еден нерешен дуел и гол разлика 4:5.
Токму поради гол разликата зад Шкендија, со ист број на бодови Зрињски, Сигма Оломуц, Универзитатеа Крајова и Линколн.
Foto/ EPA/GEORGI LICOVSKI
Спорт
Аморим побарал да му донесет еден играч во Манчестер Јунајтед
Фудбалерот на Ал Хилал, Рубен Невеш, повторно е во центарот на вниманието, откако Рубен Аморим побара од Манчестер Јунајтед да го реализира неговиот трансфер во јануарскиот преоден рок.
Португалскиот тренер сака да го засили средниот ред со играч што добро го познава и го смета за клучен за неговиот проект.
Невеш моментално игра за Ал-Хилал. Желбата на играчот е да се врати во една од врвните европски лиги. На „Олд Трафорд“, веќе почнале да ги разработуваат сите можни сценарија.
Аморим и Невеш добро се познаваат и имаат одличен однос, што би можело да го олесни трансферот.
Исто така, самиот играч има желба да се врати во Европа, па сè укажува на тоа дека ќе се пресели на „Олд Трафорд“ оваа зима.
Foto/ depositphotos
Спорт
(Видео) Хојлунд го однесе Наполи во финалето на Суперкупот
Актуелниот италијански шампион Наполи, со победата 2:0, над бранителот на трофејот во Супер купот, Милан, избори пласман во финалето на ова натпреварување. Данскиот репрезентативец, Расмус Хојлунд го обележа првото полуфинале, на турнирот чии домаќин е Ријад.
Наполи не блескаше, но и тоа беше доволно да забележи сигурна победа над индиспонираниот Милан. Македонскиот репрезентативец Елиф Елмас, повторно беше стартер за тимот на Наполи, одигра солиден натпревар. На теренот беше до 77-та минута, кога на теренот влезе Ноа Ланг.
Инаку, првиот гол во 39-та минута го постигна Давид Нерез, по додавањето од Хојлунд. Брилијантната партија Данецот ја круниса со гол во 63-та минута.
Наполи в финалето го чека победникот од утрешното полуфинале меѓу Интер и Болоња.
Foto/ depositphotos

