Македонија
Мисајловски во Брисел потврди дека Македонија ќе продолжи да вложува 2 отсто од БДП за НАТО
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2025/02/misajlovski-NATO.jpeg)
Денеска во седиштето на НАТО во Брисел, министерот за одбрана Владо Мисајловски присуствуваше и се обрати на состанокот на Северноатлантскиот совет на Алијансата на кој присуствуваа министрите за одбрана на сите 32 сојузници.
На состанокот, министерот за одбрана се осврна на повеќе теми при што ја потврди намерата на нашата земја за континуирано вложување на 2 проценти од бруто-домашниот производ во одбраната што ја позиционираше нашата земја меѓу две третини од сојузничките земји кои ја имаат исполнето оваа заеднички донесена одлука во НАТО.
Министерот даде полна поддршка и во зацврстувањето на концептот за одбрана и одвраќање на НАТО преку исполнувањето на дефинираните цели на способности и континуираното вложување во модернизација и опремување. Тој истакна дека за оваа намена се одвоени над 32 проценти од македонскиот одбранбен буџет за 2025 година или над 106 милиони евра. Додаде дека НАТО треба да продолжи да работи заедно со Европската Унија на развој на одбранбените капацитети и се осврна и на македонскиот придонес кон колективната одбрана на НАТО.
Министерот му упати честитки на Пит Хегсет за преземањето на функцијата секретар за одбрана на САД.
Во попладневните часови, министерот Мисајловски ќе учествува и на состанокот на Советот НАТО – Украина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2022/08/makfax_logo_350px.jpg)
Македонија
Борисов: Зборовите на Мицкоски се апсолутна провокација
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2021/04/bojko-borisov.jpg)
Зборовите на македонскиот премиер Христијан Мицкоски се апсолутна провокација и на истите не треба да им се обрнува внимание.
Ова го изјави лидерот на ГЕРБ Бојко Борисов во врска со изјавата на Мицкоски во Собранието дека не гледа причина за вклучување на Бугарите во Уставот на Северна Македонија, јави БГНЕС.
Борисов истакна дека бугарското МНР одговорило соодветно на провокацијата, според медиумот.
Македонија
Потпишан е Меморандум за соработка меѓу РСМ НУ МНТ и ИУ ЕУРОПА ПРИМА
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2025/02/20250213_115141.jpg)
На денешната средба меѓу директорот на Македонски народен театар, Никола Кимовски, и Ректорот на факултетот на ИУ ЕУРОПА ПРИМА – Скопје, проф. д-р Александар Трајковски, во просториите на МНТ, се потпиша Меморандум за соработка меѓу двете институции.
Во согласност со изразената желба на двете институции за развивање партнерски односи, дефинирање на конкретни програмски активности, како и подобра соработка во областа на културата, се овозможува учеството на студентите од Универзитетот (како дел од нивната практична работа), за време на студиите во тековните проекти во МНТ.
Користење на просторниот капацитет на МНТ за подготовка и одржување на магистерски и дипломски испити, следење на претставите од тековниот репертоар на МНТ, од страна на студентите на Универзитетот, без финансиска надомест, како и користење на просторните и технички ресурси на Универзитетот за потребите на МНТ.
Двете институции со овој Меморандум, поставуваат основа за долготрајно партнерство и го препознаваат значењето на размена, едукација и промоција на младите таленти, како основа за понатамошен развој на културата и уметноста во државата.
Согласно Меморандумот за соработка, на 6 февруари со почеток во 19:00 часот, на малата сцена, се одигра претставата „Еволуцијата на распадот“ по „Отело“ на В. Шекспир во класа по актерска игра и театарска режија на проф. Дејан Пројковски. Режисер на претставата е Дамјан Димовски, а како композитор се потпишува Дарко Спировски.
Во „Еволуцијата на распадот“ играат: Илин Јовановски – Јаго, Тодор Стојковски – Касио, Бранко Михајлоски – Отело, Ѓорѓе Нешковиќ – Родриго, Леонида Гулевска – Дездемона и Илина Чонкова – Емилија.
ПР
Македонија
Го отпочнавме процесот на реформи и ветинг во партијата, најави ДУИ
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2025/02/42f5fd59-7129-4cf5-bf69-53684dcc5f06.jpeg)
Демократската унија за интеграција (ДУИ) денеска соопшти дека го отпочнува сеопфатниот процес на реформи и ветинг во партијата, предводени од претседателот на партијата Али Ахмети и раководството на партијата. Оваа иницијатива, како што велат, ја нагласува посветеноста на ДУИ за добро владеење и интегритет, поставувајќи нов стандард за политичките партии во регионот.
„Пратениците од ДУИ го отпочнаа процесот на реформи со проценка на ризик од корупција и го потпишаа Кодексот за добра пракса и интегритет на ДУИ. Овој кодекс е усогласен со Кодексот за добра практика на полето на политичките партии, усвоен со Резолуција на Венецијанската комисија и на Парламентарното собрание на Советот на Европа.
ДУИ покрај пратениците, решително продолжува со проширување овој процес на ветинг таргетирајќи ги сите високи партиски функционери, членовите на Претседателството на ДУИ и раководството на локалните партиски ограноци. Со стратешкиот акциски план ДУИ има за цел не само да го зајакне ставот на партијата против корупцијата, туку и да ја поттикне културата на интегритет во политичките процеси“.
Како предводник на овие реформи, ДУИ, додаваат од партијата, поставува преседан за другите политички партии.
Нагласуваат дека оваа иницијатива ја потврдува посветеноста на ДУИ за владеење на правото и ја демонстрира одлучноста на партијата за справување со корупцијата во сите сегменти.
„ДУИ е посветена на градење исклучителен институционален и личен интегритет“, изјави Али Ахмети, претседател на ДУИ. „Нашиот пристап е сеопфатен и добро планиран, со фокус на поединци со силен интегритет кои ќе ја бранат антикорупциската агенда и ќе го движат процесот на ветинг.
Преку стратешките акции и непоколеблива посветеност, ДУИ останува посветена и решителна да предводи реформи преку својот личен пример, со крајна цел да изврши значајни промени во партијата, како и во националната рамка на владеење“, се истакнува во соопштението.