Македонија
ДУИ најави сеопфатна партиска реформа и процес на ветинг

Демократската унија за интеграција (ДУИ) денеска најави отпочнување на сеопфатен процес на реформи и ветинг во партијата, предводени од претседателот на партијата Али Ахмети и раководството на партијата. Оваа иницијатива ја нагласува посветеноста на ДУИ за добро владеење и интегритет, поставувајќи нов стандард за политичките партии во регионот.
„Како дел од реформската стратегија, ДУИ спроведува конкретни механизми насочени кон зајакнување на транспарентноста и одговорноста во своите редови. Пратениците од ДУИ го отпочнаа процесот на реформи со проценка на ризик од корупција и го потпишаа Кодексот за добра пракса и интегритет на ДУИ. Овој кодекс е усогласен со Кодексот за добра практика на полето на политичките партии, усвоен со Резолуција на Венецијанската комисија и на Парламентарното собрание на Советот на Европа. ДУИ покрај пратениците, решително продолжува со проширување овој процес на ветинг таргетирајќи ги сите високи партиски функционери, членовите на Претседателството на ДУИ и раководството на локалните партиски ограноци. Со стратешкиот акциски план ДУИ има за цел не само да го зајакне ставот на партијата против корупцијата, туку и да ја поттикне културата на интегритет во политичките процеси“, велат од ДУИ.
Како предводник на овие реформи, ДУИ поставува преседан за другите политички партии. Оваа иницијатива ја потврдува посветеноста на ДУИ за владеење на правото и ја демонстрира одлучноста на партијата за справување со корупцијата во сите сегменти.
ДУИ е посветена на градење исклучителен институционален и личен интегритет“, изјави Али Ахмети, претседател на ДУИ. „Нашиот пристап е сеопфатен и добро планиран, со фокус на поединци со силен интегритет кои ќе ја бранат антикорупциската агенда и ќе го движат процесот на ветинг.
„Преку стратешките акции и непоколеблива посветеност, ДУИ останува посветена и решителна да предводи реформи преку својот личен пример, со крајна цел да изврши значајни промени во партијата, како и во националната рамка на владеење“, завршуваат од ДУИ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Христос воскресе објавено во полноќните литургии, црквите преполни со верници

Православните верници денеска го одбележуваат најголемиот христијански празник – Велигден, денот на Христовото воскресение, кога, според верата, Исус Христос ја покажал својата божествена сила победувајќи ја смртта.
Воскресението Христово беше објавено на полноќ во сите храмови на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, а денеска продолжуваат воскресенските литургии низ целата земја.
Поглаварот на МПЦ-ОА, г.г. Стефан, богослужеше во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје, каде ја објави радосната вест и упати велигденски пораки до верниците.
Оваа година, Велигден се совпаѓа и за католичките верници, што е реткост поради различните календари – јулијанскиот и грегоријанскиот. Последен пат празникот беше заеднички славен во 2017 година, а следното поклопување ќе биде дури во 2028 година.
Прославата на Велигден започнува уште од Величетврток, кога се бојадисуваат првите црвени јајца, симбол на Христовата крв и победата над смртта. Овој обичај потекнува од времето на светите апостоли, а според црковната традиција, се смета дека Марија Магдалена прва му подарила црвено јајце на римскиот император Тибериј, поздравувајќи го со зборовите „Христос воскресе!“
Јајцето, со својата црвена боја, потсетува на Христовата жртва, а поздравот „Христос воскресе – Вистина воскресе“ се користи сè до Спасовден, 40 дена по Велигден.
Македонија
Сончево и топло низ целата земја, температури до 27 степени

По нестабилностите од претходните денови, денес ќе има стабилизација на времето во целата држава. Ќе биде сончево и топло, со мала до умерена локална облачност, што нема значително да влијае на пријатниот временски амбиент.
Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец, што дополнително ќе придонесе за благи и пријатни температури низ земјава. Временските услови ќе бидат погодни за активности на отворено, прошетки и патувања.
Минималните утрински температури ќе изнесуваат од 5 до 11 степени Целзиусови, а максималните дневни температури ќе се движат од 19 до 27 степени Целзиусови.
И во главниот град не очекува сончев и топол ден, со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец, а температурите ќе бидат идеални за викенд-излети и дружења на отворено. Во Скопје минималата утринска температура ќе изнесува 8 степени Целзиусови, додека максималната дневна температура ќе достигне до 27 степени Целзиусови.
Македонија
Родителите на децата загинати во пожарот во Кочани: Живееме за да одиме на гробишта, да си помуабетиме со нашите деца

Обвинители, дали нашиот молк, тишината и тагата по нашите деца, кои се убиени, ви даде право да ослободите лица кои беа во притвор, а се соучесници во убиството на нашите деца, прашаа родителите на настраданите во пожарот во дискотеката „Пулс“ пред почетокот на денешниот трет протестен марш „Задоцнета реакција“ што се одржа во Кочани.
Точно во 12 часот и 5 минути учесниците на маршот тргнаа од Паркот на Револуцијата кон Трговскиот центар и кон општинската зграда, а оттаму кон полициската станица, Судот и Обвинителството во Кочани.
Нѐ прашува ли некој нас како ги минуваме деновите, какво е чувството да знаеш дека детето никогаш повеќе нема да се врати дома, да ги видиш неговите убави очи, неговата убава насмевка, да го слушнеш како се смее, да дочекаш уште еден Велигден со него. Живееме за да одиме на гробишта, да си помуабетиме со нашите деца, да им раскажеме колку тие недостигаат дома, вели Јулија Златкова, чиј син настрада во пожарот.
Вели дека протестите ќе продолжат се додека не биде задоволена правдата.
– Ќе продолжиме да излегуваме и да ги потсетуваме челниците на оваа скапана држава дека сме тука и до наш последен здив ќе ја бараме правдата за сите починати и повредените на 16. март, бидејќи ги закопавме нашите деца поради нечии грешки, поради тоа што некој бил корумпиран, поради тоа што ја злоупотребил својата функција за пари, за корист за личен бенефит. Нашите деца ги нема, но правдата мора да излезе на виделина, рече Златкова.
Пред општинската зграда родителите порачаа дека будно ќе ја следат работата на надлежните инспекциски служби, а в.д. градоначалникот Венко Крстевски им даде целосна поддршка истакнувајќи дека нема да бидат осамени во барањето правда, затоа што, како што рече, сите заеднички треба да го променат системот што е нефункционален.
На собирот пред Полициската станица семејствата на настраданите прашаа зошто полициските службеници кои последни беа вклучени во истрагата на Обвинителството се пуштени дома.
Тагата и револтот, родителите на загинатите во трагичниот пожар ги искажаа и пред Судот и Обвинителството, секој одделно споменувајќи го името на своето дете и плановите што ги имале за во иднина.
Протестниот марш заврши во Паркот на револуцијата, а присутните најавија дека ќе се одржува секоја сабота сѐ додека не ја добијат бараната правда за своите најблиски.