Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Намалувањето на средствата за МЗТ од Општина Аеродром е поради фактот што сегашното раководство работи многу подобро и обезбедува многу повеќе спонзори
„Колку и да сме сконцетрирани на претстојната завршница од Купот на Македонија, каде што сме подготвени да го дадеме последниот атом енергија за да дојдеме до 13-тиот трофеј во ова натпреварување, не можеме да ја премолчиме злоупотребата на МЗТ Скопје Аеродром во политички цели во момент и кој не е случајно избран. СДС денеска излезе со политички памфлет без никакви аргументи и само со конфузни прашања, во кој го споменува нашиот клуб, нешто што веруваме дека е со цел да внесе немир во нашите редови пред вечерашната четвртфинална пресметка со Работнички. Тоа не само што нема да се случи, туку нивните ниски удари ќе ни дадат дополнителен мотив да одиграме најдобро што знаеме за да победиме на спортското поле, кое е единствено на кои ние како клуб се натпреваруваме.Нивниот т.н. напад дека општина Аеродром наместо 24 милиони денари од нивно време сега за МЗТ дава двојно помала сума ја сфаќаме како пофалба на нашата работа изминативе години откако тие не се на власт“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Според нив, намалувањето на средствата е поради фактот што сегашното раководство работи многу подобро на терен и обезбедува многу повеќе спонзорски договори од приватни компании.
„Ваквата работа треба да биде пофалена, а не нападната, секако ако тоа се прави со чесни намери, а не од ситни политички побуди. СДС мора да знае дека вкупниот буџет на МЗТ е ист како и во годините претходно, дури и поголем од нивно време, но наша интенција е да бидеме што повеќе самоодржливи и да функционираме со средства кои самите ќе ги обезбедиме со макотрпна работа на терен, а не само да се чекаат парите од граѓаните, нешто што тие го правеа додека беа на власт во општината, а со тоа и во МЗТ. Тука несомнено е и поддршката од Министерството за спорт, кои наместо „ваучери“, даваат директна финансиска помош во спортските клубови, која помош се зголемува од година во година. Заврши времето кога општина Аеродром трошеше ијладници евра народни пари на ветар и магла. За потсетување, еден кубик даски во нивно време чинеше повеќе од 10.000 евра. Таквото расипништво ги однесе во опозиција, а судејќи по изјавите, сеуште не ги научиле грешките“, посочуваат од партијата и додаваат:
„Спортот е динамичен и интересен токму поради изненадувачките резултати, но тоа не значи испаѓање ниту, пак, крај на амбициите за играње со најдобрите во регионот и во елитните натпреварувања на ФИБА. Само спортски лаик може така едноставно да ги презентира работите, само за да мисли дека му е издржан политичкиот памфлет. МЗТ ниту е понижен, ниту неговите навивачи се прелажани. Играчите сѐ уште го оставаат срцето на паркет на секој натпревар, но за да го видите тоа треба да дојдете во сала, а не да се криете по штабови и да смислувате како да ѝ наштетите на „Гордоста на Аеродром“. На МЗТ дефинитивно му треба обединување на сите политички, партиски и останати субјекти. Еве ви уште денеска шанса за такво нешто. Наместо да читате празни памфлети исполнети со лаги и полувистини, дојдете во Гевгелија и помогнете им на нашите момци да го победат Работнички. Така ќе покажете дека навистина го сакате клубот, а не дека само бркате политички поени на него“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Променливо облачно и студено време со повремен снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно и студено, со повремени локални врнежи од снег во претпладневните часови. Попладне се очекува врнежите постепено да престанат.
Од Управата за хидрометеоролошки работи информираат дека ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Утринските температури ќе се движат од минус пет до два степена, додека дневните ќе достигнат од минус еден до пет степени.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно, претпладне со повремени врнежи од дожд и снег. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до минус еден степен, а максималната ќе достигне околу три степени.
Според најавите од УХМР, од почетокот на следната седмица се очекува стабилизирање на времето. Под влијание на поле на висок воздушен притисок, ќе преовладува суво и студено време, а на одделни места утринските температури ќе се спуштат и под минус десет степени.
Македонија
ДИК: До 19:00 часот гласаа 242 од пријавените 248 болни или немоќни лица во Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа
Државната изборна комисија информира дека до 19:00 часот денеска од вкупно 94 пријавени лица за гласање во казнено-поправните установи, гласале 45 лица. Од вкупно пријавените 248 болни или немоќни лица за гласање во четирите општини, Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа до 19:00 часот правото на глас го оствариле вкупно 242 лица. Две лица гласале во Центар Жупа, 66 болни или немоќни гласале во Маврово – Ростуше, 31 лице во Врапчиште и 143 лица во Гостивар.
Гласањето за сите овие категории на гласачи се одвиваше непречено и без никакви проблеми и недоследности, велат од ДИК.
ДИК известува дека резултатите од гласањето на болните, немоќните и лицата кои се на издржување казна затвор, не се објавуваат денеска посебно.
„Секое поединечно гласачко ливче е ставено во посебен затворен плик и во гласачките кутии и тие не се отвораат денеска. Броењето на овие гласови и објавувањето на резултатите од денешното гласање се врши заедно со резултатите од целокупното гласање на изборите утре по 19:00 часот, за секое избирачко место и секоја општина каде што се гласа“, стои во соопштението на Државната изборна комисија.
Македонија
Детален список: каде целосно ќе се забранат сите видови цигари со новиот закон за заштита од пушење
Државата подготвува целосно нов и значително построг Закон за заштита од пушење, со кој драстично се заоструваат правилата за употреба, продажба, рекламирање и промоција на тутунските и никотинските производи. Предлог-законот, изготвен од Министерството за здравство, попладнево беше прикачен на ЕНЕР и има за цел системска заштита на јавното здравје и намалување на една од водечките причини за смртност и хронични заболувања во земјава – пушењето.
Целосна забрана за пушење во речиси сите јавни и работни простори
Со предлог-законот се воведува целосна забрана за пушење на тутун, електронски цигари, загреан тутун и други никотински производи во:
1. Во објекти на здравствени установи, установи за социјална заштита, воспитно – образовни, културни и рекреативни установи и организации за физичка култура и спорт;
2. Пред влезови на објекти на здравствени установи, установи за социјална заштита, воспитно – образовни институции;
3. Во и пред објекти за престој и сместување на деца, ученици и студенти;
4. Во објекти каде се наоѓаат државни органи и органи на единиците на локалната самоуправа;
5. Во објекти и возила што претставуваат работни места;
6. Во сите видови јавен превоз, вклучувајќи патен, железнички, воздушен и воден превоз, жичари и ски-лифтови;
7. Во објекти на аеродроми, железнички и автобуски станици, езерски пристаништа;
8. На станици на градски и приградски јавен превоз;
9. Во приватно возило во присуство на дете;
10. Во објекти каде се вршат трговски дејности, пазари и саеми;
11. Во објекти на угостителски објекти за сместување дефинирани согласно одредбите од Законот за угостителската дејност, вклучувајќи ги основните угостителски објекти за сместување и комплементарните сместувачки објекти ;
12. Во објекти на угостителските објекти за исхрана, дефинирани согласно одредбите од Законот за угостителската дејност, вклучувајќи ресторани, барови, национален ресторан – меана, кантини и други угостителски објекти за исхрана;
13. Во заеднички простории на станбени згради и заеднички делови на станбена зграда (светларници, лифтови, заеднички котларници и слично) утврдени со закон;
14. Во објекти на полициски станици, казнено-поправни и воспитно-поправни установи.
15. Во објекти на приредувачи на игри на среќа, дефинирани согласно одредбите од Законот за игри на среќа
16. Во и пред објекти кадешто се приредуваат забавни и рекреативни дејности за деца (како игротеки за деца и приватни установи за грижа на деца).
„Во објектите и просториите, одговорното лице на правното лице е должно да постави ознака за забрана на пушење и да обезбеди контрола на спроведувањето на забраната за пушење“, пишува во предлог-законот.
Дозвола за пушење ќе има исклучиво на строго дефинирани отворени простори, кои мора да бидат физички одделени, отворени од најмалку три страни и без стаклени, пластични или најлонски прегради.
Драстични ограничувања за рекламирање и промоција
Предлог-законот предвидува целосна забрана за директно и индиректно рекламирање и промоција на продажбата на тутун, и други производи што содржат тутун и/или никотин.
Посебно внимание се посветува на медиумската и уметничката содржина. Прикажувањето на пушење во филмови, серии, телевизиски програми, видеоигри и интернет содржини ќе биде строго ограничено, а дозволено само во случаи кога е неопходен дел од уметничката концепција за возрасна публика, и тоа со задолжителна здравствена порака дека пушењето е штетно.
Забрана за ароми и вкусови – крај за ментол и овошни никотински производи
Една од најстрогите одредби се однесува на целосна забрана за производство, увоз и продажба на тутунски и никотински производи со ароми и вкусови. Ова ги опфаќа и електронските цигари, течностите со и без никотин, загреаниот тутун и бездимните производи.
Според предлогот, ваквите вкусови директно ги таргетираат младите и ја зголемуваат веројатноста за рано создавање зависност од никотин.
Строги правила за продажба и изложување
Со новиот закон се забранува продажба на тутунски производи на парче, преку автомати, самопослужување и онлајн. Тутун и никотин нема да смеат да се продаваат во угостителски објекти, на плажи, пазари, саеми и за време на јавни настани.
Изложувањето на цигари и други производи на видливо место во продавниците ќе биде забрането. Тие ќе мора да се чуваат во затворени шкафови.
„Шкафовите за складирање треба да бидат конструирани на таков начин што ќе се спречи визуелното прикажување на тутунските производи кон потрошувачите кога шкафовите се отворени. Шкафовите за складирање на тутун, и други производи што содржат тутун и/или никотин, како и уреди за консумирање на тутун и никотин, не смеат да имаат надворешно осветлување и треба да бидат во боја што не го привлекува вниманието на посетителите“, се вели во предлог-законот.
Високи казни и затворање објекти
Надзорот над спроведувањето на одредбите од овој закон го вршат Државниот пазарен инспекторат, Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Државниот просветен инспекторат, Државниот инспекторат за труд, Министерството за внатрешни работи и Управата за извршување на санкции, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, во согласност со надлежностите утврдени со закон.
Предлог-законот предвидува високи парични казни – од 2.000 до 5.000 евра за правни лица, до 2.000 евра за одговорни лица и до 300 евра за физички лица. Инспекторите ќе имаат овластување да изречат и привремена забрана за вршење дејност – до три месеци за правни лица кои не ја почитуваат забраната за пушење.

